Тест Ineos Grenadier: Каде што патиштата завршуваат, започнува неговата приказна

Компанијата Ineos со Grenadier не прави никакви компромиси, туку фокусот го насочува кон употребливост. Тоа е возило создадено за луѓе што ја сфаќаат авантурата сериозно, каде секоја команда е алатка, а секој детаљ е функционален. Нема луксуз во класична смисла, но има чувство на сигурност, искреност и доверливост
Британска индустриска групација Ineos е основана во 1998 година од сер Џим Ратклиф, денес една од најголемите приватни компании во светот со бизнис во хемиската и енергетската индустрија во моментов работи во над 30 сектори и има преку 25.000 запослени. Позната е по тоа што брзо се прилагодува и влегува во нови полиња, компанијата во 2017 година го основа Ineos Automotive со јасна мисија, да создаде вистински теренец какви што веќе речиси исчезнаа од пазарот. Резултатот е Grenadier, возило инспирирано од класичните 4×4 машини, дизајнирано да биде практично, издржливо и автентично возило, без непотребни компромиси. Токму онакво како што им е потребно на вработените во компанијата за извршување на секојдневните задачи.

Брутална искреност
Првиот поглед кон Ineos Grenadier е доволен за да се сфати неговата филозофија и веднаш да заклучите дека тоa не е возило што се обидува да биде трендовски или луксузен SUV со спортски линии. Напротив, неговиот изглед е намерно строг, квадратест и исклучително функционален. Ова е машина што со својот дизајн јасно кажува дека е создадена за работа, за тежок терен и за луѓе кои бараат автентичност, а не декоративна убавина на паркинг местото.
Предниот дел веднаш асоцира на класичните икони од типот на Land Rover Defender и Mercedes G-Class. Вертикалната маска е голема и едноставна, без вишок естетски детали, доминираат двата масивни кружни фарови кои изгледаат како директно пренесени од 70-тите години. Дополнителните светла за магла ја нагласуваат таа ретро карактеристика и ја засилуваат неговата „old-school“ појава. Цврстите браници, поставени ниско и изведени од робусни материјали, не се тука за стил, туку да ја издржат контакт со камен, песок или кал.
Страничниот профил е можеби најискрената изјава на дизајнот. Прави линии, големи квадратести прозорци и видливи завртки ја пренесуваат филозофијата на „формата ја следи функција“. Вратите се масивни и се отвораат во широк агол, решение што на терен значи лесен пристап дури и со целосна опрема или кога треба да се внесе крупен товар. Силно изразените крила, комбинирани со целични тркала обвиени со теренски гуми, му даваат впечаток на вистински работен алат, а не на градски „позер“. Пластичните заштитни облоги долж страничните панели дополнително ја нагласуваат неговата подготвеност за груба употреба. Покривот е висок и рамен, со јасна намена да биде корисна платформа за дополнителна опрема, од багажници, преку носачи за резервни тркала, до специјализирана експедициона опрема. И тука практичноста е ставена пред естетиката.
На задниот дел продолжува истата логика, функционалност пред сè. Двете асиметрични врати се отвораат странично, помалата служи за брз и лесен пристап до багажникот, додека поголемата е наменета за внесување обемен товар, а на неа е монтирана и скала за поедноставно стигнување до покривот. Решението е старомодно, но исклучително практично, особено во услови кога возилото е натоварено со теренска или кампинг опрема. Големите задни светла се едноставни и робусни. Сè кај Grenadier е подредено на идејата дека возилото треба да биде отпорно, искрено и издржливо. Нема сложени кривини, нема светлосни потписи инспирирани од модерните урбани трендови, нема декоративни линии што служат само за визуелен ефект. Ова е автомобил кој не се плаши од гребнатини, удари или кал. Напротив, тие само го прават да изгледа уште поавтентично.
Утилитарна функционалност
Влегувањето во Grenadier е како чекор во кабина на авион или во воено возило, се е поставено со строго утилитарна логика и со акцент на издржливост. Наместо меки материјали или декоративни елементи, тука доминираат функционалноста, робусноста и ергономијата која ја става употребливоста пред комфорот. Впечаток е дека секој детаљ има своја цел. Кабината е широка и прегледна, со висока позиција на седење што дава чувство на сигурност и моќ. Видливоста е одлична благодарение на вертикалните стакла и рамните линии на каросеријата.
Контролната табла е можеби највпечатливиот дел од ентериерот. Наместо класичен, хоризонтален дизајн, таа е поставена како панел со копчиња, прекинувачи и ротирачки команди што потсетуваат на пилотска кабина. Сè е големо, јасно означено и лесно достапно. Решение што овозможува користење и со ракавици, што е клучно за теренски авантури. На средината се наоѓа голем екран од 12,3 инчи за инфо забавниот систем, но тој не е „главниот карактер“ на сцената напротив, делува како уште една алатка во функционалната целина. Централната конзола е висока и масивна, со големи прекинувачи за блокада на диференцијали, контрола на погонските режими и други теренски функции. Ова е еден од ретките современи автомобили во кој физичките команди се ставаат пред дигиталните менија, што ја нагласува неговата филозофија, едноставност и сигурност во секоја ситуација. Употребените материјали се издржливи и лесни за одржување.
На плафонот е поставен дополнителен панел со прекинувачи, уште една паралела со авионската кабина. Тука можат да се приклучат дополнителните уреди и теренската опрема, што создава чувство дека возачот управува со машина, а не со обичен автомобил. Наместо луксузни декорации, тука има пластики со груба текстура, гумени површини кои можат да издржат кал, прашина и вода. Дури и подот е изведен така што може да се мие со црево. Вистински доказ за тоа дека овој автомобил е создаден да се користи во најсурови услови.
Седиштата се производ на Recaro и иако делуваат едноставно, тие се исклучително удобни, со солидна странична поддршка и обвивка што е отпорна на абење. Кабината има доволно простор како на предните така и задните седишта, а високата кабина нуди многу место за главата и рамена. Багажниот дел на кабината е подеднакво импресивен со своите габарити од околу 1150 литри. Практичните детали, како страничните точки за прицврстување, дополнителните приклучоци и можноста за интегрирање на специјализирана опрема.

Без граници
Движечката сила кај Grenadier доаѓа од проверен извор, без разлика дали сте избрале бензинска или дизелски погонувана единица тие се во конфигурација на реден 6 цилиндричен агрегат со потпис на BMW. Нашиот тестен модел беше опремен со дизел агрегат кој развива 245 КС и 550 Нм влечна сила, што е достапна од ниски 1.250 вртежи во минута. Тоа значи моќна, но и мазна испорака на сила, совршена за теренски предизвици и за долги патувања. Поврзан е со автоматски менувач со осум брзини производ на ZF, кој функционира беспрекорно, делува брзо и истовремено рафинирано. Дополнително, Grenadier располага со класичен редуктор со можност за избор на погон (2H, 4H и 4L), како и со блокада на преден, централен и заден диференцијал. Тоа е рецепт кој гарантира непобедлива теренска способност.

Иако е создаден за терен, Grenadier не изненади со своето однесување на асфалт. Шасијата е со класична конструкција, но е надополнета со прецизно подесена суспензија. Возењето е стабилно, а удобноста е подобра од очекуваното. Секако, ова не е луксузен SUV, па баш поради тоа се ниша повеќе во свиоци, а бучавата од гумите е погласна. Но на автопат, со брзина помеѓу 120-130 км/ч, Grenadier е изненадувачки рафиниран. Моторот работи тивко и мазно, а менувачот го држи во оптимални вртежи. Потрошувачката на нашиот тест се движеше во зоната од 11,5–13,5 литри на 100 км, што е сосема прифатливо за возило со маса од 2,7 тони.

Иако, кај овој тип возила перформансите се секогаш во втор план, ќе споменеме дека Grenadier достигнува максимални 160 км/ч, а забрзувањето до 100 е во зоната од 9 секунди. Се разбира, вистинската природа на Grenadier се покажува надвор од асфалтот. Клиренсот од 264 мм, агол на пристап од 35,5 степени и агол на заминување од 36,1 степен, како и можност за поминување низ вода длабока до 800 мм, прават ова возило да е секогаш подготвено за најтешките предизвици. Во комбинација со блокадите на сите диференцијали и редукторот, увидовме дека Grenadier минува секаде каде што го насочивме за време на нашето дружење. За разлика од модерните SUV модели кои се потпираат на електронски системи, овде механичките решенија се главни. Водата, калта и прашината не претставуваат проблем, сите витални елементи на подвозјето и преносите се заштитени и подготвени за екстремни услови.
Возило од типот на Ineos Grenadier е реткост во понудата на денешниот автомобилски пазар. Тој е вистински теренец, искрен, издржлив и непоколеблив. Амбициозен производ на британска визија која користи германски мотори, а се произведува во Франција. Се разбира дека Grenadier не е за секого, но оние што ќе ги препознаат неговите вредности и оние што сакаат автентичност, во него ќе пронајдат повеќе од автомобил. Тој е партнер, алатка и сојузник, особено на патишта каде малкумина се осмелуваат да тргнат.

Цена на тестираниот модел: 99.000 евра
Технички податоци за Ineos Grenadier Station Wagon 3.0 TD
| Мотор | Euro 6e, дизел, четиритактен, шестцилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
| работна зафатнина | 2.993 см³ |
| пречник и од | 84 x 90 мм |
| степен на компресија | 16.5:1 |
| Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, директно впризгување на горивото, турбополнач, интеркулер |
| Макс. моќ на мотор | 245 КС (181 kW) при 3.250 – 4.200 min⁻¹ |
| Макс. вртежен момент | 550 Nm при 1.250–3.000 min⁻¹ |
| Клиренс | 264 милиметри |
| Потпирање | напред: крута оска, спирални пружини, телескопски амортизери стабилизатор, назад: крута оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
| Сопирачки | напред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
| Пневматици | 265/70 R17 (напред и позади) |
| Каросерија | Теренец со шест врати, пет седишта |
| должина х ширина х висина | 4.895 x 1.930 x 2.036 мм |
| меѓуоскино растојание | 2.922 мм |
| траги (напред/назад) | 1645 мм (напред) / 1645 мм (назад) |
| Тежина | 2.720 кг |
| максимална тежина | 3.500 кг |
| багажен капацитет | 1120 литри |
| Резервоар | 90 литри |
| Трансмисија | на сите четири тркала преку 8-степен автоматски менувач |
| максимална брзина | 160 км/ч |
| забрзување 0-100 km/h | 9.9 секунди |
| просечна потрошувачка | 10,5 л/100 км |
| емисија на CO2 | 276-319 г/км |
Ineos Grenadier во Македонија:
Ineos Grenadier Station Wagon 3.0 TD 99.000 евра
Повеќе информации во Гранд Ауто на тел. (02) 30 73 103
Конкуренти:
| Mercedes-Benz G Class | од ///./// до ///./// евра |
| Toyota Land Cruiser | од 85.990 до 103.990 евра |
| Land Rover Defender | од 99.000 до ///./// евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.
















































