Тест BMW X3 20d xDrive: Баварски баланс меѓу разумот и страста

Кога BMW го претстави првиот X3 во 2003 година, светот на компактните премиум SUV возила сè уште беше во фаза на дефинирање. Како помал брат на успешната X5-ка, X3 беше дизајниран да понуди сличен динамичен карактер, но во покомпактен и подостапен формат. Првично дочекан со скепса од традиционалистите, моделот брзо се етаблираше како една од најважните алки во гамата на BMW, особено кај европската клиентела која сакаше комбинација од погон на сите тркала, престиж и спортска динамика. Со текот на генерациите, X3 не само што се усовршуваше, туку и поставуваше стандарди во класата, често диктирајќи трендови наспроти конкуренцијата како Audi Q5, Mercedes GLC и Volvo XC60. Денес, во својата четврта генерација, X3 доаѓа поуспешен од кога било, со над 1,5 милиони продадени примероци од претходната генерација и амбиција да остане водечки играч на пазарот.
Доколку барате SUV кој успешно ги спојува префинетоста, практичноста и спортскиот дух во еден прецизно обликуван пакет, тогаш новата генерација на BMW X3 има што да ви понуди. Во време кога премиум SUV сегментот станува сѐ погуст, X3 успева да се наметне без врева туку со став, технологија и искуство што зборуваат самите за себе.
Овојпат на тест го имаме X3 20d xDrive, верзијата која ја носи најбалансираната комбинација на перформанси и економичност во гамата. Оваа верзија е вистински демонстратор на сѐ што новиот X3 може да понуди.
Еволуција во дизајнот
Новиот X3 не е „дизајнерска револуција“, туку прецизна, намерна еволуција. Секој агол, секоја линија, е резултат на инженерска логика и дизајнерска зрелост. Во конфигурацијата што ја возевме, бојата Dune Grey Metallic и 19-инчните M фелни (Y-spoke 1035 M) му даваат комбинација на робусност и елеганција што тешко се игнорира. На предниот дел се истакнува „BMW Iconic Glow“ светлечката маска, која можеби звучи како направа од иднината, но всушност изгледа прилично суптилно и впечатливо во живо, особено при ноќно возење.
Визуелниот идентитет е префинет, препознатлив, но не и нападен. Сѐ изгледа како замислено за да остави впечаток, но без вишок. Дури и визуелно спуштената силуета со заострен C-столб го прави X3 попривлечен и динамичен од порано, а соо малку пошироката и пониска каросерија, X3 сега изгледа поагресивно и пофокусирано, како да е „збиен“ од енергија, подготвен да тргне во движење дури и кога мирува.
Кабина по мерка на модерниот BMW купувач
Влегувањето во кабината е ритуал. Модерниот BMW ентериер, веќе виден во новите Серија 5 и X5, тука добива малку поспортски карактер. Централниот закривен дисплеј (12.3 + 14.9 инчи) го обединува дигиталниот кластер и iDrive интерфејсот, сега со OS 9, кој е побрз, почист и визуелно поелегантен од кога било.
Материјалите се на ниво. Тестниот модел беше со опремен со „Veganza“ материјал во боја „Espresso Brown“, чувството е далеку од „вештачко“. Напротив, текстурата е фина и врвна, шевовите прецизни, а целокупната завршна изработка остава вистински премиум впечаток, достоен за ознаката BMW, а јасна референца за сите оние што се обидуваат да ги достигнат.
Удобните седишта се секако стандард за баварската марка, а во оваа конфигурација доаѓаат и со електрично подесување, лумбална поддршка и греачи, а страничната поддршка е исклучителна и се чувствувате како да ве „прегрнуваат“ во свиоците. Во комбинација со ниската позиција на седење и перфектно обликуваниот M управувач, се добива чувство дека сте едно со автомобилот, но и со патот.
Амбиентот во кабината особено доаѓа до израз при ноќно возење. Амбиенталното осветлување, кое е поставено и на вратите и под централната конзола, се менува според режимот на возење – од сини, зелени и виолетови тонови во Comfort и Relax, до динамички прелевања во Sport режимот. Ефектот е речиси магичен, создава атмосфера на луксузен lounge на тркала. На сето тоа кога ќе се додаде и звучната изолација која е речиси беспрекорна, се добива врвен впечаток за уживање и релаксација зад управувачот. Дури и при автопатски брзини, кабината останува мирна, без свирежи од ветер или бучава од подлогата, што дополнително го потенцира чувството на „пловење“ по патот.
Возачко искуство со потпис
Во срцето на тестираниот модел работи 2,0-литарскиот дизел мотор со 197 КС и 400 Nm максимален вртежен момент, кој е поддржан од благ хибриден систем со 48V кој дава дополнителни 11 КС. Забрзувањето од место до 100 км/ч трае 7,7 секунди, но она што остава најсилен впечаток е меѓузабрзувањето, агилноста со која автомобилот реагира при забрзување од 60 до 100 или 80 до 120 километри на час, го прави секое претекнување сигурно и лесно и остава чувство на сигурност зад управувачот. Едноставно, она што остава најсилен впечаток кај оваа верзија е начинот на кој автомобилот ја испорачува својата моќ – линеарно, смирено, но убедливо.
За дополнителна безбедност тука е системот xDrive кој постојано работи во позадина, но никогаш не се наметнува. Тој е како совршено обучен телохранител, тука е кога треба, а инаку го заборавате. Возењето по влажни површини или снег го прави сигурно, стабилно и прецизно.
Осумстепениот автоматски менувач е извонреден, менува логично, ненаметливо и брзо, а ако посакате, можете да преземете контрола преку лопатките зад управувачот. Во Sport режимот, возилото оживува, педалот за гас реагира побрзо, управувањето станува поцврсто, а звукот на моторот станува подинамичен. Но дури и во Comfort режимот, X3 е агилен и ангажиран, со одличен баланс помеѓу спорт и удобност, а иако ова не е спортски SUV во класична смисла, сепак за својата маса и големина, X3 се движи со леснотија и самодоверба низ свиоците.
Адаптивното потпирање ги апсорбира сите нерамнини без многу драма. Дури и со 19-инчни тркала, автомобилот не се чувствува „тврд“, туку напротив, поминува преку лежечки полицајци и оштетени делници со зрелост и самодоверба, задржувајќи стабилност и при поагресивна динамика. Она што најмногу фасцинира е чувството на контрола и масивност, имате чувство дека автомобилот е „сидро“ на патот, а вие сте негов капетан. И токму тука лежи сè што е BMW, возачки фокус, интуитивна техника и задоволство кое се гради со секој изминат километар.
Технологија и комфор на високо ниво
X3 е технолошки напреден колку што е и премиум и не е само „обичен“ SUV, туку вистинска платформа за најновата BMW технологија. Системите за асистенција како Driving Assistant Plus и Parking Assistant нудат ниво на автономија и безбедност кое до неодамна беше резервирано за повисока класа. Проекцискиот head-up дисплеј е прецизен и контрастен, додека Harman Kardon озвучувањето нуди звук со длабочина, топлина и прецизност.
Климатизацијата е автоматска и со три зони, управувана преку централниот екран, а жичното полнење, Connected+ навигацијата и безклучниот пристап ја заокружуваат сликата на едно технолошки рафинирано возило.
Кога станува збор за потрошувачката, официјалните WLTP податоци велат дека се потребни 5,9 литри за секои 100 километри во комбиниран циклус, и тоа не е далеку од вистината. При тестот, со мешано возење и реални услови, возилото трошеше околу 6.3 литри, што е извонреден резултат за SUV со оваа маса и перформанси. Со резервоар од 60 литри, можете без проблем да поминете помеѓу 800 и 900 километри со едно полнење, што го прави X3 подеднакво идеален за долги патувања колку и за секојдневни обврски.
Mетрика на успехот
Новата генерација на BMW X3 не се обидува да измисли нешто радикално ново или да ве импресионира со спектакуларност. Напротив, со унапредување на проверениот рецепт сега моделот импресионира со својата зрела и прецизна супериорност. Верзијата 20d xDrive е најдобра илустрација за тоа, доволно брза, извонредно економична, удобно изработена и технолошки напредна.
Со цена од 74.200 евра, во конфигурацијата која ние ја имавме на тест, X3 секако не е најдостапниот автомобил, но навистина нуди исклучително многу во оваа ера на генерички модели, пред се – динамика, технологија, комфор и престиж во едно, а најмногу вистинско и оригинално премиум чувство. Ова е SUV кој ќе ги задоволи и рационалниот и емоционалниот купувач. Возачот ќе биде среќен зад воланот, патниците ќе бидат задоволни во кабината, а секој кој ќе го види ќе знае дека ова не е „само уште еден кросовер“. Ова е BMW. Ова е X3. А BMW X3 останува верен на своите вредности и токму поради тоа е толку привлечен.
Цена на тестираниот модел: 74.200 евра
Технички податоци за BMW X3 20d xDrive
Мотор | Euro 6e, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.995 см³ |
пречник и од | 84 x 90 мм |
степен на компресија | 16.5:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, директно впризгување на горивото, турбополнач, интеркулер |
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување/ Mакс. моќ на електромотор |
197 КС (145 kW) при 4.000 min⁻¹ 20 KС (15 kW) при 0 min/-1 |
Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/ Mакс. вртежен момент на електромотор |
400 Nm при 1.500–2.750 min⁻¹
25 Nm при 0 min⁻¹ |
Клиренс | 216 милиметри |
Потпирање | напред: MacPherson, независни попречни рамења, стабилизатор, назад: multilink, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 245/50 R19 (напред и позади) |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.755 x 1.920 x 1.660 мм |
меѓуоскино растојание | 2.865 мм |
траги (напред/назад) | 1618-1636 мм (напред) / 1623-1681 мм (назад) |
Тежина | 1.890 кг |
максимална тежина | 2.535 кг |
багажен капацитет | 570 литри (1.700 литри со спуштени седишта) |
Резервоар | 60 литри |
Трансмисија | на сите четири тркала преку 8-степен автоматски менувач |
максимална брзина | 215 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 7.7 секунди |
просечна потрошувачка на хибриден систем | 5.9 л/100 км |
емисија на CO2 | 156 г/км |
BMW X3 во Македонија
BMW X3 20 xDrive | 70.890 евра |
BMW X3 M50 xDrive | 109.490 евра |
BMW X3 30e xDrive | 81.390 евра |
BMW X3 20d xDrive | 72.720 евра |
BMW iX3 sDrive 75 | 80.590 евра |
Повеќе информации во М Кар на тел. (02) 30 96 600 или на www.bmw.com.mk
Конкуренти:
Mercedes-Benz GLC | од // до // евра |
Audi Q5 | од // до // евра |
Lexus NX | од // до // евра |
Volvo XC60 | од // до // евра |
Jaguar F-Pace | од // до // евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.