Тест Ford Kuga ST-Line: SUV со динамични гени
Компанијата Ford направи јасен избор и тргнува во нов правец со третата генерација на Kuga. Претходно таа се обидуваше да кокетира со теренските возила и патнички автомобил. Отсега кога се мисли на Kuga станува збор за изобилство на просторот и висок квалитет во возењето на асфалтна подлога.
Лансиран на пазарот во 2008 година, моделот Kuga беше првиот SUV на марката во Европа кој многу брзо стана популарен кај купувачите што беа во потрага по нешто ново како замена за традиционалните седан и каравански изведби. Од почетокот на производството Ford има продадено повеќе од 1 милион парчиња Kuga на стариот континет што воедно го прави да биде еден од омилените нови семејни автомобили.
Спортски пропорции
Претходните две генерации на Kuga дизајнерски не одскокнуваа во ниту еден елемент, што не е случај со оваа трета генерација. Од компанијата вложија повеќе труд со цел да го вметнат моделот во кругот кој моментално го одсликува изгледот на моделите од гамата. На прв поглед, Kuga еволуира кон нова и поелегантна естетика. Типичните детали за брендот, како што е хексагоналната решетка на ладилникот е секако повторно присутна. Сега овој SUV доаѓа со изглед кој е со далеку поспортски пропорции успешно избегнувајќи ги замките при обликувањето кои често знаат да преставуваат вистински проблем. Ако на сето тоа се додаде и ST-Line пакетот кој носи изменети преден и заден браник со поагресивен облик и одличната метализирана нијанса на црвена боја се содава стилизиран и уникатен спортски комплет кој привлекува внимание гледано од сите агли.
Комодитет во прв план
Стилот во уредување на внатрешноста на Kuga е многу сличен со другите модели на Ford, но со акцент на висината за максимизирање на просторот, а Kuga во ова издание секако нуди многу простор! Напред се забележува високата положба на седење, дури и со поставување на седиштето во најниско. Ова му дава на возачот чувство за контрола над автомобилот и секако добар поглед на сообраќајот(можеби не и најудобен за секого). Просторот во задниот дел е натпросечен и може слободно да се сместат три лица. Од друга страна пак, габаритот на багажниот простор изнесува 435 литри во стандардната конфигурација, што е просечна големина за класата, додека со соборување на задната клупа зафатнината се зголемува на 1.534 литри со што пак е овозможен транспорт на покабасти предмети.
Се на свое место
Опремата е модерна и комплетна, но не прогресивна. Ова исто така покажува дека Kuga е наменета за семејството, а не за љубителите на новите и сеуште недокажани технологии кои сакаат да ги импресионираат своите пријатели. Од друга страна тоа не значи дека Kuga е едноставна, бидејќи овој SUV со средна големина поседува речиси сè што е во моментов актуелно на таа тема. Повеќето секундарни функции се управуваат преку централниот дисплеј, додека голем плус доделуваме на одвоениот системот за контрола на климата кој има свои физички команди. Системот за аудио, комуникација и навигација на Ford наречен „Sync“ постојано се развива и надградува, затоа има сè повеќе функции, додека работењето станува поедноставно и пологично. Ако сепак преферирате изворот на вашата забава во возењето да доаѓа од сопствениот паметен телефон можете тоа да да го направите преку поврзувањата со Apple CarPlay или Android Auto.
Нескриено задоволство
Во конфигурацијата ST-Line моделот Kuga што е погонуван од „EcoBoost“ агрегат секогаш има погон на предните тркала. Бензинскиот мотор од 1,5 литри во тест автомобилот е изведен од исклучително успешниот трицилиндерски 1,0 литарски двигател кој Ford го користи во компактните модели со години. Основниот дизајн е изменет така што зафатнината сега изнесува 1.497 кубни сантиметри и се користи најчесто за напојување на поголемите модели на марката. Во сите случаи оваа работна единица е неверојатно силна и се одликува со исклучително мазен работен ритам. Истовремено, изворот на енергија ја врши својата работа толку тивко што постои ризик од незабележано забрзување, за што секако се задолжени 150 КС и влечната сила од 240 Nm која е достапна од ниски 1.600 врт/мин.
Во целиот процес активна улога игра и шестепениот мануелен менувач чии главни особини се прецизниот трансфер, брзото и лесно работење. Затоа за забрзување до 100 км/ч се потребни нешто помалку од 10 секунди, а во полн набој може да стигне до речиси максимални 200 км/ч. Постигнувањата позитивно се одлсикуваат и на потрошувачката, за време на неколкудневното дружење во просек ни беа потребни помалку од 8 литри на секои 100 изминати километри, податок што ја прави Kuga еден од поекономичните (со турбо) преставници во класата.
На пат, Kuga го користи максимумот од својата шасија, oва е SUV модел со јасно изразен динамичен карактер. На кривулестите патишта директното и прецизно управување создава максимално чувство на доверба. Присутна е минимална тенденција на намалување поради повисокото тежиште на автомобилот, но не како кај одредени конкурентски модели.
Со доаѓањето на третата генерација на Kuga, компанијата Ford повеќе не сака овој модел да го прествува како авантуристичко возило за сите терени. Сепак, новата верзија ја користи истата висока градба на каросеријата за да обезбеди максимален простор и функционалност во кабината, но бидејќи Kuga повеќе не мора да функционира и на теренски услови, туку на асфалтни патишта, Ford успеа целосно да се фокусира на второто, а тоа оди во корист на возните карактеристики и динамиката кои нескриено ја покажува во секоја прилика.
Цена на тестираниот модел: 35.800 евра
Технички спецификации за Ford Kuga ST-Line M6 1.5 Ecoboost
Мотор | Euro VI, бензински, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.497 cm3 |
пречник и од | 84.0 x 90.0 mm |
степен на компресија | 11:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 150 KС (110 kW) при 6.000 min/-1 |
макс. вртежен момент | 240 Nm при 1.600 – 4.000 min-1 |
Трансмисија | на предни тркала преку 6 степен мануелен менувач |
Потпирање | напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред дискови назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 225/60 R18 |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.629 x 1.883 x 1.666 mm |
меѓуоскино растојание | 2.710 mm |
траги (напред/назад ) | 1.597/1.588 mm |
Тежина | 1.489 kg |
максимална тежина | 2.075 kg |
Багажник | 435/1.534 литри |
Резервоар | 54 литри |
максимална брзина | 195 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 9.7 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 5.0/6.3/5,8 l/100 km |
емисија на CO2 | 150 g/km |
Ford Kuga во Македонија
Ford Kuga Titanium 1.5 150 HP М6 | 32.900 евра |
Ford Kuga Titanium 1.5 TDCi 120 HP М6 | 34.200 евра |
Ford Kuga Titanium X 2.5 PHEV 190 HP A6 | 43.600 евра |
Ford Kuga Titanium X 2.5 PHEV 190 HP A6 AWD | 46.900 евра |
Ford Kuga ST-LIne 1.5 TDCi 120 HP М6 | 38.400 евра |
Ford Kuga ST-Line 2.5 PHEV 190 HP A8 AWD | 45.400 евра |
Ford Kuga ST-Line X 2.5 PHEV 190 HP A6 | 45.900 евра |
Ford Kuga ST-Line X 2.5 PHEV 190 HP A6 AWD | 49.300 евра |
Повеќе информации во Мида Гранд Моторс на тел. (02) 30 73 103 или на www.ford.mk
Конкуренти
Hyundai Tucson | од 25.500 до 46.000 евра |
Toyota RAV4 | oд 35.490 до 54.390 евра |
Peugeot 3008 | oд 31.420 до 65.110 евра |
Opel Grandland | oд 27.730 до 44.410 евра |
Seat Ateca | oд 26.629 до 39.376 евра |
Kia Sportage | oд 24.900 до 41.900 евра |
Nissan Qashqai | oд 28.900 до 42.900 евра |
Volkswagen Tiguan | oд 41.484 до 55.724 евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ.