Скопје круг 2018
Викендов се одржа уште една кружна трка под организација на АКК Примо авј, со што официјално се затвори сезоната за календарот на кружни патеки
Под името Скопје круг ноември 2018, викендов се одржа уште една кружна трка на веќе познатата патека лоцирана на бул. Гоце Делчев, во делот меѓу Судска Палата, Скопски Саем и хотел ВИП. Со оваа трка официјално се затвори сезоната на кружни трки во земјава.
Овој пат оваа трка имаше хуманитарен карактер, така што сите средства кои беа собрани од овој натпревар, се донираа за децата од детското СОС село.
Скопје круг 2018 беше под организација на АКК Примо авј, кои за прв пат остварија соработка со официјалниот импортер на Renault во земјава, Automotive Group. Тие во склоп на трката се претставија со свој штанд, каде ни ги промовираа тркачките автомобили од Twingo Cup.
За оваа цел, посебен гостин на неделниот настан беше првиот шампион на Twingo Cup, словенецот Боштјан Авбељ, кој со своето Renault Twingo извозе неколку репрезентативни круга.
Трката броеше околу 30тина натпреварувачи, меѓу кои покрај домашните, имаше и гости од странство.
Саботата (17.11) беше резервирана за тренинзи кои поминаа во прилично добар ред, со едно извртување на Мики Тодоров.
Денес (18.11) беше денот за трка, каде со своите Zastava Yugo, Ристо Вуков го освои првото место во Дивизија 1, додека пак на второто се најде Филип Василевски, а третото му припадна на Александар Стојанов.
Во Дивизија 2, Давид Малинковски со својата Opel Astra го зазема првото место, второто му припадна на Југослав Милошевски и неговата Opel Corsa, а третото на Бојан Петрушевски и неговиот VW Golf.
Како и во првата, така и во Дивизија 3, на првите три места преовладуваа легендарните Југовци, па така Филип Џуклески го освои првото место, на втората позиција се најде Боривоје Гајиќ, додека пак третото место го освои Орхан Амет.