Тест Citroen C3 Aircross: Мускетар од новото време

Во време кога компактните SUV модели често наликуваат еден на друг, Citroen со моделот C3 Aircross ја руши монотонијата со храбар дизајн и внатрешна генијалност. Францускиот производител успеа да создаде возило кое не само што изгледа различно, туку и нуди решение за секојдневните семејни потреби, со избилство на  простор, флексибилност и технолошка едноставност. Нешто, што како по традиција доаѓа во пакувањето е дозата на шарм и храброст што е му е својствена само на Citroen.

Автентичен печат по сопствена филозофија

Целосно новиот Citroen C3 Aircross доби значајна стилска револуција која го издвојува од претходникот со многу поодлучен и впечатлив изглед. Новиот дизајн е посериозен, поагресивен и изразен со цврст СУВ став, што значи дека е помалку „кросовер“, а многу повеќе самоуверен и модерен.

На предниот дел доминира новата маска со централен дел во кој гордо е втиснато ревидираното лого со двојниот шеврон. Ова визуелно јадро е елегантно поврзано со новите, високо позиционирани светлосни групи, обиколени со ЛЕД дневни светла кои создаваат препознатлив светлосен потпис, нешто што Citroen умее да го направи на својствен и уникатен начин. Под маската, вниманието го привлекува сиво обоениот „градски штит“, интегриран во долниот дел од браникот. Тој не е само дизајнерски акцент, туку и симболично потсетување дека Aircross, иако наменет за урбана средина, не се плаши од нешто поавантуристички терени. Целиот преден дел зрачи со робусност, при што острите линии и покачената силуета придонесуваат за СУВ позиционирање со карактер.

Во оваа конфигурација, каросеријата е во сјајна металик црвена боја, комбинирана со контрастен црн кров. Дизајнерскиот момент создава модерен двобоен ефект и визуелно го намалува центарот на тежина, додека големите пластични облоги околу тркалата и праговите внесуваат теренска нота. Профилот е чист и вертикален, со кратки превиси, што му дава на моделот цврстина, додека задниот дел е едноставен, но моќен, со ЛЕД светлосни тела кои стилски се надоврзуваат на предните, создавајќи целосен и хармоничен дизајн. Со својата избалансирана пропорција и визуелна јасност, новиот C3 Aircross е целосно модерен СУВ со автентичен печат на марката, кој и по повеќе од еден век од своето основање, продолжува да изненадува со дизајнерска храброст и сопствена филозофија.

Просторност во компактно пакување

Тест Citroen C3 Aircross Plus 1.2 PureTech 100 КС Новата генерација на C3 Aircross не се потпира само на освежениот и модерен изглед за да го привлече вниманието, вистинската вредност се крие во длабоко променетиот ентериер, кој сега нуди значително повеќе простор, удобност и технолошка практичност. Со зголемени димензии, новиот C3 Aircross станува еден од најпросторните модели во својата класа. На располагање е верзија со пет или седум седишта, избор што ретко се нуди во овој сегмент. Секако, конфигурацијата со седум седишта го намалува багажниот простор на 330 литри, но стандардната изведба со пет седишта нуди впечатливи 460 литри, што е повеќе од доволно за семејни патувања и секојдневни обврски. Кабината е просторна и функционално уредена, со комфор кој им овозможува на четири возрасни патници да патуваат пријатно, без компромис и на задната клупа.

Возачот и совозачот уживаат во модерен и минималистички преден дел, каде што сè е поставено рационално и ергономски. Во центарот на вниманието е инфозабавниот екран со дијагонала од 10,25 инчи, поставен високо на таблата, веднаш над компактниот управувач со две краци. Системот е развиен според принципот на едноставност и интуитивно користење, а поддршката за Android Auto и Apple CarPlay овозможува беспрекорно поврзување на мобилниот уред со возилото и користење на вашите апликации преку самиот екран. Таквиот пристап не само што го поедноставува управувањето со мултимедијата, туку и го збогатува секојдневното возачко искуство.

Наместо класични инструменти, Citroen се одлучи за „head-up“ дисплеј кој ги прикажува најважните информации на рефлектирачка површина пред возачот – решение кое овозможува лесно читање без да се тргне погледот од патот. Деталите, како текстилната трака на таблата и мотивациските пораки на внатрешноста од вратите, внесуваат топлина, креативност и личен печат, типично за францускиот пристап во дизајнот.

Иако материјалите не се премиум, нивната комбинација е внимателно избрана. Се среќаваат и поевтини пластики, но целокупниот впечаток останува позитивен, особено благодарение на солидната изработка и на фактот што се задржани физички копчиња за управување со климата и некои безбедносни функции, нешто што станува се поретка појава кај новите модели. Дополнителна предност е позицијата на седење, која е нешто повисока, што заедно со големите странични прозорци обезбедува одлична прегледност, особено важна во градски услови. Со ваков пакет, новиот C3 Aircross не е само еволуција, туку паметно редефинирање на компактен СУВ, кој успешно ги комбинира стилот, практичноста и технолошката едноставност, на француски начин.

Големо срце во мало пакување

На хартија, 1.2 литарскиот PureTech бензинец со 100 коњски сили можеби не звучи импресивно. Но во реалноста, овој мал трицилиндарски турбо мотор знае да изненади. Дел од Stellantis фамилијата веќе со години, PureTech покажува дека понекогаш едноставноста и проверената формула која континуирано се надградува е најдобрата стратегија. Во комбинација со рачен шестстепен менувач, моторот нуди лесно и природно возачко искуство. Менувачот е прецизен и пријатен за користење, со добро распоредени преносни односи кои му дозволуваат на моторот да работи во идеалниот опсег на вртежи. Со 205 Nm вртежен момент, достапни уште од ниски вртежи, C3 Aircross забрзува мазно и сигурно, агилен за секојдневни градски, но и соодветно подготвен за употреба на отворен пат и долги релации.

Тест Citroen C3 Aircross Plus 1.2 PureTech 100 КС Возилото тежи нешто под 1.3 тони, што му овозможува на моторот солидни перформанси во поглед на забрзување  до 100 км/ч од 11,5 секунди,  без претерувања, но со доволно самодоверба потегнува речиси до 180 км/ч. Целиот процес се одвива без нервоза и без напрегање, се тече тивко, пријатно и економично. Дури и при поголемо оптоварување, моторот останува рафиниран и не пренесува непријатни вибрации. Просечната потрошувачка е декларирана на 5.7 л/100 км, а во реални услови ретко надминува 7 литри, што е одличен резултат за еден мал СУВ со бензински мотор. Сепак, она што навистина му дава карактер на C3 Aircross е удобноста. Благодарение на “Advanced Comfort” суспензијата, возењето е исклучително пријатно, дури и на оштетени патишта. Овој систем апсорбира нерамнини со леснотија, а лесниот волан и добрата видливост го прават управувањето исклучително лесно и без напор, особено во градски услови.

Моделот C3 Aircross со овој мотор не е направен за брзи правци и спортски амбиции. Но е совршен избор за оние кои сакаат практичен, економичен и пријатен автомобил за секојдневно користење. Со разумна моќност, ниска потрошувачка и ненадмината удобност, токму она што го очекуваме од еден модерен преставник на марката.

Цена на тестираниот модел: 22.030  евра

Технички податоци за Citroen C3 Aircross Plus 1.2 PureTech 100 КС
Мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 см3
пречник и од 75,0 x 90,5 мм
степен на компресија 10,5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 101 KС (74 kW) при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 205 Nm при 1.750 min-1
Трансмисија на  предните тркала преку 6-степен мануелен менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 205/50 R17
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.395 x 1.570 x 1.800 мм
меѓуоскино растојание 2.670 мм
траги (напред/назад) 1.565 /1.570 мм
Тежина 1.298 кг.
максимална тежина 1.950 кг.
багажен капацитет 460 литри
Резервоар  44 литри
максимална брзина 178 км/ч
забрзување 0-10 0 km/h 11.5 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 5,6/7,1 /6,8 Л/100 км
емисија на CO2 134-139 г/км

 

Citroen C3 Aircross во Македонија

Citroen C3 Aircross You PureTech S&S BVM6 101 KC 18.490 евра
Citroen C3 Aircross Plus PureTech S&S BVM6 101 KC 19.990 евра
Citroen C3 Aircross Plus Hybrid DCT6 Auto 145 KC 24.990 евра
Citroen C3 Aircross Max Hybrid DCT6 Auto 145 KC 25.690 евра

Повеќе информации во Автонова на тел. (0) 2 3093 011 или на www.citroen.com.mk

 

Конкуренти:

Opel Frontera од –.— до –.— евра
Ford Puma од 23.900 до 29.300 евра
Toyota Yaris Cross од 25.200 до 39.990 евра
Peugeot 2008 од 21.000 до –.— евра
Skoda Kamiq од 20.300 до 25.680 евра
Hyundai Bayon од 18.900 до 25.400 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button