fbpx

Тест: Jaguar E-Pace, „МАЧКАТА“ ВО НОВА ДИМЕНЗИЈА

Пред две години блесна изведбата F-Pace, која постигна огромен успех и е меѓу најзаслужните за зголемување на продажбата на Jaguar, за привлекување на нови клиенти на брендот и сериозно зајакнување на позицијата на компанијата

Затоа, беше сосема логично да биде развиен уште еден нов модел во Јагуаровиот спектар, а во согласност со трендовите, тој е покомпактен од F-Pace и ценовно многу подостапен. И секако да нема забуна да разјасниме, бидејќи многумина не прашаа, Е- буквата овде не е за автомобил на струја, туку ја означува големината (E, F и J), а она Pace е за обликот на каросеријата, поточно дека станува збор за SUV (X е за лимузините, Type за купе изданијата и кабриолетите).

Во голема мерка прифатливата цена се должи на фактот дека Jaguar E-Pace е создаден врз основа на популарниот Range Rover Evoque и со тоа се намалија трошоците за развивање нова платформа. Имено, за разлика од другите изведби од британскиот бренд кои имаат алуминим во конструкцијата, овде се типува на висококвалтетен челик. Според дизајнот, новиот Jaguar E-Pace е типичен претставник на брендот, носејќи ги современите специфични детали, како што е широката решетка на ладилникот и големите доводи за воздух во предниот браник, кои се едноставно преземени од „поголемиот брат“.

Jaguar E-Pace S D150 AWD A9

Новите предни фарови му додаваат сепак оригиналност, како и LED светлата, кои се во L облик и се постојано активни во текот на денот.

Во задниот дел имаме одредено закосување, со силно наклонетото задно стакло, покриено со голем спојлер. На капакот на багажникот се истакнуваат тесните светла, познати од најновите модели на Jaguar. Во исто време, компактниот SUV се разликува од својот постар брат со својот аркаден покрив и кратки препусти на каросеријата, кои го прават Jaguar E-Pace уште повпечатлив, па постојано ги „лепеше“ погледите на ненамерниците додека се движевме низ скопските улици.

Пред погледот на возачот е позициониран 12,3-инчниот дисплеј од течни кристали, на кој се прикажани електронскиот брзиномер и мерчот за вртежи. На врвот на централната конзола се наоѓа 10-инчниот екран на допир од новиот мултимедијален систем, а под него се големите кружни регулатори на климатизацијата со мали монитори, кои ја покажува избраната температура. Копчињата за насочување на воздухот се наоѓаат во линија. Централниот тунел е со селекторски прекинувач за автоматскиот менувач, традиционален лост.

Jaguar E-Pace S D150 AWD A9

Зад управувачот на новиот Jaguar E-Pace можат да се сместат удобно луѓе од речиси било кој тип.

Возачкото седиште се прилагодува во сите правци и управувачот има широк опсег на поставувања. Тесното задно стакло, можеби не дава добар преглед наназад, но камерата за рикверц компензира сè. Закосената линија на покривот го ограничува просторот на вториот ред седишта, но и покрај тоа има доволно простор над главите за патници со висина до 1,90 метри. Просторот за нозете исто така има сосема доволно. Волуменот на багажникот е 577 литри, а со преклопени задни седишта достигнува 1.234 литри.

При динамичниот спортски режим, 2.0-литарскиот турбо дизел мотор, од семејството Ingenium со 150 КС, работи на повисоки вртежи и педалата за гас е многу почуствителнаа. При непречено забрзување, 9-степениот автоматски менувач доволно брзо префрла нагоре, а при нагло притискање на собирачката симнува многу побрзо неколку брзини надолу.

За уште побрзи реакции има лостови на двете страни на управувачот.

Дизел моторот има доволно моќ за да може E-Pace да стартува од место, а во исто време го забрзува динамично компактниот SUV и при претекнување. До стотка вака спакуваната опција забрзува за 10,5 секунди, а максималната брзина е 193 km/h. Кога се вози балансирано, потрошувачката е во рамките на 7 литри на 100 километри, но ако возите поагресивно, таа може да помине повеќе од 10 l/100 km. Вреди да се напомене дека дури и при големи брзини, изолацијата на бучавата е добра, а во внатрешноста е тивко и ги слушате непречено посакуваните тонови од аудио составот.

Чувствителниот управувач ви овозможува да управувате со Jaguar E-Pace директно, па дури и спортски.

Управувањето е сосема предвидливо, иако повратните информации помеѓу предните тркала и управувачот понекогаш се премногу акутни. Особено тоа се чувствува при високи брзини над 100 km/h, кога и најмалата грубост на коловозот се пренесува кон рацете на возачот. Широката трага на автомобилот придонесува за стабилно држење на патот во свиоците и овозможува да се минуваат непречено и со поголема брзина.

Jaguar E-Pace S D150 AWD A9

Во дадени ситуации одлично реагира погонот на сите тркала, AWD автоматски го дистрибуира моментот, така што автомобилот добива поголема управливост, а тоа се чуствува особено ако сте надвор од асфалтот. Потпирањето е прилично цврсто, а клиренсот од 20 сантиметри овозможува да се справи со леснотија со нерамнините.

Тестниот модел имаше систем за стрмно спуштање и контрола, овозможувајќи да се надминат сложени делови од патот.

За вака спакуваната изведба треба да издвоите 57.564 евра. За споредба оваа цена е секако многу повисока од автомобили како Qashqai, Tiguan, 3008, но сепак во рамките на конкуренцијата од премиум сегментот. Факт е дека за секоја „мачка“ треба да се одврзе кесето, која има што и да понуди, па така е и со оваа!

Технички карактеристики за Jaguar E-Pace S D150 AWD A9:

Мотор Euro 6, дизел, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина 1.999 cm3
пречник и од 83,0×92,4 mm
степен на компресија 15,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, турбо компресор со променлива геометрија, интеркулер
максимална моќ 150 KС (110 kW) при 3.500 min-1
макс. вртежен момент 380 Nm при 1.750 min-1
трансмисијана AWD, преку 9-степен автоматски менувач
потпирање напред  Мекферсонови нозе, попречни рамења, стабилизатор, гасни амортизери, назад мултилинк, спирални пружини, гасни амортизери
сопирачки напред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, ESC со вклучени BAS, CBC, TCS, DBC, HAC, VSM
пневматици  235/60 R18
каросерија  SUV со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина  4.395 х 2.088 х 1.649 mm
меѓуоскино растојание  2.681 mm
траги (напред/назад) 1.635/1.634 mm
тежина 1.843 kg
максимална тежина  2.400 kg
багажник  577 dm3
резервоар  56 литри
максимална брзина  193 km/h
забрзување 0-100 km/h 10,5 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 5,1/6,5/5,6 l/100 km
емисија на CO2 147 g/km

Јaguar E-Pace во Македонија:

Base 2.0D/ 150 FWD M6 39.990
S 2.0D/ 150 FWD M6 47.100
Base 2.0D/ 150 FWD M6 R-Dynamic 44.500
S 2.0D/ 150 AWD M6 51.200
SE 2.0D/ 150 AWD A9 58.900
HSE 2.0D/ 180 AWD A9 R-Dynamic 70.200
HSE 2.0D/ 240 AWD A9 R-Dynamic 76.600
Base 2.0t/ 250 AWD A9 50.700
HSE 2.0t/ 300 AWD A9 R-Dynamic 77.500

За повеќе информации во Аутомобили Груп на тел: 02 3093 024

Конкуренти:

Mercedes GLA  oд 30.480 до 66.980 евра
Аudi Q3 oд 33.843 до 45.475 евра
Alfa Romeo Stelvio  oд 44.900 до 66.900 евра

Поврзани вести

Back to top button