fbpx

Тест DR 3: Италијанец со источен призвук

Моделот DR 3 се карактеризира со динамичен и спортски стајлинг на надворешноста што ги обединува тековните трендови на кросовер-купе автомобилите, користи напредна механика, а сепак настапува по конкурентна цена

Компанијата DR е италијански производител на автомобили, бренд роден во 2006 година од фузија на две различни и успешни искуства. Директното познавање на пазарот на автомобили, искуството како и техничко-технолошкото знаење стекнато во светот на тркачките автомобили ја сочинуваа основата за партнерство помеѓу италијанската компанија и азискиот производител кој е насочен кон дизајнирање, имплементација и индустријализација на нови автомобили. Како краен резултатот е добиен производ што е изработен во Италија, комплетно иновативен, технолошки напреден, италијански дизајниран, целосно опремен и пред сè, карактеристичен по исклучителен сооднос помеѓу квалитетот и цената.

Одлично изведена фузија

Моделот DR3 е изграден врз основа на Cherry Tiggo 3x, тој поседува динамичен и спортски дизајн, што се разликува од повеќето конкурентни модели. Пред сè поради својата дефиниција која е акцентирана на предниот дел каде што модерниот пристап во обликувањето му носи силен карактер.

Современиот дизајн на светлосните единици е дополнет со елегантни LED светла, а долниот дел од браникот е обоен во сребрена боја која потсетува на заштитна оплата што се користи кај теренските возила. Страничната силуета на овој SUV ги открива компактните димензии што имаат купе стајлинг, проткаени со спортски линии кои се дополнети со стандардни 17-инчни алуминиумски фелни изведнени со впечатлив дизајн. На задниот дел, каде покрај великодушниот спојлер поставен на горниот дел од задното стакло, се истакнува и впечатливата заштита на подвозјето во сребрена боја, која исто како и на предниот дел, е вметната за да подигне визуелниот стил на овој градски кросовер.

 

Опкружување со фини завршници

Покрај компактните димензии моделот DR3 поседува внатрешност која е способна за удобно сместување за 4, а на кратки релации и на 5 лица. За да се направи внатрешното опкружување исклучително пријатно и релаксирачко, покрај кожните инсерти и фините завршници, придонесува и практичниот електричен стаклен кров.

Што се однесува до возачкото работно место, подигнатото седиште типично за SUV овозможува одлична видливост во која било насока, главните контроли се секогаш при рака, што во голема мера го олеснува дејството на возачот, кој благодарение и на оригиналната табла со инструменти со детален дисплеј, секогаш ги има под контролира функции на возилото и параметрите за патување. За да се дополни амбиентот се грижи и големиот 8-инчен екран осетлив на допир што се наоѓа во центарот на контролната табла и е со исклучително интуитивен интерфејс кој не бара долго привикнување. Дека не е заборавен и просторот за багаж говори капацитет од 420 литри во стандардната конфигурација, истиот има волумен до 790 литри со соборување задните седишта.

Достојни перформанси

Моделот DR3 на нашиот пазар може да се добие опремен со 1,5-литарски четирицилиндерски бензински мотор со 106 коњски сили споен со 5 степен мануелен менувач, а постои и опција која нуди фабрички вграден плински уред што ја зголемува автономијата и намалува потрошувачката на гориво, како и издувните гасови во атмосферата. Во нашиот случај, ни беше отстапена верзијата со касичен бензински погон, која и покрај ограничената моќност, успева во секој случај, да испорача повеќе од достојни перформанси.

Забрзувањето од 0 до 100 км на час трае 11,5 секунди, додека пак  максималната брзина изнесува 175 км на час. потрошувачката бележи просек од 7,7 литри на 100 км. што се искачува за 1 литар во континуирана градска гужва. Нагласената агилност во управувањето, во комбинација со прилично компактните димензии, го прават DR3 вистински разноврсен автомобил, кој многу добро се снаоѓа во секоја ситуација. Балансираното подвозје е сетирано на начин што има за цел повеќе да го фаворизира комфорот во возењето, отколку спортското стил, реагира правовремено и прецизно во повеќето случаи и се карактеризира со лесно предвидливо однесување.

Моделот DR3 се идентификува како SUV Coupe и претставува идеален избор за оние кои посакуваат економичен автомобил што во исто време е погоден за ефикасно движење во градскиот сообраќај, а може да послужи и како одличен избор за авантури и вон урбаните рути.

Цената на тестираниот примерок со сите вклучени додатоци изнесува 14.900 евра, а за моделот со исто ниво на опременост и опција со погон на гас, потребно е да се издвојат дополнителни 1.000 евра, тука треба да се додаде дека секој модел на DR Automobiles поседува  5 годишната гаранција или 100.000 километри.

 

Технички податоци за Dr 3:

мотор ACTECO четири цилиндри поставени во линија
работна зафатнина 1497 cm3
максимална моќ 78 kW/105 КС при 6000 вртежи во минута (бензински мотор), 72 kW при 6.000 вртежи во минута (LPG)
макс. вртежен момент 135 Nm при 2.750 вртежи во минута
трансмисија Погон на предни тркала, шестстепен мануелен менувач
потпирање Напред: Независен Макферсонов систем со цилиндрична намотка и анти-рол бар, позади: Двојна шипка
сопирачки Напред вентилирачки дискови, позади дискови
пневматици 215/60 R17
должина х ширина х висина 4.170 mm x 1.760 mm x 1.570 mm
меѓуоскино растојание 2.555 милиметри
траги (напред/назад) 1.495 напред/ 1.484 назад
тежина 1.215 килограми
максимална тежина 1.620 килограми
багажен капацитет 420/790 литри
резервоар 50 литри
максимална брзина 175 km/h
забрзување 0-100 km/h 11,5 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 6,6 l/100 km, 9,5 l/100 km, 7,7 l/100 km
емисија на CO2 180g/km

 

Конкуренти на DR3 во Македонија:

Renault Captur од 16.400 евра
Peugeot 2008 од 17.190 евра
Škoda Kamiq од 15.070 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button