Tesla лансира мал хечбек со пониска почетна цена
Според информациите кои ги пренесуваат голем број медиуми, прашање на време е кога Tesla ќе лансира нов, поевтин и достапен електричен автомобил
Tesla во своите планови има неколку нови модели кои се уште се немаат појавено на пазарот. Станува збор за популарниот Tesla Cybertruck, новата генерација на Roadster и Tesla Semi. Сепак, тука исто така се споменува и помал и поевтин Tesla автомобил, веројатно компактен хечбек, кој би бил влезен модел во поставата на Tesla и ќе има цена од 25.000 долари.
Американскиот производител веќе добива рекордни нарачки и сите модели се распродадени однапред, со што не може да постигне во производството за да ја задоволи побарувачката. Јасно, пласирањето на нови модели на пазарот во овој момент ќе ја направи ситуацијата уште потешка.
Сепак, Tesla прави напори да се зацврсти како водечка светска марка за електрични возила, а со оглед на жестоката конкуренција од етаблираните производители, особено во Европа, потребно е да се направи нешто ново. Пресудно за продолжувањето на успехот на американската компанија во следните години ќе биде токму воведувањето на овој мал и пристапен електричен компактен хечбек со поголема автономија на движење, кој би бил конкуренција на VW ID.3, Nissan Leaf и Kia e-Niro.
Според британски Autocar, oвој модел треба да се појави во продажба од 2023 година. Новиот Tesla хечбек ќе биде пресвртница за компанијата која ќе се пренасочи од премиум ЕВ секторот и во подостапната територија, со што ќе се надоврзе на успехот на компактниот Model 3 во Европа, каде постојано се вметнува меѓу најдобро продаваните електрични автомобили.
Пониска цена поради новата технологија
Цената од 25.000 долари, или околу 20.000 евра, ќе биде овозможена од новиот вид на технологија на батериите која е развиена од страна на Tesla, а за која се тврди дека ги намалува производствените трошоци за 50 проценти во однос на сегашните методи, истовремено нудејќи пет пати повеќе енергија и до 16 проценти поголем опсег на движење по полнење.
Технологијата за првпат детално беше претставена на Tesla денот на батерии минатата година, а сериското производство на новопроектираните батерии ќе стане возможна веќе следната година, наведува компанијата. Производството би можело да чини само 90 евра по kWh, значително помалку во однос на цената во моментов.
Како резултат на сето тоа, новиот влезен модел во понудата на Tesla ќе нуди врвна конкурентност, а опсегот на движење, според зборовите на Маск, не би требало да биде помал од 400 километри, дури и според ноторно строгиот EPA циклус. Останува да се види дали Tesla ќе го понуди овој хечбек со помала батерија од 50 KWh, но варијантата со пократок домет би можела на Tesla да и понуди влезна точка на се поконкурентниот пазар на урбана мобилност. Врвната верзија на долгиот домет би можела да се поклопи со дометот од 566 километри како кај Model 3.
Досега, Tesla не го прецизираше конечниот облик и името на моделот, но веројатно ќе има некаква сличност со Model 3, па неговиот назив многу веројатно ќе биде Model 2.