Smart #5 доби Brabus верзија со 637 КС

Smart официјално го претстави новиот #5 Brabus – најмоќниот и најексклузивниот модел во својата гама, пред неговото деби на Саемот за автомобили во Шангај. Овој електричен SUV со високи перформанси е наменет за повеќе меѓународни пазари и претставува значаен чекор напред за брендот што во минатото беше препознатлив по малите градски возила.

Smart #5 Brabus

Агресивен дизајн и препознатлив Brabus изглед

Дизајнот на Smart #5 Brabus се надоврзува на стандардната верзија, но внесува низа визуелни и технолошки надградби што го издвојуваат. Надворешноста вклучува 21-инчни Brabus Monoblock тркала во две бои, црвени детали и спортски шепи за сопирачките, како и видливи Brabus ознаки што најавуваат дека станува збор за нешто посебно. Агресивниот дизајн, во комбинација со мускулестите линии, јасно сигнализира дека овој SUV е насочен кон перформансите.

Во внатрешноста, Smart понудил луксуз и напредна технологија во изобилство. Возачот има на располагање дигитална инструмент табла од 10,3 инчи и два централни екрани од по 13 инчи. Воланот е обложен со Alcantara и носи осветлено Brabus лого, додека седиштата се изработени од микрофибер и Dinamica материјали, со црвени декоративни шевови. Предните седишта нудат греење и вентилација, додека патниците на задната клупа исто така добиваат греачи. Целата кабина е дополнета со панорамски стаклен кров, спортски педали и амбиентално осветлување во 256 бои.

Звучната атмосфера ја комплетира премиум аудио системот Sennheiser со 20 звучници и повеќе од 2.000 вати моќност. За дополнителна доза на динамика, Smart вгради и „Brabus режим“ што симулира моторни звуци за поавтентично возачко доживување.

Моќни перформанси и брзо полнење

Под алуминиумската каросерија се крие погонски систем со два електромотора и вкупна моќност од 637 коњски сили (475 kW), што му овозможува на #5 Brabus да забрза од 0 до 100 км/ч за само 3,8 секунди. Батеријата со капацитет од 100 kWh обезбедува досег од 540 километри според WLTP циклусот, а благодарение на можноста за брзо полнење со 400 kW, капацитетот може да се надополни од 10 до 80 проценти за само 18 минути.

Smart #5 Brabus

Продажбата на Smart #5 Brabus во Германија започнува на 24 април, со почетна цена од 60.900 евра. Овој модел претставува нова ера за брендот Smart – ера во која малите димензии не значат отсуство на моќ, перформанси и престиж.

Поврзани вести

Back to top button