fbpx

Тест Ford Mustang Mach-E: Возбудлива иднина

Компанијата Ford со моделот Mustang Mach-E прави одлична работа внесувајќи го „брендот“ Mustang во овој нов, електрифициран свет. Носталгичарите ќе останат загрижени, но работите се менуваат со исклучително брзо темпо, а Mustang Mach-E во голема мера ја претставува иднината, не само на компанијата туку и на целата авто индустрија, без разлика дали тоа ви се допаѓа или не.

Тест Ford Mustang Mach-E

Во моментов се случува можеби најголемата промена на автомобилската индустрија. Електричните возила земаат се поголем замав, а по она што може да го видиме, тие се тука за да останат. Овие случувања ги натераа производителите да бидат поинвентивни, да пронаоѓаат некои нови решенија, создаваат нови класи на возила, но и да се навратат на имињата од нивното славно минато. Прва компанија која се одважи да го искористи називот што е еден од најзначајните за марката е токму Ford, Употребувајќи го можеби најславното име во својата историја, Mustang (Mach-E). Зарем ништо повеќе не е свето?! Времињата навистина се менуваат и името Mustang сега е прикачено на електрично возило, а за се да биде вон вообичаеното, автомобилот е обликуван во стилот на „кросовер“! „Хардкор“ вљубениците немаат простор за паника. Стариот, добро познат Mustang продолжува да живее, како купе и кабриолет со мотори кои користат октанско гориво.

Тест Ford Mustang Mach-E

Инспириран од легендарниот „muscle car“

Одговорните во компанијата сметаат дека ако нешто е на доволна високо ниво да ги одведе во новиот правец и да ја исполни задачата на театрален начин, тоа со сигурност е Mustang. Најпрво, мора да се признае дека Ford во целост е на висина на задачата кога зборуваме за естетиката на Mustang Mach-E. Настрана од електрификацијата, пазарот на автомобили значително е променет. Купувачите сакаат нивниот миленик да се издвојува од останатите, а Mustang Mach-E го прави тоа на извонредно добар начин.

Мoделот Mustang Mach-E во целост црпи инспирација од легендарниот „октанкси“ модел, а тоа е највеќе забележливо на предната и задната страна од автомобилот. Фронталниот дел има доста агресивен пристап кој потсетува на „muscle car“ автомобил што е постигнато со долгиот поклопец и „лутите“ LED светлосни склопови. Слично е и одзади, каде се користени стилски задни светла познати од минатото. Се ќе беше вообичаено доколку едноставно е креиран како стандарден SUV, но одговорните за изгледот на екстериерот тука употребиле мала дизајнерска итрина. Mustang Mach E совршено одговара на времето и простор во коe живее, тој не е конвенционален SUV, напротив, кокетира со стиловите кои се атрактивни во моментов, создавајќи уникатна творба која е нешто помеѓу SUV/Crossover/Fastback. Финалниот резултат е надворешност што со сигурност го издвојува од конкуренцијата, едноставно привлекуваајќи погледи без разлика каде и да се појави.

Како што е случај и со многу други нови автомобили, Ford имаше можност да измени одредени аспекти од дизајнот на возилото. Овде, производителот се одлучи за копчиња со кои се отвораат вратите на предната и на задната страна на Mustang Mach-E. Напред, има и две елегантни рачки на вратите кои го олеснуваат пристапот до кабината, додека одзади ќе мора да ги ставите прстите помеѓу вратата и рамката на возилото. Некој може да помисли дека е небезбедно, но за среќа, Ford имплементирал систем кој спречува вратата да се затвори и предизвика згмечување на прстите.

Тест Ford Mustang Mach-E

Современ и максимално оригинален

Дизајнерите на Ford естетски можеби го поврзаа купето и овој нов електричен SUV однадвор, но внатре, Mach E е целосно современ и оригинален. Штом ќе влезете во кабината, ќе наидете на добро уреден и прецизно склопен ентериер. Ништо во кабината не потсетува на моделите кои марката ги има во понудата. Се е креирано во стилот на новото време. Огромниот централен екран доминира со кабината. Неговата вертикална поставеност и димензија од 15,5 инчи командуваат  со речиси се, а има и големо физичко копче за подесување на звукот. Можеби на почеток системот се чини дека е малку препотентен, но како и со се што е ново, за кратко се навикнувате на неговата функционалност. Доколку сте љубител на сопствена забава секогаш можете безжично да го поврзете својот паметен уред преку Android Auto и Apple CarPlay што звукот ќе го пренесе преку 10 звучници што се производ на В&O и испорачуваат 560W.

Вториот екран во кабината е наменет за возачот, тој има вертикална поставеност и димензија од 10,2 инчи, поставен зад е управувачот, тој ги прикажува клучните информации за возењето, а доста суптилно, во знак на наследството на Mustang има напишано „ Ground Speed “ под местото каде што се прикажува брзината. Кога станува збор за комфорот, предните седишта се изразено удобни и поседуваат добра странична подршка, но сепак, задниот дел е местото каде што Mach-E навистина импресионира. Поставен на платформа која е развиена специфично за електрични возила нуди многу повеќе простор од колку што сугерира спортскиот изглед однадвор. Обично слегувачката линија на покривот би го компромитирала простор на задната клупа, па затоа инжињерите на марката играле паметно и задните седишта ги поставиле доволно ниско за да им овозможат и на лица со висина од 190 да седнат удобно во задниот дел.

Складирањето и транспортот на  багажот е организиран доста паметно. Имено, во стандардниот багажник има место за 402 литри, што не ни малку ни многу, а доколку ги соборите задните седишта тогаш добивате 1.420 литри транспортен простор…но, тоа не е се! На предниот дел каде што обично се наоѓа агрегатот, се крие уште еден багажник со капацитет од речиси 120 литри, тој има и еден иновативен елемент, а тоа е отвор за испуштање на течност, па така слободно можете да го напоните со мраз и да ги ладите омилените пијалоци. Идеја за поздрав!

Тест Ford Mustang Mach-E

Загарантирана забава

Погонската единица на Mustang Mach-E во случајот на нашиот тест автомобил вклучува пар електрични мотори, на секоја оска по еден, со вкупно 258 kW или 351 КС  и влечна сила од 580 Nm. Енергијата доаѓа од пакетот батерии составен од 376 литиум-јонски ќелии. Ford очигледно е крајно конзервативен во поглед на батеријата, иако истата има вкупен капацитет од 98,7 kWh, употреблив е капацитет од само 88 kWh. Другите производители остават резерва од 3-4 kWh, додека Ford има повеќе од 10 kWh како залиха. Ваквиот пристап остава простор за зголемување на опсегот преку „over the air“ софтверски надградби за менаџирање на батеријата и се што е поврзано со возилото. Системот овозможува брзо полнење до 150 kW за што му се потребни 45 минути како би ја дополнил батеријата од 10% до 80%, на стандарден полнач од 11 kW за целосно полнење на батеријата ќе треба да почекате повеќе од 8 часа.

Слободно може да кажеме дека Mustang Mach E е изненадувачки забавен автомобил. Иако поседува AWD, агрегатот со поголема сила е инсталиран позади, што значи дека моќта е главно насочена на задниот дел. Поради тоа наглото притискање на педалот за забрзување го прави „разигран“ и многу забавен, што носи насмевка на секој што ќе седне зад управувачот. Во поглед на перформансите, 2.2 тона тешкиот автомобил забрзува до 100 км/ч за само 5,8 секунди, додека дигиталниот мерач на брзина вели дека 180 км/ч е максимумот кој е електронски ограничен. Декларираните 540 километри со полна батерија се измерени во идеални услови, во реалност опсегот на движење најмногу зависи од „тежината“ на десното стапало. Во нашиот случај просечно трошевме 20,6 kW на 100 километри, што значи дека дистанца од 440-450 километри со едно полнење не преставуваат никаков проблем.

Тест Ford Mustang Mach-E

Mustang Mach-E нуди три начини на возење (Engage, Whisper и Untamed), единствена замерка во овој поглед е тоа дека, за да го изберете модот во кој сакате да бидете треба да одите преку големиот екран, наместо со копче за брз пристап. Секој од овие модови има задача да го прилагоди управувањето, одговорот на педалот за забрзувањето, забавувањето, контролата на стабилноста и ефикасноста на батерискиот систем, а разликите помеѓу нив се веднаш забележливи. Ако некогаш сте возеле електричен автомобил, знаете какво e задоволството кога електричниот мотор го испорачува вртежниот момент инстантно. На тесни, кривулести планински патишта, Mustang Mach-E се покажа дека е повеќе крстосувач, на кој природно му одговараат долги рути и поблаги свиоци како би го искажал својот талент во комфорен стил.

Новиот Mustang Mach-E е автомобил кој влегува под кожата колку повеќе време поминувате со него. Одличниот изглед во комбинација со изненадувачки доброто возачко искуство и прецизниот опсег во реалниот свет обезбедуваат многу позитивни критики. Светот се менува, а со него мора и лeгендата, по се изгледа дека патот што го трасира Mach-E, ветува возбудлива иднина за Mustang.

Цена на тестираниот модел 89.000 евра

Технички податоци за Ford Mustang Mach-E AWD Extended Range
Мотор Електричен
максмална моќ 258 kW (351 КС)
макс. вртежен момент 580 Nm
Трансмисија На сите четири тркала преку директен менувач
Потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад Multi link, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред дискови назад барабани, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици напред: 225/55 R19 назад 225/55 R19
Каросерија Crossover со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.713 х 1.881 х 1.624 мм
меѓуоскино растојание 2. 984 мм
траги (напред/назад) 1.620 / 1.627 мм
Тежина 2.182 кг
максимална тежина 2.690 кг
багажен капацитет 402/1.420 (+117 напред) литри
максимална брзина 180 км/ч
забрзување (0-100 км/ч) 5,8 секунди
капацитет на батерија 88 kWh (бруто 98,7 kWh)
декларирана просечна порошувачка на ел.енергија 18,8 kWh/100 km
времетрање на полнење AC 11 kW 0-100% 8:30 мин, DC 150 kW 10-80% 0:45 мин.
автономија на движење 540 километри
емисија на CO2 0 г/км

 

Ford Mustang Mach-E во Македонија:
Ford Mustang Mach-E AWD Extended Range 89.000 евра

 

Повеќе информации во Гранд Ауто, на (0) 2 30 73 103 или на www.ford.mk

Конкуренти:
Hyundai IONIQ5 од 47.000 до 65.000 евра
Toyota bZ4X од 50.990 до 62.990 евра
Volkswagen ID.4 од 56.408 до 65.772 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button