Тест Haval Dargo: Авантурата почнува овде!

Кинеските автомобили веќе не се она што беа пред деценија. Со брз напредок во технологијата, дизајнот и квалитетот, брендовите како Haval сега се сериозни конкуренти на европските и јапонските производители. Haval Dargo е најновиот доказ за тоа. Овој SUV не само што изгледа импозантно, туку и нуди комбинација на стил, комфор и моќ која ретко се среќава во овој ценовен сегмент.

Haval Dargo не е само уште еден SUV на пазарот – тоа е вистински партнер за сите што сакаат да ја откријат авантурата без ограничувања. Со својот препознатлив дизајн, моќен погон на сите тркала и врвна технологија, Dargo се наметнува како идеален избор за оние кои не сакаат да прават компромиси. Овој теренец нуди стабилност на патот и бескомпромисни можности надвор од него, овозможувајќи ви да истражувате терени кои се далеку од вообичаените патеки. Без разлика дали се движите низ градски улици, автопат или предизвикувачки оф-роуд патеки, Dargo секогаш ќе ви овозможи врвно искуство.

Тест Haval Dargo

Дизајн кој зрачи со сила

Од првиот момент кога ќе го погледнете, Dargo остава впечаток на цврстина и робустност. На прв поглед, привлекува внимание со својата големина и агресивен став. Не е преголем, но дефинитивно не е ни мал – тоа е баланс кој му овозможува да изгледа импозантно. Мускулестата каросерија, високото растојание од подлогата и моќните LED светла му даваат автентичен теренски изглед. Предната решетка со впечатлив дизајн и хромирани детали дополнително ја нагласуваат неговата доминација на патот. Големите тркала и изразените крила не само што додаваат на изгледот, туку и ја зголемуваат неговата функционалност, овозможувајќи му подобра стабилност на различни терени.

Од страничен поглед, Dargo продолжува да импресионира. Завршницата дефинитивно влегува во око и јасно му дава карактер на целиот пакет, а алуминиумските тркала од 19 инчи и црните кровни носачи ја дополнуваат ругледната естетика. Задниот дел е едноставен, но ефективен. LED светлата во форма на лента и малиот спојлер му даваат модерен изглед, додека дизајнот на задниот браник продолжува да ја нагласува неговата оф-роуд ориентација.

Внатрешен комфор – Луксуз за секоја ситуација

Внатрешноста на Haval Dargo е место каде што комфорот и технологијата се спојуваат за да создадат незаборавно возачко искуство. Ентериерот делува како да сте влезле во некој повисок ценовен сегмент. Висококвалитетните материјали, ергономски дизајнираните седишта и модерната технологија го прават ентериерот исклучително удобен и функционален. Јасно е и дека има и некои елементи кои потсетуваат на познати и етаблирани оф-роуд модели како Land Rover Defender и Mercedes-Benz G-Класа, што може да биде и комплимент и критика, во зависност од тоа како го гледате.

Панорамскиот покрив со електронска регулација внесува дополнителна пространост и природна светлина, а двозонската клима-уред нуди пријатна атмосфера во секое годишно време. Предните седишта се не само удобни, туку и вентилирани, а тука е и функцијата за греење, што значи дека нема да се грижите за студените утра. Воланот, исто така, е загреан, овозможувајќи удобно возење во сите услови.

Тест Haval DargoНајголем впечаток ни остави технологијата. Дигиталната инструмент табла од 10,25 инчи и инфозабавниот екран од 12,3 инчи се лесни за користење и нудат одлична резолуција. Head-up дисплејот, системот за камери од 360 степени и безжичното полнење се само некои од функциите кои го прават Dargo модерен и практичен. Багажникот располага со капацитет од 390 литри, кој може да се прошири до 1.485 литри со спуштање на задните седишта.

Технологија и сигурност – Најдоброто од двата света

Dargo е опремен со импресивен сет на безбедносни и асистентски системи, кои овозможуваат дополнителна сигурност и удобност при возењето. Интелигентниот систем за препознавање на сообраќајни знаци ви помага да бидете свесни за ограничувањата и правилата на патот, додека адаптивната контрола на патувањето (ACC) автоматски ја одржува безбедната дистанца од возилата пред вас. Системот за автономно сопирање во итни случаи (AEB) реагира во ситуации кога е потребна брза интервенција, минимизирајќи го ризикот од незгоди. Покрај тоа, Haval Dargo нуди и head-up дисплеј кој ви ги прикажува најважните информации директно на ветробранското стакло, така што вашето внимание останува насочено кон патот.

Тест Haval Dargo

Поголемиот дел од новите возила доаѓаат со камери за олеснување на маневрирањето, но Dargo оди чекор понапред со 360° камера и режим „невидлива шасија“. Благодарение на петте камери и 14-те радари, возачот има целосен преглед на просторот околу возилото, а камерата овозможува и поглед под автомобилот, што е особено корисно при оф-роуд возење. Дополнително, автоматскиот асистент за паркирање целосно ја презема контролата при паркирање – управува, забрзува, запира и менува брзини без потреба од интервенција од возачот.

Спој на моќ и удобост

Haval Dargo е погонуван од 2,0-литарски турбо бензински мотор кој испорачува 192 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Оваа моќ се пренесува преку седумстепен DCT менувач со двојна спојка, обезбедувајќи мазно и ефикасно менување на брзините. Благодарение на интелигентниот 4WD систем со електронска контрола, вртежниот момент се пренесува каде што е најпотребно, овозможувајќи оптимална тракција на сите терени. При нашето возење низ различни услови – од градски улици до оф-роуд предизвици – Dargo покажа импресивна стабилност и сигурност. При влегување во остри свиоци, системот автоматски активира камери кои овозможуваат подобра прегледност, што значително ја олеснува маневрабилноста. Покрај тоа, седумте режими на возење, кои ги тестиравме на различни оф-роуд терени, покажаа дека Dargo одлично се справува со сите предизвици, иако неговите способности и без активирање на овие режими се навистина импресивни.

Со клиренс од 210 мм, Dargo лесно минува преку препреки, додека аглите на пристап (24°), заминување (30°) и меѓуоскиниот агол (22,5°) овозможуваат висок степен на проодност. Блокажата на задниот диференцијал дополнително ја зголемува влечната сила на лизгави површини како снег, мраз, песок и кал, овозможувајќи поголема контрола и стабилност.

Без оглед дали возевме низ градски улици или на автопат, возилото беше стабилно и релативно тивко. Во текот на нашата дружба со Dargo, го тестиравме во различни услови, и секогаш се однесуваше со достоинство. Просечната потрошувачка која ја измеривме беше околу 11-12 литри на 100 километри во градски услови, додека на отворен пат успеавме да постигнеме околу 8-9 литри.

Подготвен за секоја авантура

Иако Haval Dargo изгледа како вистинска оф-роуд машина, неговата вистинска ориентација е повеќе кон патот.  Сепак е импресивен SUV кој нуди многу за својата цена. Со својот „набилдан“ изглед, премиум ентериер и солидни перформанси, Dargo е сериозен кандидат во сегментот каде конкуренцијата е мошне силна. За нас, Dargo е возило кое успешно ја претставува новата ера на кинеските автомобили – ера во која квалитетот и технологијата се на прво место.

Haval Dargo нуди совршен баланс помеѓу удобноста, технологијата и авантуристичкиот дух. Без разлика дали ви е потребно возило за секојдневно користење, долги патувања или возбудливи оф-роуд искуства, Dargo е подготвен за сè. Со гаранција од 6 години или 150.000 километри кои ги нуди увозникот на овој бренд во Македонија Toltu, овој модел нуди долгорочна сигурност и безгрижност, но и одлична вредност за парите, каде добивате врвна комбинација на стил, комфор и моќност.

Тест Haval Dargo

Цена на тестираниот модел: 42.990 евра

Технички спецификации за Haval Dargo 2.0 GDIT

мотор Euro VI, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.998 см3
клиренс 210 мм
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, турбополнач, интеркулер
максимална моќ 192 KС при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 320 Nm при 2.000-3.200 min-1
трансмисија На сите тркала преку 7 степен (DCT) автоматски менувач
потпирање Независна суспензија, Мaкферсонов систем напред и мултилинк потпирање назад
сопирачки напред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ, RMI
пневматици 235/60 R19
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.620 x 1.910 x 1.780 мм
меѓуоскино растојание 2.738 мм
траги (напред/назад) 1,631/1,640 мм
тежина 1.815 кг
максимална тежина 2.157 кг
багажен капацитет 390/1.342литри
резервоар 60 литри
максимална брзина 195 км/ч
забрзување 0-100 km/h 9,9 секунди
потрошувачка (просек) 8,8 литри 100/км
емисија на CO2 211 гр/км

Повеќе информации во Толту Моторс на 02/ 2654-654 или www.greatwall.com.mk

Конкуренти:

Toyota RAV4 од 43.290 до 58.490 евра
Nissan X-Trail од 46.190 до 62.390 евра
Jeep Wrangler од // до // евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button