fbpx

Тест BMW X2 xDrive 20d: Динамична енергија и луксузна удобност

Новата генерација на X2 носи значајни подобрувања во однос на својот претходник, успешно интегрирајќи ги најпрепознатливите дизајнерски вредности на поголемите и веќе етаблирани „купе“ SAV (Sport Activity Vehicle) модели на германскиот производител. Овој модерен кросовер е насочен кон младата, урбана публика која бара уникатен стил, одлични перформанси и врвна технологија во едно возило.

Преку новиот Х2 компанијата BMW демонстрира континуиран стремеж кон иновација и перфекционизам, поставувајќи нови стандарди во сегментот. Моделот X2 не само што динамичен и ефикасен за секојдневно возење, туку нуди возбудливо и практично искуство кое го носи урбаниот животен стил на ново ниво.

Тест BMW X2 xDrive 20d

Стилска софистицираност

Еден од најимпресивните аспекти на новиот BMW X2 е неговиот спортски и агресивен дизајн кој од првиот поглед го остава силен впечаток. Првиот елемент кој го привлекува вниманието е големата, хексагонална решетка на ладилникот, која ја носи познатата идентификација на BMW и сега е истакната со специјални мрежести детали кои придонесуваат за модерен и софистициран изглед. Новиот преден дел, покрај решетката, се карактеризира и со агресивно издолжени светлосни групи. Тенките светлосни групи совршено го надополнуваат динамичниот преден дел, притоа додавајќи чувство на енергија и подвижност. Вградените дневни светла ги нагласуваат визуелните детали, создавајќи уникатен идентитет кој веднаш се препознава на патиштата.

Тест BMW X2 xDrive 20d

Профилот на X2 е дефиниран од накосената линија на кровот и издолжената каросерија кои ја нагласуваат динамиката на возилото, додека проширувањата над тркалата ја истакнуваат неговата спортска природа. Задниот дел е внимателно дизајниран да остави силен впечаток. Светлосни групи завлегуваат длабоко во вратата од багажниот дел, создавајќи чувство на ширина и стабилност. Суптилниот спојлер на вратата од багажникот дополнително допринесува за атлетската природа на возилото, додека агресивно оформениот браник го зајакнува севкупниот впечаток, создавајќи комплетно визуелно доживување кое зрачи со динамика и стил.

Пространа внатрешност и напредна технологија

Од моментот кога ќе се влезе во новиот X2, јасно е дека BMW вложил многу труд  во подигање на комфорот и имплементирање на најмодерна технологијата. Внатрешноста зрачи со врвна изработка и прецизност. Квалитетните материјали, меки на допир, се комбинирани со модерен и функционален дизајн кој се чувствува како да припаѓа на возило од класата погоре. Централното место го зазема големиот заоблен дисплеј, кој во себе интегрира два екрани, еден задолжен за податоците на инструмент таблата со можност за комплетна персонализација и другиот задолжен за управување со инфозабавниот систем. Ова поставка не само што изгледа футуристички, туку и нуди одлична функционалност и лесен пристап до сите важни информации за возачот.

Тест BMW X2 xDrive 20d

Инфозабавниот систем од послената генерација е интуитивен и лесен за користење, овозможувајќи брз пристап до различни апликации и функции. На моменти му замеруваме за преместувањето на контролите за климатизација на екранот, што како на нас, најверојатно нема да им се допадне на сите возачи. Сепак, ваквиот тренд станува се поприсутен во автомобилската индустрија и зазаема се поголемо место кај многу нови, модерни автомобили.

Предните седишта се внимателно дизајнирани, нудејќи максимален комфор и поддршка при возење. Кабината, и покрај купе формата на кровот, овозможува доволно простор и за патниците на задните седишта, обезбедувајќи максимален комфор и на подолги патувања. Просторот за складирање е добро организиран, а особено корисна се покажа оставата под централната конзола која изгледа како да лебди во просторот. Багажниот простор е повеќе од доволен за просечно семејство со својот габарит од преку 500 литри, кој може да се зголеми до 1.400 литри со соборување на задните седишта.

Модерна моторизација и динамична својства

Моделот X2 се нуди со богата палета на мотори, вклучувајќи бензински, дизел и plug-in хибридни опции, како и целосно електричен модел под ознаката iX2, што значи дека секој може да ја добие посакуваната опција. Возениот примерок беше опремен со 2.0-литарски турбо дизел мотор кој испорачува 150 КС, заедно со 48-волтен хибриден систем кој додава уште 13 КС, овозможувајќи комбинирана моќност од 163 КС. Овој мотор се одликува со одлична економичност и перформанси, а тоа го прикажува преку просечна потрошувачка на гориво која „едвај“ ја премина границата од 6 литри на 100 километри и при тоа овзможува и забрзување до 100 км/ч за 8,5 секунди. Силата се пренесува преку 7-степен автоматски менувач, а познатиот xDrive систем е секогаш подготвен да го распореди погонот на сите тркала доколку смета дека тоа е  потребно.

BMW X2 е создаден за да нуди возбудливо и динамично возење, со извонредна стабилност и лесна управливост. Амортизацијата е оптимизирана за да впие голем дел од нерамнините на патот, што го прави удобно за возење, дури и на подолги патувања, а воедно да одговори и на потребите на возачите кои сакаат да бидат за нијанса поостри во свиоците. Управувањето е доволно директно и испраќа солидна количина на информации од подлогата, додека спортскиот режим го трансформира возилото во вистинска динамична машина, подготвена да одговори на речиси сите поставени барања на возачот. Особено интересна е функцијата „Boost“ која се активира преку лостовите за промена на брзините на воланот. Со задржување на левата педала, возачот добива целосна сила за краток временски интервал од 10 секунди, овозможувајќи брзо и ефикасно претекнување.

Втората генерација на моделот X2 е вистински пример за тоа како спортската динамика, врвната технологија и луксузот можат да се спојат во еден стилски и практичен кросовер, нудејќи едно од најкомплетните искуства во овој сегмент.

Технички податоци за BMW X2 xDrive20d    

Цена на тестираниот модел: 68.400 евра

мотор Euro VId TEMP, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.995 см3
пречник и од 84,0 x 90,0 мм
степен на компресија 16,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување 150 KС (110 kW) при 3.750-4.000 min/-1
макс. вртежен момент 360 Нм при 1.500-2.500 min-1
максимална моќ на електромотор 20 KС (15 kW) при 0 min/-1
макс. вртежен момент ел.мотор 55 Нм при 0 min-1
максимална системска моќ 163 KС (120 kW)
макс. системски вртежен момент 400 Нм
капацитет на батерија 0,9 kWh (Li-Ion)
трансмисија на сите тркала преку 7-степен автоматски менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 245/45 R19 (напред) 245/45 R19 (позади)
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.554 x 1.845 x 1.590 мм
меѓуоскино растојание 2.692 мм
траги (напред/назад ) 1.574/1.575 мм
тежина 1.705 кг
максимална тежина 2.280 кг
багажник 515/1.400 литри
резервоар 54 литри
максимална брзина 207 км/ч
забрзување 0-100 km/h 8.5 секунди
потрошувачка (просек) 5.1 l/100 km
емисија на CO2 129 г/км

BMW X2 во Македонија

BMW X2 sDrive18i 47.310 евра
BMW X2 sDrive20i 48.640 евра
BMW X2 xDrive20i 52.600 евра
BMW X2 sDrive25i 50.260 евра
BMW X2 M35i xDrive 75.410 евра
BMW X2 sDrive18d 48.260 евра
BMW X2 xDrive 20d 54.740 евра

Повеќе информации во М Кар на тел. (02) 30 96 600 или на www.bmw.com.mk

Конкуренти:

Audi Q3 Sportback /
Mercedes GLA /
Range Rover Evoque /
Lexus NX
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button