Stellantis ги раскинува договорите со дистрибутерите
Групацијата Stellantis објави дека раководството одлучи да ги откаже договорите кои поединечните брендови ги имаа со дистрибутивните мрежи во Европа
Со формирањето на групацијата Stellantis, како и назначувањето на Карлос Таварес на чело на новиот ентитет во автомобилската индустрија, големите работни промени и крупните одлуки станаа нешто сосема вообичаено. Најнова ваква одлука во низата е раскинување на договорите со сите дистрибутери во европската мрежа за сите брендови на Stellantis, а се со цел за реструктуирање на продажниот модел.
Според најновата одлука, дистрибутерите ќе мораат да ги прифатат новите услови и критериуми. Така, почнувајќи од следниот месец, ќе започне да тече двегодишниот преоден период кој е одреден со договорот за застапување, со што и дистрибутерите ќе имаат доволно време да ги прилагодат своите идни активности.
Stellantis им вети на инвеститорите повеќе од 5 милијарди евра во годишни заштеди со спојувањето на FCA и PSA, а 7 проценти од очекуваните синергии ќе доаѓаат од заштеда на продажните операции и општите трошоци.
Ова реструктуирање пристигнува поради фактот што производителoт се обидува да ги предвиди новите регулаторни промени за продажба на автомобили во ЕУ. Компанијата исто така мора да се приспособи на промените во дистрибуцискиот модел што ги носи електрификацијата и зголемувањето на онлјан продажбата, стои во соопштението.
Се уште е нејасно дали овој процес ќе донесе намалување на мрежата на Stellantis во Европа.
„Ние ќе работиме со претставниците на мрежата со цел да поставиме вистински критериум врз кој ќе градиме перформансна мрежа во 2023 година. Новата дистрибутивна мрежа ќе биде формирана кратко по истекот на рокот од две години, додека критериумите за избор ќе бидат објективни и ќе се однесуваат на клучни фактори“, велат од групацијата.