Tesla бележи огромен интерес за Cybertruck
Американскиот производител на електрични автомобили Tesla наскоро на пазарот ќе го понуди својот Cybertruck пикап кој има навистина контроверзен изглед
И покрај својот несекојдневен изглед и малиот „инцидент“ кој настана на презентацијата на возилото и фамозната сцена со „нескршливото“ стакло, Tesla Cybertruck бележи се поголем број на преднарачки. Потребно е да се нагласи дека преднарачката само го покажува интересот за евентуалната нарачка на возилото и бара депозит од само 100 американски долари. Според податоците кои се најдоа на интернет преку Cybertruck Owners Club, Тesla наводно има повеќе од 622.000 преднарачки за својот контроверзен пикап.
Тоа значи дека овој пикап на Tesla бележи огромен интерес кај потенцијалните купувачи, бидејќи само за пример, Model 3 за шест месеци откако беше претставен дојде од 519.000 преднарачки. На основа на податоците кои се појавија на интернет, може да се види дека најголем број заинтересирани има за варијантата со два електромотори (49,73 проценти), по што следуваат оние кои ја посакуваат верзијата со три мотори (42,44 проценти) додека остатокот отпаѓа на оние кои би биле задоволни и со еден електромотор.
Кога станува збор за распореденоста на заинтересираните според земјите, секако предничи САД со 396.300 преднарачки. Следува Канада со 53.924, потоа Австралија со 16.883 заинтересирани потенцијални купувачи. Во Европа за Tesla Cybertruck најмногу се интересираат во Велика Британија (7.133), но интересно е дека во Топ 10 земјите со најголем број на преднарачки е и Исланд чии граѓани испратиле 2.283 барања.
Инаку, Елон Маск кон крајот на февруари потврди дека серискиот Tesla Cybertruck ќе мине низ одредени промени во визуелна смисла и дека нема да изгледа целосно исто како моделот кој беше претставен на официјалната презентација.