ТЕСТ Geely Cityray: Зрел, прецизен и неочекувано убедлив

Можеби „на прва“ ќе си помислите дека ова е само „уште еден компактен SUV“ во и онака исклучително конкурентниот сегмент на пазарот, но Geely Cityray не доаѓа како банален пополнувач на каталогот. Со јасна фамилијарна генетика која потекнува од Starray, токму оваа сличност е и неговата предност – Geely успеа да смести голема доза технологии, простор и практичност во тело кое се управува како градски автомобил, а делува мошне сигурно на далечни патувања. Со оглед на потребата да ја пополни празнината помеѓу Coolray и Starray, Geely донесе одлука да го лансира Cityray на европскиот пазар – и воопшто не погреши! По неколку денови дружба со Cityray, можеме да кажеме дека имаме помешани чувства – од едноставна симпатија кога треба да се снајдеме во градската џунгла, до вистинско уживање кога ќе одлучиме да забрзаме и да ја искористиме целата моќ на моторот на отворените патишта.

Тест Geely Cityray

Компанијата Geely веќе се етаблираше како еден од оние „сериозни кинески производители“ на европскиот пазар и ги надмина традиционалните правила во автомобилската индустрија. Со преземањето на Volvo, Lotus, Polestar и Smart, кинескиот гигант не само што обезбеди звучни имиња, туку и ги искористи европските дизајнерски и инженерски тимови за да создаде возила со глобален идентитет, но и да ги прилагоди локално, односно во овој случај и за европскиот пазар. Новиот Citiray е совршен пример за тоа, бидејќи изгледа како да потекнува од било кој дел од светот, освен од Кина. Неговата појава е моќна и динамична, а сепак далеку посмирена, поеволутивна и позрела во однос на поголемиот брат Starray. Предниот дел е дефиниран со остри црти, како и голема, сега веќе препознатлива маска, во амбиентот се вклопуваат и тенките ЛЕД дневни светла што создаваат впечатлив визуелен потпис.

Маркантен, но помирен дизајн

Тест Geely CityrayГледано однадвор, Cityray носи јасни варијации од дизајн-лингвистиката што Geely ја наметна преку Starray. Предницата е дефинирана со остра геометрија и комплексен светлосен потпис, малку помал и помалку драматичен од Starray, но доволно истакнат за да не се спои со морето на конкурентски кросовери. Профилот е „стилски смирен“, растечката линија, C-столбот и добро пополнетите тркала (тест моделот имаше 19-инчни тркала) му даваат софистициран, но не и агресивен карактер. Доволно добар да се допадне секому, а особено на помладите генерации и оние кои допрва ќе имаат потреба од семеен автомобил.

Задниот дел, пак, е решен со широк светлосен елемент и динамични „краци“, што во ноќно светло изгледа спектакуларно, едноставно еден од ретките компактни кросовери што има визуелен печат по кој лесно ќе се препознае, а Geely се чини направи полн погодок со „семејниот дизајнерски“ јазик кој сега јасно се истакнува во однос на конкуренцијата. Доволен контраст помеѓу сложените форми и „чистите“ површини прави Cityray да делува позрело и помудро од многу конкуренти кои премногу се потпираат на „агресивни“ облици. Она што исто така привлекува внимание на задниот дел е дифузерот, но и четирите вистински и реални издувни цевки, што е вистинска реткост во денешно време.

Тест Geely CityrayСо своите димензии од 4.510 милиметри во должина, односно 1.865 во ширина и 1.650 милиметри во висина, Cityray не делува премногу драматично, туку баш „тамам“ за сегментот. Со своето меѓуоскино растојание од 2.701 милиметри Cityray располага со експресивен простор во кабината што го прави идеален за повеќе патници на подолги релации, со оглед на тоа дека патниците на задната клупа (која патем има профилирани седишта) имаат огромен простор на располагање и комфор на кој може да позавидат и некои од традиционалните производители и конкуренти.

Премиум чувство и врвна технологија

Кога ќе влезете внатре, првото што ќе го забележите е дека Geely не штедел на „импресиите“. Кабината е минималистичка, но добро изведена со меки материјали на допир, добро споени панели и внимателно поставени акценти. Центарот на вниманието е големиот 13.2-инчен екран (2K), додека пред возачот е 10.2-инчен дигитален инструмент кластер, комбинација која веднаш ви дава чувство на технологија и модерност. Амбиенталното осветлување со 72 нијанси додава таа „вечерна“ димензија кога треба да возите подолго. Кога станува збор за самите екрани, вреди да се напомене дека физички копчиња речиси и да нема, сите команди и опции се поставени во самиот централен екран, што може да биде чудно на почеток, но верувајте, по многу кратко време се навикнувате на новата реалност во автомобилската индустрија. Единствените физички команди кои се на располагање се наоѓаат на управувачот.

Тест Geely Cityray

Од друга страна, она пак што можеби најмногу остави впечаток е 10,2-инчниот екран наменет за инструментите, кој е одлично поставен зад управувачот, без нималку да смета ниту пак да „боде очи“ со својот габарит, поставеност или светлина додека возите, а притоа сите потребни информации ви се веднаш видливи и јасно прецизни.

Возачкото седиште добива електрично подесување во 6 насоки, но сите останати седишта добиваат и греење (вклучително и оние на задната клупа). Седиштата се мошне удобни и добро профилирани, па долгите патувања нема да ги почувствувате како „мал напор“. Како што напоменавме и погоре, просторот за колената и за главата на задната клупа е импресивен, иако за трет патник позади можеби ќе биде тесно, сепак тоа е типично за сегментот во кој Cityray се натпреварува. Практичноста е добра – голем број на убаво организирани прегради, безжично полнење (15W) и просторно место под централната конзола. Багажникот од 571 литар, односно 1271 кога задните седишта се преклопени, е една од најсилните страни на моделот. Просторот е правилно обликуван, со двонасочно дно кое олеснува пакување и по потреба додавање помали предмети, а сето тоа го прави идеален модерен семеен партнер.

Моќен хардвер „под кожата“

Инфозабавниот пакет е технолошки забележителен со оглед на тоа дека пристигнува со Snapdragon 8155 чип, брз систем и високо квалитетни прикази. Во пракса, интерфејсот е мошне брз и респонзивен, но не е секогаш совршен, со оглед на тоа дека некои функции бараат навигација низ неколку менија за да стигнете до опциите за контакти, прилагодувања на ретровизорите, отворање на панорамското стакло и така натаму, што на почетокот можеби изгледа помалку интуитивно, но со малку навикнување ќе заборавите на сето ова за неколку дена. Кога станува збор за поврзувањето, Apple CarPlay е присутен, додека за Android постојат варијации, во некои верзии Android Auto е ограничено. Но, затоа тука е HD 360° камерата и 540° паркинг системот што го нудат некои пакети се исклучително корисни во тесни паркинзи и овозможува маневрирање со вистинска леснотија.

Тест Geely Cityray

Како и што може да се очекува од Geely (или било кој друг кинески производител кој допрва се пробува на европскиот пазар) пакетот безбедносни системи е навистина богат и вклучува, меѓу другото, адаптивен темпомат, LKA, AEB, BSD и системи за следење на мртвите агли, функционираат добро и според нашето искуство беа ненаметливи, но мошне точни и прецизни кога беше важно.

Европско-кинеска соработка со изразен карактер

Под хаубата е добро познатиот 1.5-литарски турбо бензинец кој располага со 174 КС и 290 Nm максимален вртежен момент. Овој мотор е веќе добро познат бидејќи го користи целата групација на Geely, вклучително и Lynk & Co и Volvo, а веќе го тестиравме и кај поголемиот Starray каде се покажа како одличен, а тука делува уште подобро и како „скроен“ за Cityray со оглед на тоа дека е нешто помал и полесен автомобил. Инаку, моторот е развиен преку ентитети поврзани со Geely, поточно компанијата Horse Powertrain која е основана заеднички со Renault, што значи дека моторите кои се развиени од оваа куќа веќе се поставени кај моделите на францускиот производител, а од неодамна се користат и кај некои модели на Mercedes-Benz, што само говори за неговиот квалитет. При работа, самиот мотор делува силно, рафинирано и доста еластично во широк опсег со 290 Nm на располагање меѓу 2.000 и 3.500 вртежи, што значи дека добро „повлекува“ и при пократки забрзувања и при претекнувања.

Meнувачот е 7-степен DCT со двојна спојка. Во нормално возење работи мазно и брзо, а промените се речиси незабележливи. Единствена забелешка е при тргнувањето од место со оглед на тоа дека понекогаш менувачот има некои мали моменти на благо задоцнување што бара малку прилагодување при дозирањето на гасот. Кога ќе се впуштите во динамично возење, менувачот одговара многу брзо и забрзувањето е убедливо и од место до „стотка“ се стигнува за 7.9 секунди, а сето тоа го чувствувате и во пракса бидејќи Cityray има потег и чувство кое не е карактеристично за сите автомобили во тој сегмент.

Подеднакво добар во град и на отворен пат

Во градските услови Cityray е вистинско задоволство – лесно управување, мал пресек на управувачот и силна сервостепенска асистенција го прават паркирањето и маневрирањето едноставно. Суспензијата составена од Макферсонов систем напред и мулти-линк потпирање назад (што само сведочи за сериозноста на Geely при проектирањето на овој автомобил) е подесена кон удобност и добро ги апсорбира нерамнините и градски „дупки“, без притоа да ја изгуби контролата во свиоците. Ниту фактот што тест автомобилот беше поставен на 19-инчни тркала не влијаеше на удобноста, дури ни при некои посериозни дупки.

На автопат Cityray нуди стабилност и низок напор при продолжени патувања. Уште при прв контакт можете да си помислите „ова е автомобил со кој можам да патувам на долги релации“. Comfort режимот го прави возењето лесно и релаксирано, а потрошувачката паѓа за околу 1 до 2 литри во споредба со градското дозирање. Во нашите мерења/пристапи реалните вредности беа околу 7 до 9 л/100 км при комбинирано возење, а во градски услови лесно стигнавме и до околу 9, 9.5 литри на 100 км, додека при порелаксирани комбинации може да се постигнат поекономичните вредности.

Звучната изолација е на одлично ниво со оглед на тоа дека станува збор за SUV и секако, зависи од околностите, подлогата и условите. Mоторот е добро пригушен, а бучавата од ветровите се јавува благо на повисоки брзини што е вообичаено за SUV со вертикална конфигурација и зависно од насоката на ветрот, но тоа не е ништо критично, напротив, разговорот во кабината останува нормален и при автопатски брзини без да се наруши комфорот внатре.

Освојува на прво возење

Она што со сигурност ќе ги освои купувачите е пространоста со која располага автомобилот. Имено, Cityray го добива комплиментот за „паметно дизајниран ентериер“, односно многу простор во кабината без надворешно автомобилот изгледа грамадно. Моторот исто така е нешто што ќе привлече големо внимание бидејќи е доволно моќен, еластичен и рафиниран за секојдневните потреби и извонреден за динамично претркнување и високи брзини на автопат. Секако, како и кај сите досегашни модели на Geely и групацијата, технологијата е силната страна, особено големиот екран и 360° камерата.

На крајот, можеме слободно да кажеме дека Geely Cityray е паметно конструиран урбан SUV кој нуди впечатлива вредност – богатство на технологија, простор и конкурентни перформанси во пакет со внимателно дизајниран ентериер. За семејство кое сака практичен, модерен и добро опремен автомобил Cityray е мошне силна опција, бидејќи и покрај city во неговото име, сепак станува збор за одличен семеен автомобил. Ако барате „спортски“ карактер на секое ниво, постојат алтернативи со поцврста шасија или поагресивен сетинг, но за балансот меѓу комфорт, простор и технологија Geely Citiray има еден куп одлични аргументи.

Тест Geely Cityray

Компанијата Geely со моделот Cityray во целост докажува дека кинеските брендови веќе не се само алтернатива, туку сериозни конкуренти на глобалната автомобилска сцена. Ова е модел кој рамноправно може да застане рамо до рамо со европските, јапонските и корејските конкуренти туркајќи ги доскорешните стереотипи на страна. Од она што ние можевме да го забележиме, можеме слободно да кажеме дека Cityray лесно може да ги „посрамоти“ и некои од најпознатите имиња кога станува збор за конкуренцијата. И тоа не само со цена, туку со практичноста и нивото на опрема што во многу случаи е над просекот.

Цена на тестираниот модел – 30.990 евра

Технички податоци за Geely Cityray 1.5 Т GF 7-DCT

Мотор Euro VI B, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.499 см3
пречник и од 75,6 x 89,0 мм
степен на компресија 10,0:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 174 KС при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 290 Nm помеѓу 2.000-3.500 min-1
Трансмисија на предните тркала преку 7-степен автоматски менувач (DCT)
Потпирање Напред независен макферсонов систем, назад мулти-линк
Сопирачки напред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 235/50 R19
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.510 x 1.865 x 1.650 мм
меѓуоскино растојание 2.701 мм
траги (напред/назад) 1. /1. мм
Тежина 1.470 кг
максимална тежина /
багажен капацитет 571 – 1271 литри
Резервоар 51 литри
максимална брзина 190 км/ч
забрзување 0-100 km/h 7,9 секунди
потрошувачка (декларирана) 6,3 л/100 км
емисија на CO2 149 г/км

Geely Cityray во Македонија:

Geely Cityray 1.5 GK FWD 7-DCT 28.990 евра
Geely Cityray 1.5 GF FWD 7-DCT 30.990 евра
Geely Cityray 1.5 GF+Sport FWD 7-DCT 31.990 евра

Повеќе информации во Делфино Мобилити Груп или на www.geely-see.com/mk

Конкуренти

Hyundai Tucson од 28.200 до 47.300 евра
Kia Sportage од 30.300 до 42.900 евра
Chery Tiggo 7 Pro од 29.990 евра
BAIC X55 од // до // евра
MG ZS од // до // евра
Dongfeng Forthing T5 Evo од 29.990 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button