fbpx

Smart го откри името и изгледот на новиот електричен кросовер

Компанијата Smart го откри името на својот нов електричен кросовер кој ќе се нарекува #1, а покрај тоа откри и неколку фотографии од истиот

Smart помина низ опширна реорганизација на брендот, па така компанијата сега е заеднички потфат на Mercedes-Benz и Geely во 50-50 сопствеништво, а нивното партнерство започнува со новиот електричен кросовер на Smart кој добива мошне необично име и ќе се нарекува #1. Автомобилот ќе биде лансиран подоцна оваа година.

Smart #1

Електричниот кросовер на Smart со своето име го поставува тонот на престојната серија на возила кои ќе се продаваат во Европа и Кина во блиска иднина. Дизајниран во соработка со глобалниот дизајнерски тим на Mercedes-Benz, новиот модел треба да претставува трендсетер на пазарот. Името ја следи алфанумеричката конвенција на именување која е популарна со останатите електрични возила, а користењето на „хештег“ симболот е „евокација на трендсетингот во дигиталната ера“, велат од Smart.

Smart #1

Smart #1 е прикажан на тизер фотографии во кои носи камуфлажа, но забележителни се сличностите со #1 концептот. Решетката сега е претопена во каросеријата, а предницата добива и мали отвори за воздух пред тркалата. Завршетокот на задната врата сега добива помека форма во однос на концептот.

Одлични аеродинамички одлики

Производителот исто така откри дека #1 има коефициент на воздушен отпор од само 0.29, што треба да овозможи и поголем опсег на движење. Оваа аеродинамична ефикасност доаѓа како резултат на сокриените рачки од вратите и елегантната форма.

Smart #1

Дизајнот не е резултат само на аеродинамиката, туку исто така ја прикажува дизајнерската филозофија на Smart која е наречена „Sensual Producty“. Инаку, Smart го искористи зимското тестирање за да додаде некои паметни карактеристики. Имено, батеријата доаѓа со поставка за претходно загревање со цел да се оптимизира ефикасноста на полнењето како и оптималната работна температура кога возилото е во движење. Целосно електричниот погон е поддржан од робусниот ESP систем од Bosch со цел да се осигура комфорт во возењето, стабилност во управувањето и сопирачки перформанси кога временските услови не се баш идеални.

Новите тизер фотографии не го откриваат изгледот на Smart #1, а исто така не се откриваат ниту погонските детали за електричниот кросовер. Она што е познато е дека возилото е поставено на Sustainable Experience архитектурата на Geely која поддржува 800-волтна технологија и до три електромотори.

Поврзани вести

Back to top button