fbpx

Subaru го претстави Solterra електричниот кросовер

Јапонската компанија го претстави својот прв целосно електричен модел наменет за масовна продажба, наречен Solterra

Subaru и Toyota започнаа соработка на нов модел по двете генерации на BRZ и 86 спорт купеата, со нивните први електрични возила за масовна продажба. По презентацијата на Toyota bZX4 кон крајот на минатиот месец, сега дојде редот и на Subaru да ја претстави својата верзија наречена Solterra, чие име е комбинација на латинските зборови за сонце и земја.

Subaru Solterra

Без изненадување, силуетата на Solterra изгледа исто како и bZX4 со исклучок на неколку ситни, козметички разлики како што се задните светла, дизајнот на предниот браник, затворената решетка, округлите магленки и секако беџовите. И покрај сличностите, Solterra се одликува со изглед со кој сигурно ќе се истакнува меѓу конкурентите. Истиот рецепт е применет и за модерниот ентериер, со големиот инфозабавен систем и дигиталниот инструмент кластер, а двата модели би требало да се разликуваат преку тримот и опциите за бои.

Иако Solterra, исто како и bZX4, е официјално наречен прототип, сепак покрај неколкуте регионални промени кои ќе треба да се направат зависно од регулативите на пазарот, моделот е 99,9 проценти подготвен за производство и ќе го задржи овој изглед.

Две варијанти

Поставен на e-TNGA посветената електрична архитектура која Toyota ја разви заеднички со Subaru, севкупните димензии на Solterra изнесуваат 4.690 милиметри во должина, 1.860 ширина, 1.650 милиметри висина, додека меѓуоскиното растојание е поставено на 2.850 милиметри.

Solterra ќе се нуди во две варијанти. Моделот со погон на предните тркала ќе пристигне со единечен електромотор кој испорачува 204 КС, додека опцијата со погон на сите четири тркала добива по еден електромотор на секоја оска и испорачува вкупна моќност од 218 КС. Во Јапонија, двата модели добиваат 71,4 kWh литиум-јонска батерија која на FWD верзијата и овозможува опсег од 530 километри, додека AWD варијантата ќе има опсег на движење од 460 километри.

Subaru Solterra

Од Subaru истакнуваат дека електричниот кросовер ќе се најде во продажба на глобално ниво почнувајќи од средината на 2022 година, а цените ќе бидат објавени како што ќе се наближува почетокот на продажбата.

Поврзани вести

Back to top button