fbpx

Тест BMW 520d M Sport: На врвот

Новата серија 5 ја продолжува генезата поставена од нејзините предходници, во форма со прочистен дизајн, полна со најнови технолошки, напредни решенија и возни карактеристи кои ја подигнуваат на ниво над конкуренцијата.

Серијата 5 напредува непрекинато веќе 50 години, низ седум генерации, со преку 10 милиони продадени единици стана водечки играч во сегментот на премиум седани. Сега пред нас е 8-та генерација, која повторно ги поставува правилата на играта во класата со својот непогрешлив изглед, високо технолошка кабина и можност за избор на двигатели кои треба да ги задоволат вкусовите и на најпребирливите.

Тест BMW Серија 5 520d

Спортска елеганција

Новата генерација на серијата 5 е променета во многу нешта, но традицијата е максимално испочитувана. Во компанијата добро знаат што во светот на автомобилите значи серијата 5, затоа радикалниот пристап во стилизирањето е оставен за некои други модели. Линиите на надворешноста се „испеглани“ остро и прецизно, а сепак е задржана препознатливата силуета што ја каратеризира „петката“.

Пропорциите иако за нијанса поголеми од предходната генерација делуваат крајно модерно, и пред се максимално атрактивно. Предната решетка (бубрезите) наликуваат на оние од моделот XM во поглед на формата, и се со димензии кои складно се интегрира во предниот дел. На двете нејзини страни се наоѓа најновата интерпретација на BMW за обликување на светлосните групи и создавање индивидуален визулелен потпис. Предниот браник ги рефлектира аголните форми во облик на доводи за воздух, детали кои што се присутни и на задниот крај што се составен дел од M пакетот, а на автомобилот му даваат динамичен изглед и атлетска става и кога е во мирување.

Тест BMW Серија 5 520dЦелата слика продолжува кон задното стакло и долгиот поклопец од багажникот кој пополека се спушта на крајот, создавајќи „мускулеста“ и функционална естетика. За се ова да се дополни, голема улога играат и леснометалните тркала со посебен дизајн од M колекцијата кои се облечени во пневматици со димензии 245/35 R21 на предниот дел и 275/30R21 на задната осовина. Припадноста кон традиционалните вредност на компанијата е преставен и преку „Hofmeister kink“ дизајнерскиот елемент, каде стаклото на задната врата се среќава со Ц столбот, а овој пат бројот „5“ е втиснат во облогата. Во кратки црти, дизајнот на ултра модерната 8-ма генерација на серијата 5 ја нагласува спортската елеганција на најсоодветен можен начин.

Естраveganza

Првото нешто што ќе го забележите кога ќе влезете во внатрешноста е дека оваа генерација на серијата 5 по многу нешта наликува на она што предходно компанијата го прикажа во серијата 7, што секако е доказ дека „петката“ сега е многу повеќе премиум одколку било кога предходно. Ергономијата е на прво место во просторот, а употребените материјали и завршната обработка се на највисоко можно ниво.

Тест BMW Серија 5 520d

Новата серија 5 воедно е првиот модел на брендот кој може да се пофали со целосно вегански ентериер. Ова ги вклучува површините на седиштата, контролната табла и панелите на вратите, како и управувачот кои се изведени во материјал што во BMW го нарекуваат Veganza. Седиштата на предниод дел од кабината се со спортски карактеристики и одлично го држат телото, а идеалната возачка позиција лесно се пронаоѓа за што се заслужни многуте опции за подесување. Задната клупа е лесно достапна преку големите врати, а комоцијата која ја испорачува истата е на завидно ниво. Простор нема да им недостасува ниту на повисоките сопатници, а и оние со подолги нозе нема да се пожалат дека ги притиска седиштето пред нив.

Транспортниот дел е изведен стандардно, со правилен облик како што доликува на права лимузина, лесно ќе проголта патни торби на четири члено семејство благодарение на капацитетот од 520 литри. Заобленото куќиште пред возачот содржи два екрана, едниот доаѓа во димензии од 12,3 инчи и овозможува целосна персонализација на информациите кои ги прикажува, а се поврзани со возењето.

Вториот е одговорен за инфозабавниот систем, располага со дијагонала од 14,9 инчи и работи со најновиот оперативен систем на марката. Него можете да го контролирате на неверојатно многу начини: користејќи ги копчињата на управувачот, со допир на екранот, преку „кристалниот“ iDrive контролер, со гласовни команди, па дури и има контроли со гестови. Распоредот на функциите и менијата е логички што значи дека периодот за влегување во „штос“ е доста краток.

Како една мала, но важна забелешка која генерално не се однесува само на овој модел, туку станува одлика кај поголемиот број производители е префрлањето на контролата на климатизацијата на екранот. Едноставните работи не секогаш треба да бидат заменети со дигитални решенија во името на технолошкиот напредок.

Динамична ефикасност

Тест BMW Серија 5 520dМоторизацијата кај серијата 5 нуди изразено широка лепеза на двигатели, тука се бензинците  и дизелот  потпомогнати со благ 48 волтен хибриден систем, две верзии се со plug-in хибридна технологија, како и две целосно електрични изведби кои пред бројот 5 ја носат ознаката „i“.

Во нашиот случај задвижувањето е доверено на 2-0 литатрски турбо дизел агрегат што располага со вкупна системска моќ од 197 КС од кои 11 КС се дело на благиот хибриден состав, а создаваат влечна сила која е еднаква на 400 Нм. Оваа комбинација на благ хибрид овозможува малиот електро-генератор да го стимулира забрзувањето, а воедно и да го исклучи во целост користењето на моторот со внатрешно согорување при крстаречки брзини на отворен пат, две ставки со особена важност кои диретно влијаат на динамиката и ефикасноста на автомобилот. Резултатот доаѓа во форма на просечната потрошувачка која за време на нашето дружење изнесуваше 7,1 литри, а од друга страна забрзувавме до 100 км/ч  за само 7,3 секунди. Силата се пренесува преку 8 степен автоматски менувач кој ја дистрибура ексклузивно на задните тркала. Се разбира, како што е пракса во новото време, сето тоа е проследено со веќе неизбежните модови на работа кои се тука да го задоволат и најпребирливите барањата на возачот.

Возните карактеристики се атрибутот кој серијата 5 ја прави „бенчмарк“ во класата на седаните од “германското свето тројство“. Иако го возиме најслабиот мотор во понудата, инжињерите не одстапиле од своите начела. Реакцијата на педалот за забрзување е изненадувачки добра за возило со тежина поголема од 1.800 килограми. Управувачот е директен и испраќа доволно повратни информации до возачот. Задоволството е уште поголемо кога во предвид ќе се земе дека силата оди на задната оска. Следствено на тоа, дозволува далеку позабавно возење и лесно (ел.контролирано) пролизгување на задниот дел.  Одличната рамнотежа, ниското тежиште, како и идеалната распределба на тежината резултираа со добро управување што овозможува автомобилот да се чувствува поспортски од очекуваното.

Потпирањето делува подготвено и рафинирано, реагира правовремено на сите предизвици кои му ги поставивме на патишта исполенти со свијоци.  На отворен пат доаѓа до израз неговата рафинираност која е далеку над очекуваното, затоа патувањата на долги растојанија максимално релаксирачки. Доколку во некоја прилика ви е потребна максималната моќ, копчето „Boost“ на управувачот ќе го исполни и тоа барање. Имено, со неговото вклучување ја добивате сета располижива моќ во интервал кој трае 10 секунди, па така претекнувањата стануваат едноставна рутинска операција.

Автомобилите кои доаѓаат од производната лента на минхенската марка имаат тенденција да предизвикаат силни чувства, повеќето од нив отпаѓаат на надворешниот изглед или моторизацијата, некои пак се елементи што се среќаваат во кабната… секој ги пронаоѓа индививидуално. Повеќе мали детаљи создаваат голема разлика, а од серијата 5 прават автомобил што ја надминува конкуренцијата во сите димензии, затоа сметаме дека сеуште е моделот што го поставува стандардот во класата.

Тест BMW Серија 5 520d

Технички податоци за BMW 520d

Цена на тестираниот модел: 93.600 евра

Мотор Euro VId TEMP, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.995 см3
пречник и од 84,0 x 90,0 мм
степен на компресија 16,5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 197 KС (144,8 kW) при 4.000 min/-1
макс. вртежен момент 400 Нм при 1.500-2.750 min-1
макс. вртежен момент на ел.мотор 25 Нм при 0 min-1
Трансмисија на задните тркала преку 8-степен автоматски менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 245/35 R21 (напред) 275/30 R21 (позади)
Каросерија Седан со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 5.060 x 1.900 x 1.515 мм
меѓуоскино растојание 2.995 мм
траги (напред/назад ) 1.680/1.715 мм
Тежина 1.835 кг
максимална тежина 2.405 кг
Багажник 520 литри
Резервоар 60 литри
максимална брзина 233 км/ч
забрзување 0-100 km/h 7.3 секунди
потрошувачка (просек) 5,6 л/100 км
емисија на CO2 133-147 г/км

BMW Серија 5 во Македонија

BMW 520d 70.280 евра
BMW 520d xDrive 73.480 евра
BMW 520i 70.910 евра
BMW 530i xDrive 82.590 евра
BMW i5 eDrive 40 89.000 евра
BMW i5 M60 xDrive 121.600 евра

Повеќе информации во М Кар на тел. (02) 30 96 600 или на www.bmw.com.mk

Конкуренти

Mercedes E Class
Volvo S 90
Audi A6
Jaguar XF
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button