fbpx

Стирлинг Мос го извозе последниот круг и замина во легендите

Легендарниот британски возач на Formula 1 го напушти овој свет на 91-годишна возраст, кој ќе остане запаметен поради своите способности зад управувачот

Една вистинска легенда на авто-мото спортот го напушти овој свет и замина меѓу легендите. Стирлинг Мос, човекот кој беше и кој ќе остане синоним за „вистински“ возач во најбрзиот циркус на планетата, агресивен џентлмен, ја загуби долгата и најважната битка во животот, откако и подлегна на болеста со која се бореше долго време на 91-годишна возраст.

„Тоа беше еден круг премногу за него, само ги затвори очите“, кратко и поетично неговата сопруга ја објави тажната вест. Англискиот автомобилистички ас е роден во 1929 година во Лондон, а во светот на Formula 1 зачекори во 1951 и се натпреваруваше се до 1961 година, притоа славејќи на 16 од вкупно 66-те трки кои ги возеше за овој период. Дури 24 пати успеа да се искачи на подиумот, а интересно е што дури четири пати беше второпласиран во шампионатот и мораше да се задоволи со вицешампионската титула, бидејќи за жал никогаш не успеа да стане шампион.

Стирлинг Мос

Првата трка во својата кариера ја извозе во 1948 година на само 18-годишна возраст во Cooper 500. Мос во 1955 година стана првиот Британец со победа во Formula 1, а возеше за Mercedes во тандем со легендарниот Хуан Мануел Фанџо. Таа 1955 година победи и во легендарната трка Mille Miglia во Италија. Возејќи Mercedes-Benz 300 SLR Стирлинг Мос постави нов рекорд и беше побрз од Фанџо за цели 32 минути. Покрај сето ова, тој има и две втори места на легендарната трка 24 часа Ле Ман.

Набрзо откако се прости од Formula 1 шампионатот, веќе во 1962 година, на Goodwood доживеа тешка несреќа по која еден месец мина во кома, а дури половина година беше делумно парализиран. Тоа не го спречи во својата намера да го прави она што најмногу го сака, а тоа е да вози, но за жал не во натпреварувачка смисла.

Стирлинг Мос

Поврзани вести

Back to top button