Тест Geely Starray: Ѕвезда која ги руши стереотипите

Можеби звучи како клише, но Starray е СУВ модел кој во целост ги руши предрасудите за возилата на кинеските производители. Неговиот маркантен дизајн, иноватина технологија и висок квалитет на завршната изработка го прават овој модел еден од ретките што ги има соодветните состојки да ја промени играта во сегментот. Наместо да копира, Geely креира амбициозна иднина, затоа ќе кажеме, Starray е СУВ со силен идентитет и премиум карактер.

Маркантна привлечност

Компанијата Geely веќе одамна ги надмина традиционалните правила во автомобилската индустрија. Со преземањето на Volvo, Lotus, Polestar и Smart, кинескиот гигант не само што обезбеди звучни имиња, туку и ги искористи европските дизајнерски и инженерски тимови за да создаде возила со глобален идентитет. Новиот Starray е совршен пример за тоа, СУВ што изгледа како да потекнува од било кој дел од светот, освен од Кина. Неговата појава е моќна и динамична. Предниот дел е дефиниран со остри црти, како и голема хексагонална маска, во амбиентот се вклопуваат и тенките ЛЕД дневни светла што создаваат впечатлив визуелен потпис.

Тест Geely Starray 1.5 TD GK FWD 7DCT

Профилот, со своите нагласени линии, внесува спортска естетика, а големите тркала од 19 инчи и кратките препусти го потенцираат неговото цврсто присуство на асфалтот. Во исто време, задниот дел е модерно обликуван со хоризонтална ЛЕД лента која ги поврзува задните светлосни групи,  дизајнерски тренд препознатлив кај премиум СУВ моделите. Додека задачата на слегувачката кровна линија која се претвора во спојлер  е да балансирана со аеродинамика што треба да го намали отпорот на воздух за подобра ефикасноста во возењето. Но, Starray не е само уште еден кинески СУВ. Тој е производ на амбициозна визија што умешно ја комбинира инспирацијата од најдобрите светски брендови во своја полза. Со ова, Geely не само што докажува дека знае да игра на големата сцена, туку и дека може да понуди конкурент што е подготвен да ги предизвика лидерите во сегментот.

Премиум чувство

Внатрешноста на Starray е креирана да понуди елеганција и практичност со изразени футристички вибрации. Меките материјали и внимателно поставените детали донекаде создаваат и чувство на луксуз. Кабинскиот дел нуди исклучителна просторност, дизајниран е на начин да обезбеди максимална удобност за сите патници. Пространите предни и задни седишта се изработени од висококвалитетна двобојна еко-кожа а воедно обезбедуваат соодветна потпора на телото и комфор.

Тест Geely Starray 1.5 TD GK FWD 7DCT

Контролната табла е обложена со премиум материјали кои ја подигаат нотата на ексклузивност. Централната конзола е ергономски дизајнирана, со интелигентно поставени прегради за складирање и безжично полнење на телфон, овозможувајќи практичност без компромис во стилот, од друга страна пак, големиот панорамски покрив не само што внесува природна светлина, туку ја прави атмосферата во кабината уште попространа и поотворена. Голема улога игра и дарежливото меѓуоскино растојание од 2.777 мм кое овозможува изобилство на место за нозете и главата, што особено ќе го ценат патниците на задните седишта. Моментот дека станува збор за возило чии габарити се повеќе од семејно ориентира го потврдува и багажниот дел со стандарден волумен од округли 650 литри.

Технологијата како неизоставен дел од секое модерно возило е присутна на секој чекор. Па така дигиталната инструмент табла со дијагонала од 10,25 инчи е поставена ненаметливо зад управувачот каде ги прикажува клучните информации на возачот. Вториот, 12,3-инчен екран задолжен за инфозабавниот систем е изграден со интерфејс кој е интуитивен и лесен за управување што само ја надополнува целокупната модерна естетика на возилото. Поврзувањето со Apple CarPlay оди по принципот без физичка конекција, додека за употреба на Android Auto се користи апликација за пресликување на екранот. Една од најимпресивните функции е HD камерата со приказ од 360 степени, која значително го олеснува паркирањето и маневрирањето, а особено импресионира податокот дека дистанцата од препреките се мери и прикажува во сантиметри. Моделот Starray воопшто не прави компромиси кога станува збор за безбедноста затоа што доаѓа со цел сет на напредни активни и пасивни сигурносни системи.

На ниво на задачата

При нашата неколкудневна дружба со Starray можевме да забележиме дека станува збор за исклучително „весел“ агрегат кој покажува дека може силно да повлече. Иако тежината на возилото е речиси 1.6 тони одлично реагира при секоја наша команда и остава задоволувачки впечаток. Зафатнината од 1,5 литри користи бензин како погонско гориво, изграден по принципот со четири цилиндри помогнати од турбополнач јасно става до знаење дека е подготвен одговори на секој предизвик. На располагање се 174 КС, а вртежниот момент е 290 Nm, моќноста се испорачува до предните тркала преку седумстепениот автоматски DCT менувач со двојна спојка кој работи навистина добро, менувањето на степените е брзо и нема „мислење“ при забрзување или претекнување. Впрочем, забрзувањето е мошне убедливо за категоријата и габаритите на Starray на моменти дури може да ве убеди дека автомобилот располага со многу поголема моќност.

Декларираното забрзување до „стотка“ е 9,7 секунди, што е одличен резултат, а од Geely тврдат дека комбинираната потрошувачка на гориво е 6,8 литри на 100 километри, што не успеавме да го постигнеме во реални услови на користење, затоа во предвид треба да се земат помеѓу 9 и 9,5 литри како просек.

Доколку сте љубители на авантурите вон асфалтот, од „Делфино Мобилити Груп“ ни укажаа дека набрзо се очекува и пристигнувањето на моделот со моќен 2 литраски турбо бензинец кој ќе поседува и погон на сите четири тркала. Кога станува збор за возната динамика, можеме да забележиме дека новиот Starray цели кон удобноста во возењето, но не недостасува ниту агилност која е искажана преку солидното однесување во управувањето низ свиоците. Наведените својства се постигнати благодарение на CMA (Compact Modular Architecture) платформата која своите врвни особини освен во Volvo XC40 се докажа и во низа останати модели од групацијата. Генерално, Starray има доста добро интегрирана динамика на возење. Маневрирањето во градски метеж е крајно едноставно и лесно, додека на долги делници изненадува добро подесената суспензија која гарантираат стабилност и удобност во возењето,

Компанијата Geely со моделот Starray во целост докажува дека кинеските брендови веќе не се само алтернатива, туку сериозни конкуренти на глобалната автомобилска сцена. Ова е модел кој рамноправно може да застане рамо до рамо со европските, јапонските и корејските конкуренти туркајќи ги доскорешните стереотипи на страна.

Цена на тестираниот модел: 34.990 евра

Технички податоци за Geely Starray 1.5 TD GK FWD 7DCT

 

Мотор Euro VI B, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.499 см3
пречник и од 75,6 x 89,0 мм
степен на компресија 10,0:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 174 KС при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 290 Nm помеѓу 2.000-3.500 min-1
Трансмисија на предните тркала преку 7-степен автоматски менувач (DCT)
Потпирање Напред независен макферсонов систем, назад торзиона оска
Сопирачки напред дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 235/50 R19
Каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.670 x 1.900 x 1.705 мм
меѓуоскино растојание 2.777 мм
траги (напред/назад) 1. /1. мм
Тежина 1.577 кг
максимална тежина /
багажен капацитет 650-1610 литри
Резервоар 54 литри
максимална брзина 190 км/ч
забрзување 0-100 km/h 9.7 секунди
потрошувачка (просек) 6,8 л/100 км
емисија на CO2 158 г/км

 

Geely Starray во Македонија

Geely Starray 1.5 TD GK FWD 7DCT 34.990 евра

Повеќе информации во Делфино Мобилити Груп или на www.geely-see.com/mk

Конкуренти

BAIC X7 од 33.900 до //./// евра
Chery Tiggo 8 Pro од 34.500 до //./// евра
MG HS од 28.700 до 35.500 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button