fbpx

Тест Citroen C4 X: Уникатна креација


Моделот С4 Х е непогрешливо продукт на Citroеn, во секоја смисла на зборот. Како што е и вообичаено, тој нуди нешто навистина различно од конкурентите. Потполно нова визија на семеен кросовер што доаѓа како вистинско освежување на пазарот во прав момент.

Креаторите на Citroеn го замислиле овој модел во стил на „кросовер“ што умешно ги спојува во една целина речиси неспоивите форми, создавајќи нетипична и несекојдневна хармонија што од C4 Х прави нешто посебно, автомобил што во ниту еден момент не изгеда досадно.

Несекојдневна димензија

Компанијата Citroen поседува голема палета на стилски и иновативни автомобили, ниту моделот C4 X не е исклучок. Можеби кога ќе го погледнете за прв пат C4 X ќе помислите, што е тоа? Од една страна, се чини дека е SUV поради неговата малку повисока поставеност, потоа, следи троделниот дизајн поврзан со седаните, но не и тоа, од друг агол наликува на купе или популарно кажано ,фастбек“. Сепак, технички не е ниту едно од нив, барем според Citroen. Токму тука доаѓа до израз додавката „X“ во името, бидејќи марката почна да ја користи за модели кои ги надминуваат конвенционалните сфаќања, а тоа во поново време веќе го видовме со преставувањето на големиот C5 X.

Моделот C4 X се базира на постоечкиот C4, па така дизајнот на предниот дел и се до „Б“ столбот е идентично, промената на силуетата стартува од задните врати и движи кон завршетокот на автомобилот. Тука е реинтерпретиран стилскиот израз од седаните со купе форма која целосно го трансформира овој несвојствен „кросовер“ модел. Дизајнерскиот израз на марката открива една потполно нова димензија која едноставно неможе да остане незабележана каде и да се појави. Ништо помалку од ова не се ни очекува од француската компанија која претпочита на нештата да им пристапи на целосно авангарден и храбар начин.

Приоритет на семејниот комфор

Колку надворешноста делува авангардно, толку внатрешноста е смирувачка и минималистичка во секој поглед. Речиси се е идентично со С4. Во кабината прво ве пречекуваат прекрасните седишта кои се белег на „Citroеn Advanced Comfort“, поседуваат променлива густина на пена за мекост и поддршка како кај луксузните автомобили. Забележливо е дека просторот на задните седишта е за нијанса зголемен за разлика од „,обичниот“ С4, удобно сметстување има за сите патници на задната клупа, единствено лицата повисоки од 185 см има шанса да допират до кровот, поради неговата слегувачката линија.

Citroen C4 X

Иако на прва се очекува отворот на багажникот простор да биде изведен како пета врата, тој е направен по принципот на седан автомобилите. Тука се крие и најголемиот плус на С4 Х, затоа што неговиот габарит од 510 литри складишен простор е над сите очекувања и може да „проголта“ речиси се што сте замислиле да понесете со себе на патување. Материјали употребени низ кабината делуваат доста квалитетно и наликуваат на оние од уредувањето на ентериери во станбен простор, правејќи ја целата атмосфера порелаксирана од вообичаено.

Централниот екран осетлив на допир со димензии од 10 инчи е со висока резолуција, преку него се командува со повеќето секундарни функции, а дека Citroеn ги слуша барањата на купувачите покажува со враќањето на копчето за регулација на звукот и на физичките контроли за подесување на клима уредот што е далеку поедноставно одколку наместо сè да се прави преку екранот на допир во комплицирана постапка која го одзема вниманието на возачот. Пофални зборови одат на сметка на инструмент таблата изведена во дигитална форма со големина од 5,5 инчи што овозможува единствен и јасен приказ само на основните функции. Внатрешноста на новиот C4 свесно се надоврзува на обновената офанзива за враќање на традиционалната патека препознатлива на францускиот бренд нудејќи удобност без преседан.

Citroen C4 X

Мал, само на хартија

Понудата кај моделот C4 X се базира на две бензински, една дизел и една елетрично погонувана изведба. На нашиот пазар најинтересни се бензински опции кои се базира на еден од најдобрите трицилиндерски единици на пазарот во моментов. Од зафатнина еднаква на 1.2 литри помогнат со турбо полнач овозможува две верзии на моќност, 100 КС и 130 КС. Двата двигатели во понудата се со ниско ниво на штетни издувни гасови кои ги исполнуваат Euro 6.4 нормативите. Во оваа прилика ни беше одстапена верзијата со 130 КС што својот максимум го нуди при 5.500 врт/мин, додека пак целосниот вртежен момент е на располагање веќе од 1.750 врт/мин, во спрега со добро пресметан 8 брзински автомаски менувач. Овој франциски пар во ниту една комбинација не нуди погон на сите тркала, едноставно таа опција е целосно исклучена како и кај повеќето „кросовер“ модели.

Citroen C4 X

Карактерот што ја поседува оваа верзија на агрегатот се наметнува како идеална опција за оние кои освен економичност сакаат да се препуштат на комфорниот дел од управувањето. Малиот агрегат, само на хартија е мал, во пракса повлекуваа моќно и без размислување во секоја прилика, работи доста култивирано без разлика дали сте на ниски или пак го носите во високи вртежи. Потрошувачката која ја постигнавме за време на нашето дружење се движеше во просек од 7,5 литри на секои 100 изминати километри, а доколку бевме малку по упорни, сигурно дека таа ќе изнесуваше барем за половина, ако не и за еден литар помалку. Перформансите што ги постигнуваа C4 X се повеќе од доволни за секој што ќе се одлучи за ваков тип на автомобил. Забрзувањето до 100 км/ч трае 9,4 секунди, а максималната брзина e „округли“ 200 км/ч.

Спортското доживување во возењето е комплетно анулирано, приоритетот на новиот C4 Х е суспензија која овозможува максимален комфор. Ова го сметаме како добродојден контраст во време полно со автомобили кои поседуваат се покруто потпирање. Моделот С4 Х ќе го преферираат возачи кои од автомобилот бараат удобност и релаксираност, своевидна стрес тарапија од брзиот начин на живот.

Citroen C4 X

Храбро дизајниран и полно со француски стил, целосно наклонет кон семејниот комфор, С4 Х е пионер што доаѓа како единствен предлог во класата која досега и не постоеше.

Технички податоци за Citroen C4 X 1.2 PureTech 130 EAT8 Feel Pack 

Цена на тестираниот модел: 28.680 евра
мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 см3
пречник и од 75,0 x 90,5 мм
степен на компресија 10,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 130 KС (96 kW) при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 230 Нм при 1.750 min-1
трансмисија на предните тркала преку 8-степен автоматски менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 195/60 R18 (напред) 1955/60 R18 (позади)
каросерија Кросовер со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.600 x 1.800 x 1.525 мм
меѓуоскино растојание 2.670 мм
траги (напред/назад) 1.560/1.560 мм
тежина 1.220 кг
максимална тежина 1.775 кг
багажен капацитет 510 литри
резервоар 50 литри
максимална брзина 200 km/h
забрзување 0-100 km/h 9,4 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,8/5,8/5,7 л/100 км
емисија на CO2 129 g/km

Citroen C4 X  во Македонија

Citroen C4 X Feel 1.2 100 HP 22.390 евра
Citroen C4 X Feel Pack 1.2 130 HP 27.690 евра
Citroen C4 X Feel Pack 1.5D 130 HP 29.490 евра
Citroen C4 X Shine 1.2 130 HP 28.890 евра
Citroen C4 X Shine 1.5D 130 HP 30.290 евра
Citroen C4 X Shine Pack 1.5D 130 HP 32.490 евра

Повеќе информации во Автонова на тел. (2) 30 93 001 или на www.citroen.mk

Поврзани вести

Back to top button