Тест Mahindra KUV 100: Мини урбан SUV за градски предизвици
Најновиот и најмалиот кросовер на индискиот гигант Mahindra започнува ново поглавје за компанијата која инаку е позната по своите теренци и пред сè пикап модели
Иако Mahindra го нарекува моделот KUV 100, SUV или теренец, сепак станува збор за мини хечбек модел кој е поставен нешто повисоко (170 мм) и има поробусен изглед во однос на класичните модели и кросовери од оваа категорија. Но, без дилеми, KUV 100 е автомобил за кој во Mahindra сметаат дека може да ја одведе до едно сосема ново ниво во Европа. Пред се поради тоа што навистина во себе поседува фактор кој умее позитивно да ги изненади купувачите со својата практичност, компактност и пред сè способност. Лансиран за прв пат во 2016 година, а редизајниран по само 21 месеци на пазарот, KUV 100 е најмалиот SUV во поставата на индискиот гигант, а со своето име чија кратенка е изведена од „Kool Utility Vehicle“, дефинитивно претставува нешто ново и „кул“ на патиштата, затоа компанијата оправдано очекува да биде моделот кој ќе го води пресвртот на пазарот.
Богата опрема
Конкретниот модел кој го имавме на тест, KUV 100 K8 NXT се одликува со модерни LED светла, алуминиумски тркала, индикатори за насока кои се вградени во ретровизорите, како и Bluetooth поврзаност со паметни телефони, автоматски клима-уред, стартување на возилото без клуч, а тука се и паркинг сензорите и системот за помош при нагорнина и надолнина, меѓу другото. K8 верзијата, односно повисокото ниво на опременост пристигнува со пластични облоги како заштита на долниот дел од каросеријата, ветробрани, двобојна каросерија и 15-инчни алуминиумски тркала!
Со KUV 100, Mahindra се обиде да додаде еден интересен, кросовер изглед на едно мало градско возило, кое дефинитивно отскокнува во однос на конкуренцијата. Со оглед на тоа дека популарноста на SUV возилата е се поголема, KUV 100 со својот „теренски“ изглед успева да го привлече вниманието со својот дизајн, кој патем е направен од страна на италијанскиот гигант Pininfarina. При изработката на екстериерот, забележително е дека Mahindra успеа да искористи голема количина на модерна инспирација при дизајнирањето на KUV. Предните светла и решетката нудат уникатна и привлечна комбинација, иако доколку ги погледнете поединечно можеби ќе забележите сличност со други модели. Предниот браник е поставен нешто повисоко, но затемнетиот долен дел вешто го маскира сето тоа.
Кога ќе се погледне од профил, KUV 100 навистина не изгледа како било што друго на пазарот. Тука се истакнуваат мускулестите делови на долниот дел од каросеријата и задната врата кој се протега до задните светла. KUV 100 е поставен на модерна монокок шасија, а при изработката е употребен челик со највисока цврстина за клучните делови.
Пространост на која можат да завидат конкурентите
Должината од 3,675 милиметри докажува дека станува збор за прилично компактно возило во споредба со своите ривали. Со цел да добие на простор, висината на KUV 100 е 1.655 милиметри, додека ширината изнесува 1.735 милиметри, a меѓуосовинското растојание е поставено на 2.385 милиметри.
Позитивна работа се секако физичките команди кои се добро поставени и постојано имате прегледност и во секој момент знаете каде е тоа што ви треба. На централната конзола е поставен и 7-инчен екран на допир од инфозабавниот систем кој пристигнува со навигација. Екранот е со добар квалитет, реагира брзо и има доста прифатлива графика. Кога сме веќе кај ентериерот, треба да се напомене и тоа дека и покрај компактноста, Mahindra KUV 100 нуди навистина голема пространост за патниците.
Изведбата која наликува на карбонска структура се протега низ целата кабина, заедно со „piano black“ пластиката, се елементи со што се разбива монотонијата во внатрешноста и дава еден поинаков, „попремиум“ изглед на автомобилот. Она што возачот прво ќе го забележи кога ќе седне зад управувачот е положбата на менувачот кој е поставен на централната конзола, што може да се каже дека е доста типично за азиските возила, а во суштина е мошне практичен. Интересен и можеби чуден момент за многумина ќе биде рачната (паркинг) сопирачка, која е сместена веднаш под централната конзола.
Не треба да се заборави ниту амбиенталното осветлување кое е поставено кај рачката за отворање на вратата. Во оној момент кога ќе ја отворите истата, ќе ве пречека и осветлување на подот, што е ретка глетка кај оваа класа на автомобили. Практичната изработка на ентериерот во предниот дел резултира со сериозна пространост и доволно место за совозачот. Задната клупа, пак, се одликува со неочекувана удобност и нуди навистина голем простор за нозете и главата.
Багажникот нуди капацитет од 243 литри, а единствениот пристап до него е преку копчето на клучот или пак преку копчето кое е поставено во кабината, веднаш над средниот ретровизор. Капацитетот на багажникот е сосема соодветен за еден урбан кросовер, а со спуштањето на задната клупа истиот се зголемува на 473 литри.
Не престанува да изненадува
Системот на потпирање и квалитетот на возењето се прилично добри и автомобилот може да се справи со нерамнините на патиштата без многу стрес. И покрај своите димензии и необичен изглед на каросеријата, Mahindra KUV 100 сепак нуди удобно возење, а стабилноста во свиоците е навистина добра. Кога станува збор за потрошувачката и доколку сакате да ја следите истата, ќе треба да напоменеме дека тука решението е малку невообичаено за нашето поднебје. Имено, Индијците потрошувачката не ја мерат со тоа колку литри се потребни за да се поминат 100 километри, туку колку киломери се поминуваат со еден литар гориво. По она ние што успеавме да го достигнеме, потрошувачката изнесуваше 12,6 километри со еден литар гориво. Во превод, тоа би било околу 8 литри на 100 километри. Според фабричките спецификации, потрошувачката изнесува 18,15 километри со литар гориво, односно околу 5,5 литри на 100 километри.
KUV 100, како и речиси сите други Mahindra модели, може да се пофали со еден навистина издржлив и квалитетен агрегат. Во конкретниот случај го имаме 1,2-литарскиот трицилиндерски бензински мотор со 87 КС при 5.500 врт/мин и 115 Nm максимален вртежен момент кој се достигнува меѓу 3.500 и 4.800 вртежи во минута. Тоа го прави доволно моќен и агилен автомобил. Моторот оди во комбинација со петстепен мануелен менувач кој е доста прецизен и краток и објективно не може да му се најде никаква замерка. Позитивна работа е тоа што моторот на Mahindra KUV 100 е фабрички подготвен за плински уред, кој беше вграден во тестираниот модел.
Овој автомобил дефинитивно претставува изненадување, со својот изглед несомнено успева да го привлече вниманието на љубопитните минувачи. Но, простор за напредок сè уште постои. Особено кога станува збор за некои елементи со кои ќе го привлече вниманието на помладите, поурбани купувачи. Едно е сигурно, Mahindra цврсто верува дека овој модел е соодветен одговор за веќе етаблираните европски и азиски модели со кои ќе треба да ги одмери силите.
Цена на тестираниот модел: 12.900 евра
Технички спецификации за Mahindra KUV 100 NXT K8:
мотор | Euro VI c, бензински М-Bifuel, трицилиндерски, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.198 cm3 |
напојување | четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, Multi Point вбризгување на горивото |
максимална моќ | 87 KС (64 kW) при 5.500 min/-1 |
макс. вртежен момент | 115 Nm при 3.500 – 3.600 min-1 |
трансмисија | на предни тркала преку петстепен мануелен менувач |
потпирање | напред независен МекФерсонов систем со спирални пружини, стабилизатор, назад полузависен торзионен систем, спирални пружини |
сопирачки | напред дискови, позади барабан ABS, EBD |
пневматици | 185/60 R15 |
каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 3.675 x 1.735 x 1.655 |
меѓуоскино растојание | 2.385 |
траги (напред/назад) | 1.490 / 1.490 |
тежина | 1.190 кг |
максимална тежина | 1.610 кг |
багажен капацитет | 243 литри |
резервоар | 35 литри |
максимална брзина | 160 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 14,5 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 5,1/7,5/5,5 l/100 km |
емисија на CO2 | 127 g/km |
Mahindra KUV 100 во Македонија:
Mahindra KUV 100 NXT K6 | 10.990 евра |
Mahindra KUV 100 NXT K8 | 13.990 евра |
Во моментов KUV 100 се нуди по акциска цена со 1.000 евра попуст.
Повеќе информации во ДБ Интеркар или на 02/3175-262.
Конкуренти:
Peugeot 108 | од 10.690 до 13.440 евра |
Renault Twingo | од 11.690 до 13.890 евра |
Fiat Panda | од 9.990 до 15.990 евра |