Тест Kia 2 Sportage 1.6 CRDi: Моторни варијации
Се дружевме со втора изведба на моделот благодарение на соработката со Киа Моторс Македонија… со дизел агрегат.
Веќе е познато дека во Kia одлучија на моделот Sportage комплетно да му го променат идентитетот со нов и особено карактерен екстериер, со целосно дигитално решение во кабината, а тука е и новата линија на мотори. Со овие елементи новата генерација на Kia Sportage веќе привлекува огромно внимание и со сигурност ќе донесе до одлични продажни резултати
Sportage има исклучително важна улога во гамата на Kia, пред се поради фактот што генерацијата која беше актуелна до крајот на 2021 година забележа огромен пазарен успех, не само како изведба туку и како најпродаван модел со беџот на Kia во светот. Запознаени со рецептот за успех и најважните состојки за приготвување на успешен SUV модел, новата-петта по ред генерација во себе го впива комплетното акумулирано знаење со цел моделот да го постават уште повисоко во сегментот.
За дизајнот на новиот Sportage кажавме се што имавме во првиот тест, па воопшто и нема потреба да се повторуваме, освен уште еднаш да истакнеме дека стилски силно отстапува од сето она што го имавме како перцепција за мооделот. Во овој тест фокусот беше ставен на моторната единица на Kia Sportage 1.6 CRDi First Edition.
Моќен и економичен
Во вториот тестиран примерок на Sportage што имавме прилика да го испробаме за релативно краток период, улогата на двигател му беше доверена на турбодизелскиот агрегат со зафатнина од 1.600 см3 кој истискува 116 КС при максимални 4.000 врт/мин. Неговатата влечна сила од 280 Nm ја испорачува во распон од 1.500 до 3.000 врт/мин., па иако станува збор за послабата дизелска варијанта во понудата тоа во пракса не изгледа така. Избалансираниот и прилично тивок мотор повлекува одлично од релативно ниски вртежи, а воедно многу лесно ја одржува високата патна брзина.
Секогаш кога изборот паѓа на дизелски аграгат главниот предуслов е економичноста. За периодот во кој се дружевме во просек трошевме 6,7 литри на секои 100 изминати километри, што е за околу 1,5 литри повеќе од фабрички декларираната вредност, но е речиси за 2 литри помалку од колку кај бензински погонуваната изведба. Забрзувањето до 100 км/ч трае 12 секунди, а срелката на брзиномерот своето патување го завршува на максимални 175 км/ч, што со други зборови значи дека не е најбрзото нешто на асфалтот, но е на исто рамниште со конкуренски модели.
Комфорот не изостана
Како и кај бензинската изведба на Sportage која имавме прилика да ја возиме претходно, забележливо е дека потпирањето е повеќе наклонето кон комфор од колку кон желбите на ентузијастите. Во секојднено управување доаѓа до израз лесното маневрирање и високото ниво на удобност што особено се истакнува кога се крстари на отворен пат.
Кога станува збор за ентериерот, ниту тука нема големи разлики во однос на претходно. Просторот на предните и задните седишта е одличен, со многу место за главата и нозете. Седиштата, како предните така и задните се многу удобни, а забележливо е дека Sportage нуди повеќе простор за нозете во средината на задниот дел од кабината од повеќето конкуренти. Дека SUV возилата се практични и погодни за семејствата покажува и багажникот кој е длабок и со правилна форма, капацитетот во основната конфигурација изнесува 526 литри, а доколку се собори задната клупа се зголемува до 1.715 литри.
Под централниот екран, Sportage го усвојува и паметниот мал панел чувствителен на допир кој ги контролира кратенките за навигацијата и инфозабавата, или контролите за греење и вентилација, која група се менува со еден допир. Тоа е паметна идеја која работи добро, логична и едноставна за употреба како и конвенционалните физички контроли. Ова е далеку подобро решение отколку мигрирање на тие контроли на централниот екран на допир како што е случајот кај многу од конкурентските модели.
Одличен сооднос на опрема, перформанси и цена
Конкретниот модел кој го имавме на располагање е со ознаката First Edition, a истиот пристигнува со нова, различна боја од претходно, но севкупниот стајлинг останува ист, без некои поголеми промени. Конкретниот пакет на опрема е наменет за македонскиот пазар и делува како совршен баланс меѓу перформансите, опремата и конечната цена.
Пред возачот се наоѓаат дигиталниот инструмент кластер и големиот 12,3-инчен екран од инфозабавниот ситем кои можат да се најдат кај највисокото ниво на опременост (Reference 3), заедно со голем број на останата стандардна опрема како што се системите за активна и пасивна безбедност во кои се вклучени следењето на коловозната лента, сензорите за паркирање, задната паркинг камера, автоматските светла, систем за препознавање пешаци, темпомат и ред други работи. Патниците на задната клупа добиваат посебни контроли за клима-уредот, а на средината се наоѓа и средниот потпирач за рацете. Моделот е поставен на 17-инчни тркала, покривни носачи, затемнети задни стакла, хромирани декоративни елементи…
Моделот Sportage има многу што да понуди за оние кои се во потрага по идеалното семејно возило следејќи ја SUV манијата. Големиот број на напредни дигитални технологии, рафинираност и максимален комодитет се само дел од неговите атрибути кои го носат поблиску до врвот во сегментот. Вам ви останува само да се одлучите дали под предниот поклопец ќе се најде бензински или дизел мотор. Што и да одберете нема да погрешите, во секој случај, Kia Sportage може да биде полн погодок.
Цена на тестираниот модел: 26.900 евра
Технички спецификации за Kia Sportage 1.6 CRDi 116 2WD MT6 First Edition
мотор | Euro VId, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.598 cm3 |
пречник и од | 75,60 x 89,00 mm |
степен на компресија | 10,5:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 116 KС (85 kW) при 4.000 min/-1 |
макс. вртежен момент | 280 Nm при 1.500-2.750 min-1 |
трансмисија | на предни тркала преку 6 степен мануелен менувач |
потпирање | напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад независно потпирање, мулти линк, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 215/65 R17 (напред) 215/65 R17 (позади) |
каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.515 x 1.865 x 1.650 mm |
меѓуоскино растојание | 2.680 mm |
траги (напред/назад ) | 1.615/1.622 mm |
тежина | 1.650 kg |
максимална тежина | 2.110 kg |
багажник | 571/1.715 литри |
резервоар | 54 литри |
максимална брзина | 175 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 12.1 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,5/5,7/5,1 l/100 km |
емисија на CO2 | 135 g/km |