Тест Citroen C3: Херојот на урбаното секојдневие
Во ера кога цените на автомобилите достигнуваат апсурдни височини, вистинско освежување е да се сретне целосно нов модел кој успева да плови спротивно од струјата. Ова е од особена важност доколку истиот нуди балансиран микс од респектабилен квалитет, практичност и неизбежен француски шарм, кој по правило секогаш остава впечаток.
Се чини дека Citroen совршено владее со уметноста на создавање компактни и привлечни автомобили. Со текот на времето, нивната формула еволуира, а тоа јасно се чувствува при првиот контакт со најновата генерација на C3. Инженерите и дизајнерите на брендот мудро одлучиле да ја задржат јасноста и едноставноста како главни приоритети, нудејќи три нивоа на опременост, три опции за моторизација и палета од шест бои за надворешноста. Оваа стратегија сугерира дека понекогаш, минимализмот е најдобриот пат до срцето на купувачите.
Оригиналноста како заштитен знак
Најновата генерација на C3 носи смела и модерна естетика, нагласувајќи го новиот правец во кој се движи Citroen-овиот дизајн. Надворешниот изглед е комбинација од динамични линии, функционалност и урбана привлечност. Забележавме дека многу детали кои компанијата ги прикажа во 2022 година на концептинот модел Oli, свое место пронашле кај моделот С3, што е секако за поздрав.
Дизајнот остава впечаток на прв поглед. Иако вкусовите се субјективни, тешко е да се сретнете со овој автомобил и да не го оцените како привлечен. Марката успеа да постигне баланс помеѓу едноставноста и модерниот изглед, умешно избегнувајќи ги пренагласените елементи кои често знаат да бидат неумесни. Опционалната двобојна каросерија му дава дополнителна естетска вредност, а неговата зголемена висина од над 10 см (во споредба со претходниот модел) донекаде му додава SUV-изглед, без да го жртвува духот на компактниот автомобил. Сепак, C3 не е кросовер, иако многумина можеби ќе го доживеат на тој начин, таа улога во гамата на Citroen му е доделена на C3 Aircross чија втора генерација се очекува на нашиот пазар да пристигне во првата половина од 2025 година.
Овој автомобил ги следи и подобрува начелата кои неговите предходници ги поставиле. Робусниот став е изразен преку заштитните елементи окулу тркалата, чистите линии балансираат помеѓу современиот стил и практичноста, додека динамиката дискретно се појавува во вид на спојлер поставен над вратата од багажникот. Со новиот надворешен изглед, C3 ја задржува оригиналноста која е заштитен знак на марката, што пак го издвојува од конкурентите и му возможува добра стартна позиција во трката каде сите производители претендираат да владеат со урбаните средини.
Мудра комбинација на фунционалност и стил
Во ентериерот C3 нуди пријатна атмосфера и функционалност, особено во верзијата која ни беше одстапена на неколкудневно дружење. Иако материјалите се со потврда компонента нивната употреба е мудро комбинирана со естетски акценти, како што е текстилната трака која се протега низ подножјето на инструмент таблата. Креативноста продолжува преку мали мотивациски пораки испишани на етикети кои се прикачени на вратите. Интересен е и т.н „head-up“ дисплеј, што ги заменува класичните инструменти пред возачот каде дигиталниот брзинометар и информациите за патувањето се проектираат на рефлектирачка површина пред вас. Ваквиот пристап овозможува лесно читање на виталните податоци преку управувачот со две краци кој не само што изгледа одлично, туку и нуди исклучително чувство при користењето.
Возачката позиција е малку повисока отколку во повеќето конкурентски автомобили, што генерално допринесува за подобра видливоста низ високите странични прозорци. Кога сме веќе на темата седишта, тие во последно време се едно од најсилните страни на Citroen во поглед на удобноста.. Просторот на задниот дел од кабината е во рамките на класата, со тоа што простор за главата имаат и лица со висина од 2 метри. Багажникот нуди капацитет од 310 литри, што е сосема доволно за секојдневните потреби, а со спуштање на задните седишта просторот се зголемува на 1.188 литри што пак е доволно за транспорт и на погабаритни предмети.
Што се однесува до инфозабавниот екран кој користи дијагонала од 10.25 инчи може да кажеме дека неговиот систем е воден по принципот на едноставност каде што примарна цел е да биде лесен за командување. Самиот систем поддржува Android Auto и Apple CarPlay, што воедно овозможува да ги користите апликациите од вашиот телефон преку екранот на автомобилот. Контролата на климатизација е преку физички копчиња што драстично ја олеснува употребата во споредба со системите кои бараат користење на инфозабавниот систем за прилагодување на наједноставните поставки.
Удобноста во прв план
Како во поглед на опременоста, така и во моторната понуда, ситуацијата е повеќе од јасна на самиот почеток. Доколку сакате класичен бензинец, тогаш добивате 1.2 литраски агрегат и мануелен менувач, ако сте наклонети кон хибридните изведби тогаш истиот агргат со мала батерија и подршка од исто така мал електромотор ќе ве поштедат од рачно менување на брзините, а доколку сте еколошки освестени и сакате да возите само на струја, не грижете се, Citroen ве покрива и од таа страна со целосно електричната верзија на е-С3.
Во нашиов случај под предниот поклопец на C3 е сместен добро познатиот 1.2 литарски трицилиндричен турбо бензинец од серијата „PureTech“. Овој мотор долго време е дел од Stellantis групацијата што покажува дека понекогаш едноставноста е најдобрата стратегија. Покрај тоа што бројката од 101 КС не ветуваат спортски постигнувања, неговата имплементација се докажува како ефикасна и забавна за возење благодарение на влечната сила од 205 Нм што во автомобил со тежина помала од 1.2 тони овозможува одлични перформанси. Во целата приказна голема улога игра и рачниот шест брзински менувач кој е добро пресметан и лесен за ракување. Моторот работи доста тивко и не пренесува вибрации, економиченоста е неговата доблест.
Декларираната просечна потрошувачка изнесува 5.7 л/км, во реалност и во зависност од условите истата е за 0,5 до 1 литар повисока, но не повеќе од 7 л/км, што го прави одличен избор за секојдневна употреба. Сепак, она што го издвојува C3 од конкурентите е неговата ненадмината удобност. Благодарение на „Advanced Comfort“ суспензијата, автомобилот успешно ги апсорбира нерамнините на патот и обезбедува мирно и стабилно возење, додека леснотијата при маневрирањето низ тесните улици доаѓа како уште еден плус. Иако неговата динамика не е во фокусот, автомобилот покажува дека е повеќе од способен да одговори на секојдневните потреби на урбаните возачи. Со овие карактеристики успева да се издвои како еден од најудобните автомобили во својата класа.
Новата генерација на Citroen C3 се истакнува со стилот, функционалноста и удобноста. Овој автомобил е замислен како совршен партнер за урбаниот живот, нудејќи практичност, економичност и уживање во возењето. Со својот свеж пристап, Citroen уште еднаш покажува дека знае како да креира автомобил по мерка на модерните возачи.
Цена на тестираниот модел: 20.190 евра
Технички податоци за Citroen C3 PureTech 100 S&S BVM6 Max
Мотор | Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.199 см3 |
пречник и од | 75,0 x 90,5 мм |
степен на компресија | 10,5:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 101 KС (74 kW) при 5.500 min/-1 |
макс. вртежен момент | 205 Nm при 1.750 min-1 |
Трансмисија | на предните тркала преку 6-степен мануелен менувач |
Потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 205/50 R17 |
Каросерија | „кросовер’ со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.015 x 1.755 x 1.590 мм |
меѓуоскино растојание | 2.540 мм |
траги (напред/назад) | 1.498 /1.518 мм |
Тежина | 1.150 кг |
максимална тежина | 1.620 кг |
багажен капацитет | 310 литри |
Резервоар | 44 литри |
максимална брзина | 160 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 10.6 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,9/6,8 л/5,7/100 км |
емисија на CO2 | 126-127 г/км |
Citroen C3 во Македонија
Citroen C3 You PureTech S&S BVM6 101 KC | 15.990 евра |
Citroen C3 Plus PureTech S&S BVM6 101 KC | 16.990 евра |
Citroen C3 Max PureTech S&S BVM6 101 KC | 19.490 евра |
Citroen C3 Plus Hybride DCT6 Auto 101 KC | 19.490 евра |
Citroen C3 Max Hybride DCT6 Auto 101 KC | 22.490 евра |
Citroen C3 You ëLectric 113 KC (батерија 44 kWh) | 26.990 евра |
Citroen C3 Plus ëLectric 113 KC (батерија 44 kWh) | 27.990 евра |
Citroen C3 Max ëLectric 113 KC (батерија 44 kWh) | 29.490 евра |
Повеќе информации во Автонова на тел. (0) 2 3093 011 или на www.citroen.com.mk
Конкуренти:
Jeep Avenger | од 20.900 до 44.000 евра |
Toyota Yaris | од 20.990 до 32.690 евра |
Peugeot 208 | Од 16.990 до –.— евра |
Skoda Fabia | од 17.860 до 19.760 евра |
Hyundai i20 | од 18.200 до 25.000 евра |
Seat Ibiza | од 18.276 до –.— евра |
Suzuki Swift | од 16.999. до 23.890 евра |
Kia Stonic | од 19.550 до 22.950 евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.