Тест Hyundai Kona: Успехот ги следи храбрите
Првата генерација на Kona несомнено беше талентирано и смело возило кое пристигна како аутсајдер што во тоа време понуди нешто сосема ново и несекојдневно. Не сметајќи на претерано голем пазарен успех, изненадувањето доаѓа во облик на неверојатно позитивен фидбек од купувачите. Охрабрени од постигнатото, минатата година Hyundai ја престави новата Kona со дефиниран стилски третман, подобрени возни карактеристики и перформанси.
Футуристички стил
Стилскиот јазик на возилата кои доаѓаат со значката на Hyundai во последно време станува сè похрабар, што е евидентно уште на прв поглед и кај возениот примерок. Новата, втора генерација на Kona црпи јасна визуелна инспирација од својот предходник, но сето тоа го подига на далеку повиско ниво. Секако, забележливи се слични елементи кои веќе се користат кај останатите кросовер и SUV модели на марката, но и детали кои се специфични за преставниците од елетричното „Ioniq“ семејство.
Највпечатлива визуелна карактеристика на новата Kona се дневните светлата кои се протегаат високо по ширината на предниот и задниот дел од каросеријата, тие му даваат на автомобилот доза на футуристички изглед кој е надополнет со не помалку забележливи масивни пластични панели што се протегаат по профилот на каросеријата кои навлегуваат длабоко во предниот и заден дел, а воедно служат и како „заштитни“ куќишта за светлосните групи.
Севкупно гледано Kona ја следи смело поставената траекторија на својот предходник, создавајќи поларизирачки ефект што кај некои лица веднаш ќе наиде на воодушевување, додека на други можеби нема да им ги разбуди емоциите. Повозрасните велат „и да сакаш не можеш секому да угодиш“. Сепак, една работа е сигурна, а тоа е дека не постои кросовер во класата што изгледа толку интересно во живо.
Смирувачки амбиент
Новата генерација на Kona е значително поголема од оригиналот. Покрај надворешните димензии тоа највеќе се забележува преку меѓуоскиното растојание кое е за само 20 милиметри пократко од она на Hyundai Tucson, што пак директно влијае на комфорот во кабината отворајќи простор за привлекување на многу поширока публика од порано. Смелите линии на екстериерот во внатрешноста се заменети со далеку посуптилни движења, што во исто време делува смирувачки и на моменти футуристички.
Квалитетот на вградените материјали е на сосема коректно ниво, исто како и завршната обработка. Целата кабина одава впечаток на пространост и максимален комодитет. Тргнувајќи од предниот дел каде седењето е исклучително комфорно и добро поставено, па се до задните седишта каде има повеќе од доволно простор за сместување на патници чија што висина го надминува просекот без да допираат со колената во седиштето пред себе или главата да им удира во кровот.
За да ја зголемат сензацијата на пространост инженерите и дизајнерите дошле до решение со кое од централната конзола е одстранета рачката на автоматскиот менувач и е преместена на задниот дел од управувачкиот столб. Во случајов делува сосема логично решение на кое веднаш се навикнувате. Багажниот дел располага со варијабилна полица која овозможува максимална зафатнина од сосема доволни 407 литри, а доколку се собори задниот ред седишта волуменот расте на 1.241 литри што без проблем може да послужи за транспорт на погабаритни предмети.
Дека Kona е возило од најновата генерација ни покажуваат и двата 12.3 инчни екрани кои се меѓусебно поврзани. Првиот е задолжен за приказот на примарните функции кои се најважни за возачот, додека вториот е одговорен за инфозабавата чиј интерфејс наликува како оној кај паметните телефони, па дури дозволува и да го персонализирате според вашите потреби. Поврзувањето со оперативните системи на Android и Аpple се тука доколку целосно сакате да го пресликате вашиот мобилен телефон.
Разумна и моќна комбинација
Под предниот поклопец на тестираната Kona работи најмоќниот четирицилиндричен бензински турбо агрегат во понудата. Неговата зафатнина изнесува 1.6 литри и произведува 198 КС при максимални 6.000 врт/мин. Додека максималната влечна сила од 265 Nm е расположива во зоната од 1.600 до 4.500 врт/мин. Кога овие вредности ќе ги споите со исклучително добро пресметаниот 7 степен автоматски менувач со двојна спојка се добива задскриен спортист.
Kona во оваа конфигурација својата сила ја испраќа кон предната оска и се одликува со прилично мазна работа, а знае и силно да повлече низ средниот дел од опсегот на вртежи. Eкономичностa зависи од условите и перформансите кои ги наметнува возачот, а како опција се понудени и неколку различни режими на работа. За време на дружењето успеавме да постигнеме комбинирана потрошувачка од просечни 9 литри на 100 изминати километри, што е повеќе од фабрички декларираната вредност, но е сосема фер за моќноста со која располага.
Максималната брзина е на прагот од 210 км/ч, додека од место до 100 километри на час стигнува за 7.8 секунди. Со должина од 4,350 мм Kona одлично се справува во градски услови на користење. Повишениот клиренс и коректно подесеното потпирање делуваат многу ефикасно низ лошите градски улици. Крстосувањето на отворен пат го покажува второто лице, возилото едноставно се претвора во средина каде комодитетот е во прв план. Но, ако затреба подвозјето е спремно да вози и подинамично по патишта полни со свиоци. Севкупното искуство вели дека не е чистокрвен спортист но добриот баланс уверува дека може да донесе повеќе забава од колку што тоа изгледа на прва топка.
Со оваа генерација на Kona марката Hyundai ја покажува својата спретност во создавање на многу позрел производ што секојдневниот, здодевен живот на градскиот асфалт знае да го направи далеку позабавен. Интересна алтернатива за оние кои сакаат нешто поразлично и уникатно, а сепак погодно за потребите на целото семејство.
Цена на тестираниот модел: 35.300 евра
Технички податоци за Hyundai Kona Premium 1.6 T-GDI 7DCT 2WD
Мотор | Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.598 см3 |
пречник и од | 75,6 x 89,0 мм |
степен на компресија | 10,0:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 198 KС (145 kW) при 6.000 min/-1 |
макс. вртежен момент | 265 Nm помеѓу 1.600-4.500 min-1 |
Трансмисија | на предните тркала преку 7 степен автоматски менувач (DCT) |
Потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | напред 215/55 R17 назад 215/55 R17 |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.350 x 1.825 x 1.580 мм |
меѓуоскино растојание | 2.660 мм |
траги (напред/назад) | 1.591 /1.600 мм |
Тежина | 1.360 кг |
максимална тежина | 1.915 кг |
багажен капацитет | 407/1.241 литри |
Резервоар | 47 литри |
максимална брзина | 210 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 7.8 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 5,3/8,1 /5,9/ л/100 км |
емисија на CO2 | 142 г/км |
Hyundai Kona во Македонија
Hyundai Kona Style 1.0 120 KC M6 2WD | 29.900 евра |
Hyundai Kona Style 1.0 120 KC 7DCT 2WD | 32.200 евра |
Hyundai Kona Impression 1.6 198 KC 7DCT 2WD | 36.600 евра |
Hyundai Kona Premium 1.6 198 KC 7DCT 4WD | 36.700 евра |
Hyundai Kona Impression 1.6 198 KC 7DCT 4WD | 38.200 евра |
Hyundai Kona Ultimate 1.6 198 KC 7DCT 4WD | 42.300 евра |
Hyundai Kona Hybrid Premium 1.6 141 KC DCT6 2WD | 36.700 евра |
Hyundai Kona Hybrid Ultimate 1.6 141 KC DCT6 2WD | 41.900 евра |
Hyundai Kona N-Line 1.6 198 KC 7DCT 2WD | 42.500 евра |
Hyundai Kona N-Line 1.6 198 KC 7DCT 4WD | 44.500 евра |
Повеќе информации во Hyundai Macedonia Гранд Ауто на www.hyundai-mk.mk или на тел. (0) 2 3073 103
Конкуренти:
Nissan Juke | од 25.490 до 40.800 евра |
Mazda CX-30 | од 26.480 до 41.830 евра |
Toyota Corolla Cross | од 34.990 до 44.490 евра |
Chery FX | од 29.500 до 33.400 евра |