fbpx

Тест Citroen C5 X PHEV: Големо враќање на авангардата

Новиот Citroen C5 X е уникатна комбинација која создава рамнотежа помеѓу елеганцијата што ја носат седан автомобилите, динамиката на спортски караван и возвишената позиција на трендовските SUV возила. Несекојдневен предлог кој е дополнет со напреден електрифициран двигател и максимален комфор што прави овој модел да го добие толку посакуваниот Х фактор.

Во 2017 година Французите го пензионираа моделот С5, тогашниот најголем автомобил во гамата. Со овој потег Citoren јасно порача дека времето на класичниот седан и караванска изведба остануваат во минато на марката. Времето на автомобили што поседуваат повеќе од препознатливиот карактер кој што со децении ја обележувал компанијата се враќа во полн сјај. Слободата во креирањето е добиена, па така „двојниот шеврон“ во рамките на групацијата повторно е брендот кој на авангарден начин ќе го конструира автомобилот на иднината, строго по свое видување. Поради тоа Citroеn ja започнува офанзивата со максимален шарм, но, овој пат тој не е во облик на традиционален седан.

Единствен од ваков вид

Et voilà, C5 X е пред нас, и е вистински Citroen во секоја смисла, дури и да е скриен знакот на марката дизајнерскиот јазик дава јасно на знаење дека автомобилот доаѓа од „цитроеновата куќа“. Новиот C5 X е мешавина од вкусови… па така по рецептот на врвните француски кулинарски мајстори доден е малку седан, неколку лажички SUV и напрсток од караван, за да се добие нешто што е комплетно изненадувачки и различно од се останато на пазарот.

Стилот на предниот дел еволуира од изгледот што марката го примени на кросоверот C4, а дневните светла во форма на V се продолжение на хромираната решетка, која самата е формирана од двојниот шеврон мотив. Креативната употреба на карактеристичното лого е забележливо низ целиот автомобил. На профилот се издвојуваат големите лакови на тркалата, кои се малку проширени одзади, што е типична карактеристика за SUV возилата.

Со должина нешто повеќе од 4,8 метри и пропорции кои го прават уникатен, C5 Х е еден од дизајнерски највозбудливите автомобили со кои сме имале прилка да се дружиме во тековната година. На задниот дел, големиот спојлер под малото задно стакло е детаљ што не се пропушта, тука автомобилот прави чуда со вашата перцепцијa. Се вкупно гледано слободно може да се каже дека C5 X на најдобар можен начин ја враќа ексцентричноста на Citroen, без да ги премине границите на вкусното однесување.

Удобноста како прв приоритет

Дека формата и функцијата се во еднаква понуда кај C5 X покажуваат предните седишта каде приоритетот е ставен на удобноста. Со својата великодушна големина, обложени со слој од 15 мм мемориска пена комфорот е налик на престој во дневна соба. Ниту патниците во задниот дел не се изоставени, тие  добиваат несекојдневно ниво на комфор. Простор над главата е достапен и за лица од 2 метра, а она што воодушевува е местото за нозете кое е добиено благодарение на долгото меѓуоскино растојание на автомобилот. Капацитетот на багажникот кај хибридниот модел е за нијанса помал и изнесува просечни 485 литри. Но, затоа пак надоместува со широкиот отвор и практичната висина која му овозможуваат складирање на габаритни предмети.

Употребените материјали и завршната обработка во кабинскиот простор се истакнуваат со изразен квалитет и одличен финиш. Во поглед на дигитализацијата С5 Х го следи трендот што владее со автоиндустријата во поново време. Пред возачот е поставен мултифункционен дисплеј со сите потребни информации, а во тестираниот примерок „хед-ап дисплејот“ репродуцира слика на ветробранското стакло кој според потребите може да ја прикаже навигацијата, информации за автомобилот или други податоци поврзани со возењето.

Citroen C5 X

Долгнавестиот екран на допир задолжен за мултимедијата е поставен високо на контролната табла, истиот го користи најновиот софтвер на Citroen кој е сличен на она што би очекувале да го најдете на паметен телефон или таблет. Пристапот до менито е брзо и лесно, радува и фактот дека има хардверски копчиња за брз пристап, како и копче за контрола на гласот. Вообичаените функции за пресликување на паметни телефони со оперативните системи на Android и Apple се исто така присутни заедно со опцијата за безжично полнење.

Обединети за подобра еколошка прифатливост

Моделот кој ни беше одстапен на неколку дневно дружење ја поседуваше најмоќната агрегатска комбинација во понудата. Станува збор за 1.6 литарскиот турбо бензински агрегат со моќност од 180 КС кој работи во спрега со електро мотор што произведува 110 КС за вкупна моќност од 225 КС. За се да биде уште поконфузно, бензинецот има 300 Нм, а електромоторот поседува 320 Нм што прави заедничката влечна сила да изнесува 360 Нм. Хибридниот погон силата ја испраќа на предната осовина ексклузивно преку добро одмерената 8 степена автоматска трансмисија која му овозможува на С5 Х да достигне од 0 до 100 км/ч за 7,9 секунди, додека стрелката на брзиномерот своето патешествие го завршува на максимални 225 километри на час.

Кај C5 X постојат четири режими на возење: Sport, Comfort, Hybrid и Electric. Спортскиот режим ја дава целата моќ на располагање, но за нас тоа почнува да ја поткопува вистинската намера на автомобилот, што е удобноста. При тестирањето, го користиме електричниот режим колку што е можно повеќе, а тој не одонесе до 45 километри во градски услови на користење. Кога ја испразнивме батеријата, префрливме во Comfort режимот кој е максимално суптилен во испораката на сила, додека опцијата Hybrid незабележливо го комбинира моторот со внатрешно согорување и електроните кои доаѓаат од батерискиот систем со зафатнина од 12,4 kWh.

Во суштина Plug-in автомобилите се одлична опција за секојдневна употреба во урбаните средини, затоа што без да потрошите ниту еден милилитар гориво можете да ги извршите сите дневни пропатувања низ градските гужвите, додека на отворен пат главната улога му припаѓа на бензинскиот агрегат кој патем ќе троши помалку од 8 литри на секои 100 изминати километри кога работи самостојно или во хибриден режим под 4 литри.

Citroen C5 X

Во време кога сите производител тежнеат кон спортското, Citroen се потрпира на страната на удобното возење и не се обидува тоа да го задскрие на ниту еден начин. Моделот С5 Х гордо го поддржува она што марката го нарекува „Advanced Comfort Active Suspension“. Системот е помогната од вградениот софтвер кој го чита патот пред автомобилот, сензорите ја пратат брзината на тркалата и вертикалната положба на суспензијата. Она што го создава е чувство дека автомобилот се движи „над“ нерамнините на патот, а сепак останува ригиден во свиоците.

Моделот C5 X е впечатлива креација, полна со свеж дизајнерски пристап во ерата на глорифицираните SUV возила преку кој Citroen повторно се осмели да ги помести границите и наместо агресивен и атлетски набој да понуди душа полна со комфор.

Citroen C5 X

Цена на тестираниот модел 53.940 евра

Технички карактеристики за Citroen C5 X Plug-in Hybrid 225 S&S e-EAT8 SHINE
Мотор Euro VI AP, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.598 cm3
пречник и од 77,00 x 85,80 mm
степен на компресија 10,5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа и индиректно Multi-point вбризгување на горивото
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување 180 KС (133 kW) при 6.000 min/-1
максимална моќ на електромотор 110 КС (81 kW)
максимална моќ на хибриден систем 225 КС (165 kW)
макс. вртежен момент  на мотор со внатрешно согорување 300 Nm при 3.000 min-1
макс. вртежен момент на електромотор 320 Nm при 500 min-1
макс. вртежен момент на хибриден систем 360 Nm
трансмисија на предни тркала преку 8 степен автоматски менувач
потпирање напред независен Мекферсонов систем, назад Multilink двојни рамена, телескопски амортизери
сопирачки напред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 205/55 R19
каросерија Crossover со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.805 x 1.859 x 1.485 mm
меѓуоскино растојание 2.785 mm
траги (напред/назад ) 1.595/1.600 mm
тежина 1.697 kg
максимална тежина 2.185 kg
багажник 485/1.580  литри
резервоар 44 литри
максимална брзина 225 km/h
забрзување 0-100 km/h 7.9 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) –/–/,l,4 l/100 km
автомомија на електро погон 50 km
капацитет на батерија 12,4 kWh
емисија на CO2 29 g/km

 

Повеќе информации во Автонова  ул. „Скупи“ бр.8; 1000, Скопје (02 309 3011) или на www.citroen.mk

Citroen C5 X  во Македонија

Citroen C5 X  Feel PureTech 130 35.990 евра
Citroen C5 X  Feel Pack PureTech 130 38.990 евра
Citroen C5 X  Shine PureTech 130 43.490 евра
Citroen C5 X  Shine PureTech 180 45.490 евра
Citroen C5 X  Shine Pack PureTech 180 49.490 евра
Citroen C5 X  Feel Pack Hybrid 225 50.490 евра
Citroen C5 X  Shine Pack Hybrid 225 54.990 евра

Конкуренти:

Volkswagen Arteon oд 52.420 до 75.762 евра
Skoda Superb Scout oд 46.660 до 46.800 евра
Toyota Camry oд 40.590 до 49.990 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

 

Поврзани вести

Back to top button