fbpx

Tesla Gigafactory во Германија се соочува со нови проблеми

Плановите на Tesla за изградба на Gigafactory крај Берлин би можеле да бидат загрозени ако работите не започнат до средината на март

Според германската еколошка регулатива, проектот во Гринехајд би можел да биде одложен на девет месеци доколку работите на Gigafactory не започнат пред периодот на парење на локалните диви животни оваа пролет, вели министерот за економија на покраината Бранденбург, Јерг Штајнбах.

„Тоа би била ситуација во рамки на која сум многу скептичен во врска со тоа дали Tesla може да се држи до своите планови“, изјави Штајнбах, додавајќи дека американскиот производител треба да приложи убедлив предлог за да се вклопи во локалните еколошки барања и да добие одобрување за проектот.

Првиот човек на Tesla, Елон Маск, неодамна се обиде да ги смири загрижените локални жители околу користењето на водата, бидејќи фабриката, која е лоцирана во шума, се потпира на природен резерват и неговите ресурси. Токму тука лежи еден од бирократските предизвици поврзани за предложената Gigafactory, која претставува прв голем напад на американскиот производител на германскиот автомобилски „естаблишмент“.

Доколку се решат работите со бирократијата и се обезбедат финансиите, фабриката би можела да испорачува 500.000 автомобили годишно и ќе вработува 12.000 работници. Ова секако претставува сериозен предизвик за гигантите како VW групацијата, Daimler и BMW.

Tesla има време да ги заврши сите процедури

Работниците веќе поминаа дел од шумата со површина од 150 фудбалски игралишта, отстранувајќи ја заостанатата муниција од Втората светска војна, тврди градоначалникот на Гринехајд, Арне Кристијани. Доколку Tesla ја поднесе соодветната документација во деновите кои доаѓаат, шумската сеча би можела да стартува кон средината на февруари, што е доволно време за сите работи да се завршат пред сезоната на парење на животните, изјави Кристијани.

„Постојат правила кои мораат сите да ги почитуваат“, изјави тој. „Сепак, и понатаму сме оптимисти дека се ќе биде завршено на време“. Tesla блиско соработува со групата за заштита на животната средина, со цел да ја намали штетата по дивиот свет, изјави Кристијани, додавајќи дека е изненаден што некои се противат на целиот проект.

Со цел да се решат некои од најнепосредните проблеми, американскиот производител на електрични автомобили кон почетокот на овој месец испрати советници во канцеларијата во центарот на Гринехајд, со цел да одговорат на прашањата поврзани со проектот.

Поврзани вести

Back to top button