ТЕСТ Lynk & Co 08: Есенција на модерната мобилност

Lynk & Co како автомобилски бренд веќе доволно зрее на европскиот пазар за да може да се каже дека не е „ново име“, туку веќе дефинирана филозофија. Зад него стои Geely групацијата (една од најмоќните автомобилски корпорации во светот), тесно поврзана со Volvo, со која дели платформи, инженерски решенија и дизајнерски принципи. За брендот веќе кажавме во претходните прилики кога имавме можност да ги тестираме 01 и 02. Сепак, вреди да се напомене дека ова партнерство ги спојува две навидум различни школи – скандинавската смирена естетика и кинеската брза технолошка еволуција. Со моделот 08, Lynk & Co влегува во D-сегментот и настапува како знаменосец на брендот во Европа: најголемиот, најтехнолошки напреден и најзрел автомобил во понудата досега.

Ова не е само уште еден plug-in хибрид на пазарот. Lynk & Co 08 има сосема поинаква филозофија: да се вози како електричен автомобил најголемиот дел од времето, а хибридниот мод да се активира само кога е навистина потребно. Во теорија ова звучи убаво, но во пракса функционира дури подобро отколку што очекувавме.

Тест Lynk & Co 08

Аеро екстериер = моќен изглед, без агресија

Во првиот момент кога ќе застанете пред Lynk & Co 08, првото нешто што се забележува е самоувереноста во неговата појава. Не се обидува да импресионира со остри линии или агресивни отвори за воздух. Наместо тоа, формите се мазни, динамични, со јасно нагласена аеродинамична силуета. Од друга страна, плени со својот став кој полека, но сигурно навлегува во премиум сегментот.

Светлосната „поделба“ е веќе препознатлив потпис на Lynk & Co. Дневните LED светла се поставени високо, речиси на самиот раб на поклопецот, додека главните светлосни групи стојат скриени пониско во браникот. Ова создава впечаток на чист преден дел без визуелен шум. Полн погодок од страна на дизајнерите.

Погледот од страна открива издолжен профил, со благо наклонет кров и стакла без рамки, детали кои го истакнуваат премиум карактерот на возилото и одлично се вклопува во целата слика која Lynk & Co сакал да ја долови со лансирањето на својот знаменосец. Тестниот модел дојде со 21-инчни фелни, кои изгледаат големи, но не „преголеми“, па автомобилот ги „носи“ природно. Задниот дел е еден од најдобрите аспекти – широката LED лента со карактеристични сегменти создава светлосен потпис кој е и препознатлив и софистициран и кој со сигурност ќе му овозможу на брендот, а и на моделот, да се издвојат во однос на конкуренцијата во рекордно време. Севкупниот впечаток околу дизајнот е дека 08 успева да биде футуристички, но не претерано драматичен. Ова е автомобил што привлекува внимание, но тивко, со вкус, јасно покажувајќи дека има сосема поинаква филозофија во однос на своите „роднини“ од Кина.

Кабина: скандинавски минимализам со технолошка душа

Внатрешноста е местото каде 08 најсилно се одвојува од класата. Сè делува умерено, сталожено и со врвен квалитет, а се со јасна цел -кабината да биде простор за патување, не за демонстрација.

Тест Lynk & Co 08Доминацијата ја има тенкиот 15,4-инчен екран во центарот, поставен хоризонтално, без непотребни визуелни елементи. За разлика од некои производители кои со екраните само „имитираат“ модерност, тука инфозабавниот систем е логичен, брз и со јасни менија, а сето тоа благодарение на Snapdragon чиповите. Пред возачот се наоѓа 10,2-инчен дисплеј со чиста графика и три режима на преглед.

Материјалите се меки, текстурирани и пријатни на допир. Седиштата (во More опрема) доаѓаат со грејачи, вентилација и масажа, а задната клупа нуди греење и прилагодлив наклон. Просторот е обилен и напред и назад, а благодарение на рамната подна платформа, постои доволно простор и за трет патник, без притоа да се прави компромис со удобноста.

Harman Kardon аудио-системот со 23 звучници е едно од најдобрите решенија во класата, не само по јачина, туку по чистина и топлина на звукот. Во комбинација со амбиентално осветлување, ентериерот добива атмосфера на „модерен салон“, а не на технички кокпит, што дефинитивно ќе им се допадне на новите генерации.

Со оглед на поставеноста во сегментот, багажниот простор од 540 литри е повеќе од конкурентен, со правилна форма и ниско подигнување на прагот, што го прави Lynk & Co 08 и идеален семеен автомобил.

Погон: Повеќе струја отколку бензин, и тоа намерно!

Тука е суштината на Lynk & Co 08. Погонот е составен од препознатливиот 1,5-литарски турбо бензинец кој се користи ширум целата групација и располага со моќност од 137 КС и максимален вртежен момент од 230 Nm. Во комбинација со него е и електромоторот кој е поставен на предната оска и располага со 208 КС и 350 Nm вртежен момент, што овозможува вкупна системска моќ од 345 КС, додека силата до тркалата се испраќа преку 3-степен автоматски менувач. Во оваа констелација на нештата, ова значи дека електромоторот е всушност вистинската ѕвезда, а бензинецот е тука за да му даде поддршка, а не обратно, како што е случајот кај повеќето plug-in хибридни возила.

Тест Lynk & Co 08

Батеријата од 39,6 kWh овозможува реални околу 170 – 180 километри движење на струја во мешан режим, а во град може да се поминат и над 200 километри со поумерено возење. Тоа е доволно повеќе од која било актуелна PHEV понуда во Европа, уште еднаш покажувајќи ја технолошката напредност и супериорност на Lynk & Co кога станува збор за електрифицираните опции.

Со полна батерија, 08 буквално функционира како целосно електричен автомобил. Во текот на тест периодот во градски услови, потрошувачката на бензин беше нешто над 0 л/100 км. На подолги патувања, со испразнета батерија, потрошувачката се движи околу 6 до 7 л/100 км, што е одлично за автомобил од оваа големина и тежина.

Тест Lynk & Co 08

Забрзувањето од место до стотка се достигнува за 6,8 секунди, што не е некаква спектакуларна бројка, но со оглед на димензиите и тежината, како и тоа што во реалноста возилото се чувствува уште побрзо поради моменталниот вртежен момент, прави перформансите да делуваат мошне моќно и повеќе од задоволително.

Возачки впечаток: достоинствено, смирено и контролирано

Lynk & Co 08 веднаш открива дека е автомобил создаден за смирена, интелигентна динамика. Од првиот момент кога ќе го стартувате, целиот систем работи бесшумно, без вибрации, без непотребна драма. Само лесно лизгање по асфалтот. Во градски услови, управувањето е неверојатно лесно, речиси со еден прст, а електричниот моментален вртежен момент го прави автомобилот одзивен и предвидлив. Педалата за гас реагира прецизно, без нервоза, што создава чувство дека автомобилот „мисли со вас“, а не против вас.

Во секојдневната возачка рутина, Lynk & Co 08 делува рафинирано и логично. Регенерацијата на енергија е добро калибрирана – доволно силна за да го забави автомобилот без употреба на сопирачката, но не толку агресивна за да го наруши комфорот. По неколку километри се навикнувате и почнувате да возите речиси со една педала, што го прави секое движење природно и релаксирано.

Системот на потпирање е меѓу најпријатните изненадувања. 08 користи софистициран систем кој ги апсорбира нерамнините со прецизност што повеќе наликува на премиум модели со воздушна суспензија. На нашите градски улици, автомобилот едноставно „плива“ преку нерамнините, без тврдост и без одѕвонување од каросеријата. Истовремено, стабилноста останува беспрекорна, дури и кога ќе влезете побрзо во свиок, телото се контролира без прекумерно навалување. Се чувствува тежината од над две тони, но таа тука работи во ваша корист, при што автомобилот стои „залепен“ за подлогата.

На отворен пат, Lynk & Co 08 е исклучително тивок. Дури и при автопатски брзини, ветрот едвај се слуша, а гумите одѕвонуваат само како далечна позадина. Оваа акустичка изолираност, во комбинација со удобните седишта со масажа и Harman Kardon аудио системот, го претвора секое патување во вистинска релаксација.

Воланот во нормален режим е мек и лесен, совршен за маневрирање низ тесни улици и подземни гаражи. Ако сакате поостар одзив, Sport режимот ја заострува тежината и го прави управувањето почувствително, без да го наруши комфорот. Оваа двојност (на комфор и контрола) е токму она што Lynk & Co 08 го прави толку лесен за прилагодување и навикнување.

Во динамично возење, комбинацијата од 3-брзинскиот DHT менувач и електромоторот овозможуваат линеарна испорака на сила без класични „прекини“ во забрзувањето. Од 0 до 100 км/ч за 6,8 секунди можеби изгледа како бројка од хартија, но во реалност чувството е уште поефективно, посебно при меѓузабрзувањата. Поради специфичниот дизајн на менувачот, 08 не ја губи енергијата ни при високи брзини, што резултира со уверено и стабилно крстарење.

Во град, 08 е бесшумен, мазен, интуитивен. Регенеративното сопирање може да се подеси до речиси еднопедално возење. Воланот е лесен, но прецизен, а 360° камерата ја елиминира грижата околу паркирањето.

Полнење и секојдневие

Во секојдневната употреба, Lynk & Co 08 се однесува како вистински електричен автомобил, благодарение на батеријата со капацитет од 39,6 kWh и ефикасниот погон, што значи дека повеќето возачи ќе поминат денови, па дури и цела недела, без да го вклучат бензинскиот мотор. Кога ќе дојде момент за полнење, системот нуди флексибилност што ретко се гледа кај plug-in хибридите. Со AC полнач од 11 kW, батеријата целосно се полни за околу 4,5 часа, што е идеално за домашно ноќно полнење или додека автомобилот стои на работа. За патувања на подолги релации, достапна е можност за DC брзо полнење до 85 kW, кое овозможува полнење од 10 до 80 проценти за приближно 33 минути, доволно време за пауза за кафе, по што автомобилот повторно е подготвен за нови километри.

Тест Lynk & Co 08

Токму оваа комбинација на практичност и брзина во полнењето му дава на 08 вистинска дозвола за електрична секојдневност. Oва значи дека Lynk & Co 08 ќе биде електричен 90 проценти од времето, а ќе понуди безгрижност за остатокот. На тој начин, возилото не само што ја елиминира „range anxiety“ грижата, туку ја претвора електричната мобилност во реален, едноставен дел од секојдневниот живот.

Логичен автомобил во тек со новото време

Lynk & Co 08 е повеќе од само уште еден плаг-ин хибрид на пазарот, тоа е показна вежба како треба да изгледа транзицијата кон електрифицираната мобилност. Овој автомобил не инсистира на тоа да биде различен по секоја цена, туку да биде подобар таму каде што најмногу значи, во секојдневното возење. Неговата вистинска сила не се крие во бројките, туку во начинот на кој сè функционира природно, без да бара прилагодување или компромис.

Тест Lynk & Co 08Она што Lynk & Co успеа да го направи со 08 е да понуди електрично искуство без страв од ограничување, хибридна флексибилност без сложеност и премиум чувство без преголема цена. Секој дел од автомобилот изгледа и се однесува со зрела самодоверба – од минималистичкиот ентериер и беспрекорната изработка, до начинот на кој автомобилот се движи по патот, тивко, сигурно и без нервоза.

Во свет во кој многу производители се обидуваат да ги убедат купувачите дека иднината мора да биде целосно електрична или целосно дигитална, Lynk & Co 08 нуди повеќе разумен пат – комбинира технологија и емоција, функционалност и естетика, перформанси и тишина. Тој не се обидува да ја покаже својата интелигенција, туку да ви ја олесни секоја километарска одлука.

По неколку дена зад воланот, јасно е дека Lynk & Co 08 е автомобил кој не бара да го разберете. туку едноставно да го почувствувате. И кога еднаш ќе го сторите тоа, сфаќате дека ова е вистинскиот пристап – автомобил што не е гласен, не се натпреварува, туку тивко, но со стил, ја менува дефиницијата за модерна мобилност. Едноставно, автомобилот не се обидува да биде „алтернатива“. Тој покажува како треба да изгледа логичен автомобил за 2025 година – електричен во секојдневието, хибриден за пат, удобен, модерен, премиум во материјалите и дискретен во однесувањето. Ова е автомобил за луѓе кои ги ценат фините работи, без потреба да зборуваат за нив.

Тест Lynk & Co 08

Технички податоци за Lync & Co 08 1.5 TD Plug-in Hybrid DHT Pro
мотор Euro6E-Bis, бензин, четиритактен, чеитрицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.499 см3
пречник и од 73.4 x 88.57 мм
степен на компресија 10,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување 

Mакс. моќ на електромотор

Макс. моќ на хибриден систем

137 KС (102 kW) при 5.500 min/-1 

208 КС (153 kW)

345 КС (253 kW)

Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. вртежен момент на електромотор/
Макс. вртежен момент на хибриден систем
230 Nm при 1.500 min-1/ 

350 Nm/

535 Nm

трансмисија 3-степен автоматски 3DHT EVO
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 255/40 R21
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4820 x 2135 x 1685 мм
меѓуоскино растојание 2734 мм
Електричен опсег на движење 200 километри
тежина 2112 кг
максимална тежина 2612 кг
багажен капацитет 540 / 1254 литри
резервоар 60 литри
капацитет на батерија 39.6 kWh
максимална брзина 185 км/ч
забрзување 0-100 km/h 6,8 секунди
декларирана просечна потрошувачка 0.9 л/100 км (комбинирано, просек)
6.5 л/100 км (со празна батерија)
емисија на CO2 23 г/км

Lynk & Co 08 во Македонија:

Lynk & Co 08 Core 54.990 eвра
Lynk & Co 08 More 59.990 евра

Повеќе информации во Делфино Рент-а-Кар, на www.lynkco-see.com/mk , или на тел. 078 260 328

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button