Тест BMW 220 Gran Coupe: Спортска елеганција во компактна форма

Баварската компанија не прави компромиси кога станува збор за имиџот и динамиката, па така и новата генерација на серијата 2, во  Gran Coupe изведба пристигнува на сцена со поагресивен изглед, понапредна технологија и внимание кон секој детаљ. Овој модел е повеќе од само влезен билет во светот на BMW седан моделите, напротив, тој е вистински доказ дека и компактната класа може да понуди целосно премиум искуство.

Самоуверен и динамичен

Уште на прв поглед станува јасно дека BMW одлучилa да ја засили спортската компонента на моделот. Новата маска на ладилникот е поставена поистакнато од порано, со изразито тродимензионален ефект, што му дава на предниот дел нагласена самоувереност. Обликот на поклопецот од моторот е збогатен со остри линии кои визуелно го водат погледот директно кон централно поставениот заштитен знак на марката. Овој пристап делува како природна еволуција на дизајнерскиот јазик на брендот, особено кога се вкомпонирани со остри црти и драматично обликувани предни светлосни групи со индивидуален светлосен потпис.

Издолженената силуета на без рамки на вратите дополнително го истакнува остриот профил на автомобилот ако говориме за деталите, тука е „Hofmeister Kink“ лакот на Ц столбот,  добро познат на љубителите на BMW, овој пат со број „2“ дискретно втиснат,  впечатлив потпис што го поврзува моделот со поголемата и попрестижна Серија 5.

Задниот дел на Gran Coupe моделите е препознатлив по својот краток капак за багажниот отвор, а на тестираниот примерок доплнително е сместен и мал спојлер во сјајно црна боја. Светлосните склопови на задниот дел се изведени во една целина која има по еден забец како би се нагласила динамиката на дизајнот. Единствено, кај оваа верзија е штета што завршетоците на издувниот систем се скриени под задниот браник, таа привилегија сега е оставена само за верзијата со најмоќна моторна единица.   Со новото Gran Coupe, BMW покажува дека знае како да ја развива својата дизајнерска ДНК на начин кој е истовремено верен на традицијата, а воедно свртен кон иднината каде спортската елеганција и инженерска логика се спојуваат во јасна експресија.

Искуство по мерка на возачот

Иако надворешниот изглед привлекува на прв поглед, вистинската магија се крие во кабината. Од моментот кога ќе седнете зад управувачот, впечатокот е јасен, ова е 100% BMW. Дизајнот на ентериерот е чист и минималистички, со јасен акцент на спортските елементи. Спортскиот волан има идеален обем, совршено балансиран за динамично управување, а предните спортски седишта дополнително го потенцираат амбиентот. Обликувани за да обезбедат одлична странична поддршка, особено во поагресивно темпо, а во исто време се исклучително удобни за секојдневна употреба како и за возење на подолги дистанци.

Материјалите се на очекувано високо ниво за BMW. Детали како рачно изработеното „М“ обоено шиење на инструмент таблата и вистинските алуминиумски елементи околу вентилационите отвори, го потврдуваат перфекционизмот на инженерскиот тим. Амбиенталното осветлување што се филтрира низ прецизните резови во алуминиумските детали додава премиум атмосфера. Иако главниот фокус е ставен на стилот и динамиката, серијата 2 Gran Coupe не заборави на практичноста.

На задната клупа просторот е пристоен, особено за колената благодарение на дизајнот на задните делови на предните седишта, но поради спуштената линија на покривот, патниците повисоки од 180 см ќе почувствуваат компромис во делот за главата. Со 360 литри багажен простор, Gran Coupe нуди доволно место за секојдневните обврски, а задните седишта се преклопуваат за дополнителен простор.

Тест BMW 220 Gran Coupe
Спортска елеганција во компактна формаБидејќи дигитализацијата игра голема улога во модерните автомобили и тука во центарот на вниманието е новиот закривен екран, кој ги обединува инструмент кластерот и инфозабавниот систем во една модерна структура. Интерфејсот е преземен од поголемите модели и функционира интуитивно. Поврзувањето со Apple CarPlay и Android Auto е брзо и стабилно, додека управувањето со климата е секогаш достапно во долниот дел од екранот. Посебно внимание заслужуваат и персонализациите преку „My Modes“, кои овозможуваат промена на амбиентот во кабината, од експресивни графики до смирувачки тонови или дури дигитална уметност.  Во целина, кабинскиот простор е местото каде што компанијата уште еднаш го демонстрира своето мајсторство во комбинирање на спортски карактер со премиум атмосфера, нудејќи средина која инспирира и на долги патувања и на динамично возење низ свиоци.

Агилност во прв план

Под предниот поклопец на тестраниот автмобилот работи познатиот трицилиндричен турбо бензинец од фамилијата со кодна ознака B38, но во најновата генерација тој е надграден со благ хибриден систем. Основата е 1.5-литарскиот турбо мотор кој самостојно испорачува 156 коњски сили и 240 Nm вртежен момент, но тука доаѓа и технолошката надградба.

Тест BMW 220 Gran Coupe
Спортска елеганција во компактна форма

Благодарение на малата батерија со капацитет од 0,9 kWh и интегрираниот електромотор со сила од дополнителни 20 КС и 55 Nm, кој работи во синергија со бензинскиот агрегат, вкупната системска моќност се искачува на 170 КС, додека комбинираниот вртежен момент достигнува 280 Nm. Со оваа поставка, 220 Gran Coupe забрзува од 0 до 100 км/ч за 7.9 секунди, а крајната брзина изнесува 230 км/ч, што е повеќе од доволно за еден модел од оваа класа.

Благата хибридна технологија не е тука само за перформанси, тука е и за економичност. Официјалните податоци за потрошувачката се движат во рамката од 5.2 до 5.7 литри на 100 километри, но во реална употреба, постигнувањето од 7 литри до 8 литри се остварливи… Се разбира, повторно се зависи од стилот на возење J. Целиот склоп е поврзан со 7 степен Steptronic автоматски менувач со двојна спојка, кој совршено соработува, овозможувајќи мазно и континуирано пренесување на силата кон предните тркала. Иако серијата 2 користи архитектура со преден погон, BMW успеал да ја задржи онаа специфична „возачка ДНК“ што ја очекуваме од баварската марка. Со прецизно насочено управување, добро избалансирана суспензија и ефикасно распределување на тежината, автомобилот нуди искрено и директно чувство зад воланот.

Благата хибридна асистенција дополнително придонесува за впечаток на подинамично возење, особено при стартување и забрзување од средни брзини. Воланот е прецизен, особено кога ќе се активира Sport режимот кога го покажува својот друг лик, реакциите на педалот за гас стануваат побрзи, воланот станува подиректен, а звукот од моторот е изразено подинамичен. Иако не е спортски купе во чиста форма, серијата 2 Gran Coupe нуди повеќе од доволно агилност за оние кои сакаат малку поактивно да управуваат со автомобилот.

Суспензијата нуди одличен компромис меѓу удобност и спортски карактер, а при брзо минување низ свиоци покажува стабилност и контрола што целосно соодветствуваат на имиџот на марката. Она што го издвојува овој автомобил е вештиот баланс меѓу комфор и динамика. Доволно е агилен да го задоволи ентузијастот, но истовремено е удобно и префинето средство за секојдневно возење, без разлика дали се движите низ град или патувате на подолги релации.

Моделот 220 Gran Coupe е создаден да понуди искуство каде несекојдневниот дизајн и спортскиот амбиент на кабината претставуваат природно продолжение на современиот погон, кој умешно ги спојува перформансите и економичноста. Ова е автомобил кој со полна самодоверба ја носи значката на BMW и достоинствено ја продолжува традицијата на баварскиот бренд.

Тест BMW 220 Gran Coupe
Спортска елеганција во компактна форма

Технички податоци за BMW 220 Gran Coupe    

Цена на тестираниот модел: 59.878 евра

Мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.499 см3
пречник и од 82,0 x 94,6 мм
степен на компресија 11,1:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. моќ на електромотор
156 KС (114 kW) при 4.700 – 6.500 min/-1
 

20 KС (15 kW) при 0 min/-1

Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. вртежен момент на електромотор
240 Нм при 1.500 – 4.400 min-1
 

55 Нм при 0 min-1

Макс. системска моќ/
Макс. вртежен момент
170 KС (125 kW)
280 Нм
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 225/40 R19 (напред) 225/40 R19 (позади)
Каросерија седан со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.546 x 1.445 x 1.800 мм
меѓуоскино растојание 2.670 мм
траги (напред/назад) 1.561/1.562 мм
Тежина 1.525 кг
максимална тежина 1.985 кг
багажен капацитет 360 литри
Резервоар 49 литри
Трансмисија на предните тркала преку 7-степен автоматски менувач
максимална брзина 230 км/ч
забрзување 0-100 km/h 7.9 секунди
просечна потрошувачка на хибриден систем 5,7 л/100 км
емисија на CO2 131 г/км

BMW 2 Gran Coupe во Македонија:

220 Gran Coupe 44.580 евра
M235 xDrive Gran Coupe 79.480 евра
218d Gran Coupe 49.590 евра
220d Gran Coupe 49.970 евра

Повеќе информации во М Кар на тел. (02) 30 96 600 или на www.bmw.com.mk

Конкуренти:

Mercedes CLA од –.— до –.— евра
Audi A3 Sedan од –.— до –.— евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button