SSC го претстави хиперавтомобилот Tuatara со 1.750 КС
Компанијата SSC по една деценија конечно го претстави својот хиперавтомобил под името Tuatara кој развива импресивни 1.750 коњски сили
SSC Tuatara мина долг пат до своето производство, откако првично беше најавен пред речиси една деценија, но различните потешкотии го одложија производството, а со тоа и испораката до купувачите. Меѓутоа, тоа се промени минатата година кога компанијата SSC односно Shelby SuperCars го покажа својот прв продукциски автомобил на Саемот за автомобили во Филаделфија. Тоа е воедно и првиот од 100-те примероци на суперавтомобилот Tuatara, кој своето име го доби по ендемскиот вид на гуштер кој живее во Нов Зеланд.
Автомобилот се напојува со 5,9-литарски V8 twin-turbo мотор кој развива до 1.750 КС, а таа моќност се пренесува до тркалата со помош на роботизираниот CIMA седумстепен менувач кој ги менува степените на брзина за помалку од 100 милисекунди. Автомобилот е тежок 1.247 килограми, а коефициентот на воздушен отпор изнесува 0.279. Кога станува збор за димензиите, Tuatara е долг 442 сантиметри, широк е 200 cm, висок 110 cm, а меѓуосовинското растојание изнесува 267 cm. Автомобилот е поставен на 20-инчни тркала.
Каросеријата е изработена од карбонски влакна, како и монококна шасија. На дизјанот и аеродинамиката на овој автомобил работеше Џејсон Кастриота кој се потпишува на дизајните на моделите на Ferrari и Maserati. Maserati. Посебен впечаток на целиот дизајн му даваат и дијателарните врати кои се отвораат нагоре со помош на копче и се активираат хидраулично.
SSC ќе произведе ограничен број на Tautara возила
Во внатрешноста се наоѓа инфозабавен систем со екран чувствителен на допир, клима-уред, врвен аудио систем, специјален управувач… Споменатиот екран овозможува пристап до режимите за возење, дијагностика на возилото, забавниот систем и слично. Зад управувачот се наоѓаат копчиња за промена на степенот на брзина, а на самиот управувач е и светлосниот индикатор.
SSC ќе произведе само 100 примероци од хиперавтомобилот Tuatara. Цената засега не е објавена, но се шпекулира дека истата ќе изнесува неверојатни 1,3 милиони долари. Ова е важен модел за SSC бидејќи е наследник на моделот SSC Ultimate Aero, некогашниот сопственик на Гинисовиот рекорд за најбрз автомобил. Таа титула му ја „украде“ Bugatti Veyron Super Sport. Според информациите, Tuatara наводно може да достигне брзина од вртоглави 483 километри на час.