Според документите за Stellantis, PSA ја купува FCA
PSA и FCA се во завршната фаза од спојувањето по што ќе се формира четвртиот најголем производител на светот Stellantis, но целиот процес крие една тајна
Интересен податок се појави, а е поврзан со спојувањето меѓу FCA и PSA, чиј конечен резултат треба да биде Stellantis, четвртиот најголем производител на светот. Како што веќе имаме пишувано, спојувањето не е баш наједноставна работа, бидејќи за такво нешто е потребна долга процедура, која на крајот мора да мине и низ одобрување од страна на Евроската унија, пред се за заштита на конкуренцијата. Но, она што е интересно е дека всушност тука воопшто не станува збор за спојување, туку за купување, а PSA ќе биде доминантниот партнер во целата приказна. Барем така велат официјалните документи.
Имено, медиумите успеаја да дојдат до 714 страници од правни документи исполнети со зборови како приход, акции, дивиденти и фрази како профит и загуба и капитални расходи. Документите навистина се исполнети со секакви технички фрази и зборови, но исто така се и поделени во неколку сектори за инвеститорите да можат полесно да го сфатат. Еден од тие сектори е конечниот исход, а во истиот може да се прочита следниот пасус:
„Спојувањето ќе се смета за користење на аквизицискиот метод на пресметки во согласност со IFRS 3, деловни комбинации, кој бара идентификација на стекнувачот и стекнатиот за сметководствени цели. Врз основа на проценка на индикаторите според IFRS 3 и разгледување на сите релевантни факти и околности, управите на FCA и PSA утврдуваат дека PSA е аквизитор за сметководствени цели и со тоа, спојувањето се смета како обратна аквизиција“.
Ова тврдење е поддржано и со тоа записот дека шест од 11-те членови на бордот на Stellantis ќе бидат поврзани со PSA. Со ова, FCA е малцинство, а првиот извршен директор на Stellantis ќе биде актуелниот шеф на PSA групацијата, Карлос Таварес.