Тест Fiat 600: Совршен спој на ретро шарм и модерна технологија

Моделот 600 ја продолжува богатата традиција на италијанскиот дизајн, носејќи свежина во сегментот на компактни СУВ модели. Инспиран од култниот Fiat 500, овој модел успешно комбинира уникатен стил, иновации и практичност, со модерни и економични мотори претставувајќи привлечен и функционален избор за урбаните возачи.
Емоции исолнети со стил
Компанијата Fiat со моделот 600 го продолжува она што италијанците многу умешно го интегрираат во својот дизајнерски јазик, во конкретниов случај комбинираат ретро шарм со модерна СУВ практичност. Изгледот на овој модел најмногу црпи инспирација од култниот Fiat 500, пренесувајќи дел од неговите стилски ДНК во покомпактно SUV пакување. На предниот дел моделот 600 ги задржува меките, заоблени форми кои се долгогодишен заштитен знак на брендот.
На предницата доминантен е парот на ЛЕД светлосни групи со кружна графика која веднаш создава визуелна врска со неговиот помал брат, моделот 500. Над главните светла, тенките дневни светла ја нагласуваат припадноста на возилото, додават на имиџот и ја зголемуваат функционалност. Решетката за ладење на моторот е минималистички тенка, а во средината е поставена ознаката на моделот со што се внесува модерен и елегантен допир. Во предниот браник се обликувани аеродинамични отвори, кои допринесуваат за спортскиот карактер и визуелно поагресивна појава.
Погледот од страна покажува дека Fiat 600 ја задржува динамичната силуета со благо купеовска линија на покривот, што придонесува за спортска појава. Страните се дизајнирани со чисти линии и минимален број на остри рабови, што му дава елегантен и модерен изглед на профилот. Карактеристично за моделот 600 се изразените лакови на тркалата, кои се обложени со црна пластика, типичен СУВ елемент што ја засилува робусноста. Задниот дел ја потенцира широчината на возилото, со спојлер што ја подобрува аеродинамиката. Светлосните групи имаат уникатна „C“-форма, а на средината на задниот браник гордо стои втиснато логото „600“. Моделот 600 многу умешно успева да ги спои италијанската естетика и функционалноста во исклучително стилски пакет, полн со шарм што е подеднакво привлечен и софистициран.
Дигитална ретро еволуција
Дизајнерите кај Fiat 600 комбинираат ретро-елементи со модерна технологија, создавајќи удобен, функционален и стилски ентериер. Внатрешноста е инспирирана од Fiat 500, но со повеќе простор, подобрени материјали и дигитализирани контроли, што го прави идеален за модерниот урбан живот. Централниот елемент на ентериерот е заоблената арматурна табла, која го задржува стилскиот потпис на Fiat 500, но со повисоко ниво на технологија. Тенките хоризонтални линии на предниот панел создаваат чувство на пространост и ја подигаат севкупната атмосфера.
Во целата слика суптилно навлегува 10,25-инчен мултимедијален екран, поставен во „лебдечка“ позиција, што додава напредна но елегантна нота. Овој систем е опремен со модерен интерфејс кој што поддржува Apple CarPlay и Android Auto конекција, систем поддржува OTA (Over-the-Air) ажурирања, што значи дека софтверот може да се надградува без потреба од одење во сервис. Под екранот се задржани класичните копчиња за клима уредот кои се грижат за поголема практичност. Возачот добива 7 инчен дигитален инструмент панел, кој нуди персонализиран графички приказ за сите примарни информации поврзани со возењето.
Ентериерот е дизајниран со акцент на удобност и квалитет, особено внимание е посветено на одржливите материјали со цел да се создаде пријатно чувство во компактна средина која воедно ќе биде еколошка и стилски изведена. Иако Fiat 600 е компактен СУВ, внатрешноста е пространа и паметно организирана. Кабината нуди добра ергономија и доволно простор за четири возрасни патници, а задниот ред седишта нуди комфор и за подолги патувања. Во целаокупниот простор не е заборавена ниту практичноста, па така централната конзола има голем број на оддели за складирање, простор за телефон со безжично полнење и практични прегради.
Задните седишта можат да се преклопат во 60/40 конфигурација, зголемувајќи го корисниот багажен простор до 1.200 литри, инаку во стандардна конфигурација неговиот волумен изнесува 360 литри, што е сосема доволно за секојдневни потреби. Со комбинација на иновативни материјали, дигитални решенија и практичност Fiat 600 успева да создаде пространа, удобна и технолошки напредна внатрешност, без да ја жртвува препознатливата италијанска елеганција.
Модерна технологија во служба на ефикасноста
Кај изведбата со мотори со внатрешно согорување во Fiat 600 како двигатели се јавуваат две верзии на 1.2 литарскиот 3 цилиндричен турбо агрегат со различна излезна моќност. Послабата со 100 КС и 136 КС која ни беше одсстапена на неколкудневно дружење. Во двата случаи погонот комбинира бензински мотор со електромотор кој располага со 21 КС во „mild hybrid“ 48V технологија. Овој склоп е дел од новата генерација на „Mild Hybrid Electric Vehicle“ технологии на Stellantis, што значи дека електромоторот не работи независно, туку и асистира бензинската единица при тргнување и забрзување, а со отпуштање на педалата за гас, моторот може и целосно да се исклучи за да се намали потрошувачката. Проектиран за ниска потрошувачка, особено во градски услови, каде што хибридниот систем овозможува поголемо користење на електричната енергија при константни старт-стоп циклуси.
Производителот декларира просек од 4,8 литри, што во нашиот случај беше надминат за 1,7 литри, измерена вредност која не носи во зоната од 6,5 литри на секои 100 изминати километри, што секако е одлично постигнување. Влечната сила од 230 Нм се испраќа кон предната оска преку 6 брзински e-DCT автоматски менувач, кој користи двојна спојка за побрзо и попрецизно менување на степените, што воедно овозможува позабавна и подинамична реакција при забрзување. Неговото автоматизирано работење на интелигентен начин го избира степенот на пренос според начинот и „модот“ на возење. Ваквиот погон обезбедува достапна моќност и солидни перформанси кои воедно се прилагодени за урбано, но и за возење на автопат. Податоците велат дека од 0-100 км/ч стигнува за 8,9 секунди, а дигиталниот мерач ја забележува највисоката вредност од 206 км/ч.
Поставен на CMP платформата која ја дели со уште неколку модели од групацијата му овозможува стабилно управување и добра рафинираност при поголеми брзини на отворен пат, сериозниот пристап при сетирањето на суспензијата најмногу се забележува во градски услови на возење кога нерамнините од улиците речиси и да не го нарушуваат начинот на уживањето во возењето.
Fiat 600 Hybrid претставува совршен спој на ретро стил и модерна технологија, нудејќи елегантен дизајн, паметни дигитални решенија и моќен, но економичен мотор. Со практична и пространа внатрешност, напредни безбедносни системи и атрактивен изглед, овој модел ја има совршената формула за оние кои сакаат компактно, но функционално СУВ возило со силен италијански карактер.
Цена на тестираниот модел: 23.700 евра
Технички податоци за Fiat 600 1.2 Hybrid 136 АТ
Мотор | Euro VI, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.199 см3 |
пречник и од | 75,0 x 90,5 мм |
степен на компресија | 10,5:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување/ Mакс. моќ на електромотор |
136 KС (100 kW) при 5.500 min/-1
21 КС (15,6 KW) при 4.264 min/-1 |
Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/ Mакс. вртежен момент на електромотор |
230 Нм при 1.750 min/-1205 Nm/
51 НМ помеѓу 750 и 2.499 min/-1 |
Трансмисија | на предни тркала преку 6-степен автоматски менувач |
Потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торназиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 215/65 R16 (напред) 215/65 R16 (позади) |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.171 x 1.781 x 1.536 мм |
меѓуоскино растојание | 2.557 мм |
траги (напред/назад) | 1.535/1.524 мм |
Тежина | 1.276 кг |
максимална тежина | 1.760 кг |
багажен капацитет | 360/1.200 литри |
Резервоар | 44 литри |
капацитет на батерија | бруто 0,89 kWh, нето 0,41 kWh |
максимална брзина | 206 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 8.9 секунди |
просечна потрошувачка на хибриден систем | 4,8 л/100 км |
емисија на CO2 | 109 г/км |
Fiat 600 во Македонија
Fiat 600 1.2 Hybrid 100 АТ | 22.500 евра |
Fiat 600 1.2 Hybrid 136 АТ | 23.200 евра |
Fiat 600 1.2 Hybrid La Prima 100 АТ | 25.900 евра |
Fiat 600 1.2 Hybrid La Prima 136 АТ | 26.600 евра |
Fiat 600 Electric (RED) 156 | 37.200 евра |
Fiat 600 Electric 156 | 40.900 евра |
Повеќе информации во Аутомобиле СК на тел. (02) 30 96 333 или на www.fiat.mk
Конкуренти:
Alfa Romeo Junior | од 29.500 до 45.500 евра |
Renault Captur | од 20.750 до 33.831 евра |
Opel Mokka | од 23.430 до 32.140 евра |
Ford Puma | од 23.900 до 29.300 еврa |
Jeep Avenger | од 20.900 до 44.000 еврa |
Nissan Juke | од 29.050 до 45.990 еврa |
Peugeot 2008 | од –.— до –.— евра |
Toyota Yaris Cross | од 25.200 до 39.990 евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.