fbpx

Тест Geely Atlas Pro: Добредојдовте во новата реалност

Трендот на преставување нови кинески марки во последните неколку години на западноевропското тло не го заобиколкува ниту македонскиот автомобилски пазар, па така се почесто на улиците се забележуваат автомобили кои доаѓаат од најнаселената земја на светот. Последен во низата е Geely, кинескиот производител на автомобили кој од неодамна пристигна и на нашиот пазар.

За нештата да бидат појасни

Сигурно се прашувате што е Geely и што е тоа што го прави толку посебен во рамките на светската автомобилска индустрија? Компанијата е основана во 1986 година чија примарна дејност е произоводство на делови за фрижидери и разладни системи, а  во 1997 година комплетно се преобразува и станува првиот приватен автомобилски производител во Кина.

Од тогаш растот на комапнијата е речиси незапирлив, своето портфолио го зголемува континуирано со превземање на многу постоечки автомобилски брендови, но и создава потполно нови играчи во сферата. Па така, компаниите кои се во нејзина сопственост работат поделени во неколку ограноци. Geely Auto Group е одговорен за возилата на Geely Auto, Lynk&Co, Geometry, Livan и Proton. Следна е Volvo Car Group, под чии закрила работат Volvo и Polestar. Не помалку важен е и делот на Zeekr Intelligent Technology, кој е одговорен за Lotus, Zeekr и LEVC (познатото лондонско такси). Во посебен сегмент се возилата на Smart, a неизоставен дел од групацијата се Farizon и Radar Auto кои ја застапуваат тешката програма, автобускиот транспорт и возила за комерцијална употреба.

Тест Geely Atlas Pro

Околу 20.000 лица се вработени во центрите за истражување и развој на Geely кои се наоѓаа во Гуангжу, Хангжу, Нингбо во Кина како и Гетеборг во Шведска и Ковентри во Обединетото Кралство. Компанијата има и 5 дизајнерски центри сместени во Барселона, Гетеборг, Милано, Шангај, Ковентри. Покрај сопствените марки, Geely непрестанато инвестира во купување акции од неколку европски автомобилски компании, како што е примерот со германскиот Daimler каде имаат речиси 10% од сопственоста и удел од 17% во британскиот Aston Martin. Интересен податок е тоа што Geely е првата кинеска марка за автомобили која продала 10 милиони возила, а пет последователни години е најпродавана марка на автомобили во Кина. Се надеваме дека со овие информации разјаснивме за каква мега корпорација станува збор и со какви ресурси располага.

Тест Geely Atlas Pro

Класиката не излегува од мода

Однадвор, Atlas Pro изгледа како класично дизајниран теренец со средна големина, а производителот наведува дека овој модел всушност е создаден според принципот на т.н. златен сооднос.

Со други зборови марката игра на сигурна карта, несакајќи со својот дебитантски модел да остави агресивен впечаток. Од таа причина, водечка нишка при дизајнирање на каросеријата со сигурност не бил спортскиот стил. Тука, динамичните линии се заменети со флуидни движења кои ја создаваат формата на целата надворешност.

Конзервативниот пристап кон стилизирањето со себе носи и позитивни страни, а една од нив е дека софостицираниот и воздржан изглед нема брзо да застари и излезе од мода веќе за некоја година. Доминантна улога на предниот дел игра заоблената решетка на ладилникот со т.н „Cosmos“ стилски израз во чиј централен дел е втиснато логото на компанијата. Страничната силуета изгеда максимално концентрирано со јасни линии кои создават вистински SUV пропорции. Во склад со тоналитетот се и леснометалните бандажи на кои се поставени пневматици со димензии 225/60 R18.  На задниот дел, Atlas Pro носи суптилен и смирувачки израз кој ненаметливо ја заокружува елегантната целина на 4.544 мм долгиот SUV модел.

Тест Geely Atlas Pro

Повисоко ниво

Во моделската спецификација кај Atlas Pro стои впишан називот Flagship, кој воедно е и единствениот пакет на опременост достапна на нашиот пазар. Во пракса тоа значи дека се што можете да замислите во моментов доаѓа како дел од сериската опрема, а тука спаѓаат и напредните безбедносни технологиите како и активните системи за помош при возењето.

Во кабината се рушат сите стереотипи за кинеските автомобили. Внатрешноста изгледа доста привлечно и со натпросечено добра изведба и квалитет на користените материјали, ќе си дозволиме да кажеме дека чувството е речиси луксузно. Седиштата се добро профилирани и покриени со квалитетна еко-кожа. Централната конзола е дизајнирана и практично изработена во две нивоа, со тоа што во долниот дел има простор за складирање на паметен телефон кој може да се полни безжично.

Пред возачот на располагање е ставен 7-инчен дигитален екран за приказ на примарните информации, а што се однесува до мултимедијалниот систем, станува збор за 12,3-инчен екран осетлив на допир кој за жал не поседува конекција со android auto и apple car play, но постои вградена системска апликација со која е овозможено поврзување и проектирање на содржината од паметниот телефон на мултимедијалниот екран. На задната клупа има повеќе од доволно простор и за повисоки патници, комодитетот до некаде оди на сметка на багажниот кој е со основна зафатнина од 378 литри. Неговиот габарит не е на врвот во класата, но целосно ги задоволува потребите на едно просечно семејство, пред се поради неговата правилна-квадратна форма.

Тест Geely Atlas Pro

Хибрид и 4х4 погон

Моделот Atlas Pro на нашиот пазар пристигнува само со една моторна опција која е развиена во тесна соработка со Volvo. Станува збор за трицилиндричен турбо бензински мотор со зафатнина од 1.477 см3 со моќност од 177 КС и максимален вртежен момент од 255 Нм. Овој хибриден погонски агрегат е во согласност со трендовите во автомобилската индустрија и користи 48V EMS (Electric Motor Synergy) систем и мала литиум-јонска батерија за складирање на елеектричната енергија.

Бидејќи станува збор за хибридна комбинација во идеални комбинирани услови оваа погонска група овозможуваат моќност од 190 КС и максимален вртежен момент од 300 Нм веќе при 1.500 вртежи во минута. Тоа значи дека системот во одредени режими на возење ја подобрува динамиката на забрзување на возилото, пред се благодарение на дополнителниот вртежен момент од + 45 Nm, а во исто време овозможува и до 15 % помала потрошувачка на гориво.

Тест Geely Atlas Pro

Батеријата се дополнува автоматски од моторот со внатрешно согорување и преку рекуперација на енергијата за време на сопирање. Како што е моторот развиен во тесна соработка со Volvo, забележливо е дека и при конструирање на погонот на сите тркала, како и автоматскиот менувач со двојна спојка и 7 степени на пренос е користено знаењето на шведската марка. Тоа значи дека Atlas Pro има и четири режими  на возење (Eco, Comfort, Sport и Off-road) што ги избирате преку прекинувач на централната конзола.

Во суштина преносот на силата кон подлогата првенствено оди преку предната оска, но по потреба системот автоматски го прераспоредува вртежниот момент помеѓу предните и задните тркала со што се подобраат перформансите во неповолни временски услови како и кога се вози надвор од асфалтните патишта. Целиот систем делува доста ефикасно за возило со овие габарити и тежина од преку 1.700 килограми. Забрзувањето од 0-100 км/ч трае 9,9 секунди, максималната брзина е еднаква на 200 км/ч, додека производителот вели дека во просек се потребни 6,8 литри за секои 100 изминати километри, во пракса потрошувачката се движи во зоната од 9 литри, што е повеќе од задоволително постигнување за повеќето возачи.

Компанијата Geely со Atlas Pro првенствено цели кон удобноста во возењето, но не недостасува ниту агилност која е искажана преку солидното однесување при управувањето низ свиоците. Генерално, има доста добро интегрирана динамика на возење. Маневрирањето во градски услови е крајно едноставно и лесно, додека на долги делници комфорот доаѓа до полн израз.

Скептицизмот што долго време постоеше кај европјаните за возилата кои доаѓаат од Кина полека но сигурно избледува, напредокот во сите полиња е евидентен, а автомобилите достигнаа ниво на кое се и останатите светски произвоидители. Предрасудите се дел од минатото и за очекување е дека со секоја нова моделска генерација ќе ни пристигнуваат се посериозни играчи. Тоа го потврдува и Geely кој најавува уште неколку сосема нови модели што наскоро ги очекуваме и кај нас.

Тест Geely Atlas Pro

Технички податоци за Geely Atlas Pro 1.5T 48V EMS AWD   

Цена на тестираниот модел: 32.490 евра

мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.477 см3
пречник и од 82,0 x 93,2 мм
степен на компресија 10,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 177 KС (132 kW) при 5.800 min/-1
макс. вртежен момент 255 Нм при 1.500-4.500 min-1
макс. моќ на ел. мотор 13 KС (9.7 kW) при 0 min/-1
вртежен момент 45 Нм при 0 min-1
максимална системска моќ 190 KС (140 kW)
макс. вртежен момент 300 Нм
трансмисија на  сите тркала преку 7-степен автоматски менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 225/60 R18 (напред) 225/60 R18 (позади)
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.544 x 1.831 x 1.713 мм
меѓуоскино растојание 2.670 мм
траги (напред/назад) 1.560/1.550 мм
тежина 1.705 кг
максимална тежина 2.080 кг
багажник 378 литри
резервоар 58 литри
максимална брзина 200 км/ч
забрзување 0-100 км/ч 9.9 секунди
потрошувачка (просек) 6,8 л/100 км
емисија на СО2 163 г/км

Geely Atlas Pro  во Македонија

Geely Atlas Pro 1.5T 48V EMS AWD Flagship 32.490 евра

Повеќе информации во Делфино Мобилити Груп или на www.geely-see.com/mk

Конкуренти
Chery Tiggo 7 Pro од 31.500 до 33.800 евра
MG HS / EHS од 25.000 до 35.000 евра
Haval H6 / H6 HEV од 37.000 до 44.400 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button