fbpx

Тест Maserati Grecale GT: Спортист во префинето одело

Италијанците секогаш создаваат возила во кои пред се има многу емоции и драма што потоа ги користат како елементи за освојување на срцата на вистинските заљубеници. Иако, Grecale GT е СУВ модел, на што не би требало да реагираме на тој начин, магијата која Maserati ја има употребено во своја корист создава предлог на кој е практично е невозможно да му се одолее.  

Именувањето на своите автомобили по најпознатите ветрови во светот е традиција за брендот Maserati. Се започна во 1963 година со легендарниот Mistral. Следат Ghibli, Bora, Merak и Khamsin. Името кое потекнува од познат ветар повторно се користи во 2016 година со преставувањето на Levante, првиот SUV во историјата на марката. Како што налага дел од историјата и за новиот модел повторно инспирацијата е побарана во лексиконот на ветровите. Имено, „Grecale“ е североисточен медитерански ветер, што треба да го му ја обезбеди на најновиот модел главната улога во гамата на Maserati.

Страст во движење

Стилот на италијанскиот бренд се заснова на традиционални принципи, кои ги опфаќаат сите нови модели, вклучувајќи го тука и Grecale. Инспирацијата кај Grecale органски произлегува од корените на брендот и неговиот силен карактер. Пристапот на Maserati кон дизајнот е безвременски и се карактеризира со елементи директно инспирирани од архитектурата и уметноста. Скулптурните форми се посветени на перформансите, со уникатна конструкција и ексклузивни пропорции кои го надминуваат времето и модата.

Моделот Grecale е веднаш препознатлив по неговиот стил кој јасно потенцира од каде доаѓа. Сè започнува со иконата т.е. значката, трозабецот (Trident) на Maserati поставен во средината на предната решетка. Тоа е препознатлив детаљ кој е неизоставен дел од целокупниот стилски јазик, а може да се примети и во трапезоидниот дел на Ц столбот. Гледајќи го профилот се забележува постојаниот контраст помеѓу чистотата на дизајнот и примената на новите технологии, забележливо е вниманието што е посветено на движењето кое започнува од поклопецот на моторот и оди кон задниот дел, со една единствена цел, да го истакне неговиот спортски карактер.

На задниот дел, тенките светлосни групи со „бумеранг“ изглед се инспирирани од моделот 3200 GT. Истите, безвременски се вклопуваат во течните трапезоидни линии кои се суштинска карактеристика на целото возило создавајќи безмалку впечатлив купе ефектот што наликува како кај спортски автомобил. Елегантното тело со силни, атлетски пропорции е надополнето со 4 издувни цевки кои го нагласуваат динамичниот аспект вгнездувајќи се природно во завршницата на одличната визуелна (и аудио) престава која од секој агол плени со својата појава.

Свет исполнет со многу стил и удобност

 

Со отворањето на вратите влегувате во светот на удобност и стил исполнет со многу „шмек“ кој нескромно го искажува премиум присуството. Престижните материјали ги обвиткуваат површините во целата кабина, реинтерпретацијата на препознатливата италијанска изработка е иновативна и во склад со модерните трендови. Фасцинантна современа убавина, филтрирана низ карактеристичниот израз на Maserati кои денес се поретко се сретнува во автомобилскиот свет. Уникатните графики и бои, повторно црпат инспирација од корените на брендот, реинтерпретирајќи ги препознатливите процеси со печатот „Made in Italy“.

Чувството дека не сте во минатото и дека овој СУВ припаѓа на иднината е нагласено преку модерните технолошки достигнувања и чистотата на нивниот дизајн. Рацете го држат управувачот на кој од левата страна е поставено копчето за стартување на агрегатот, од десната страна е прекинувачот за избор на модот во кој ќе работи возилото, а на задната страна се фиксирани алуминиумските „папучи“ за промена на брзините.

На возачот му се ставени на располагање ни помалку, ниту повеќе од четири екрани. Првиот ја заменува класичната инструмент табла и има диајонала од 12,3 инчи, воедно дозволува безброј начини на конфигурирање во зависност од потребите на возачот во  моментот. Тука е и централен екран на допир со исти димензии кој е одговорен за мултимедијата и безжичното поврзување со мобилните уреди. Веднаш под него, а помеѓу копчињата за командување со автоматскиот менувач е смстен уште еден екран на допир од димензии од 8,8 инчи чија задача е да управува со климатизацијата и сетирањето на амбиенталното осветлување и поставките на четвртиот екран кој го заменува класичниот часовник со дигитален кој освен времето може да прикаже многу повеќе.

Употребата на технологија го создава естетска чистота која ги нагласува материјалите и завршната обработка. Целосната хармонија низ кабината и исклучителното внимание кое е посветено на дизајнерските детали е видлива преку „прстените“ сместени во вратите каде треба да притиснета за истата да се отвори,  следат ласерски исечените метални решетки за звучниците на системот изработен специјално од Sonus faber за италијанската марка чија естетика го носи севкупниот впечаток во нова димензија.

Тест Maserati Grecale GT

Се е фокусирано на поедноставување, со мисла да се понуди простор каде што патниците ќе се чувствуваат удобно и каде што најсовремената технологија доаѓа во игра само кога е потребно. Ентериерите го отсликуваат космополитскиот дух и начин на размислување што создава современо и софистицирано опкружување со единствен карактер. Верзијата GT дополнително го отелотворува урбаниот, минималстички и современиот дух на брендот што треба да им одговара на динамични и љубопитни лица кои обрнуваат внимание на модата, а сепак имаат свој префинет стил, каков всушност е и самиот Grecale.

Карактерот на прво место

Првичните впечатоци едноставно воодушевуваат, а со самото стартување на моторот почнуваат да работат и емоциите. Да нагласиме, оваа работна единица претпоставува основна во понудата кај Grecale! Зафатнината од 2 литри испорачува вкупно 300 КС и 450 Нм влечна сила, кои се испраќаат до сите четири тркала преку осумбрзински автоматски менувач произведен од најдобрите (ZF) во индустријата. Како резултат доаѓаат постигнувања со многу респектабилно време од 0-100 км/ч од 5,6 секунди и максимална брзина од 240 км/ч.

Кај возениот Grecale GT бензинецот дополнително е опремен со 48-волтен благ-хибриден систем. Ова вклучува стартер-генератор кој ја полни малата батерија во багажникот, додека складираната енергија му помага на моторот при  оптоварување или обезбедува дополнителна моќ кога е во режимот Sport. Силата на хибридот автоматски се прераспоредува, се со цел да му помогне на агрегатот и ја подобри неговата ефикасност.

Производителот декларира дека Grecale GT ќе согорува  9,2 литри на секои 100 километри, што можеби е остварливо доколку повеќе се внимава. Рално, очекувајте просек од 12,5, а доколку ве „понесе моментот“ потрошувачката оди во зоната од 15 литри. Но, настрана ефикасноста и забрзувањата на права линија, без разлика за која моторизација да станува збор Grecale ја позајмува својата основна архитектура (Giorgio) од Alfa Romeo Stelvio, тоа е добра почетна точка која е филигрански доработена и надградена со што би била соодветна за возачите што бараат возило кое делува агилно и самоуверено во своите можности.

Погонот на четири тркала преферира поголемиот дел од силата да ја испраќа на задната осовина што во комбинација со шасијата додава доза на флуидност во управувањето. Одлично подговената рамнотежа се грижи за прецизното поставување во свиоци не дозволувајќи му на Grecale да се навалува повеќе од дозволеното. Покрај одличната контролира Grecale обезбедува, пристојни ниво на удобност во секојдневно користење и повеќе од прифатлив комфор при повисоки брзини на автопатот. Можеби не е најбрзиот или најудобниот, но чувството зад управувачот кое толку природно го носи со себе е токму она каде што Grecale навистина импресионира.

Речиси се во моделот Grecale GT првенствено е посветенo на функционалноста, а од тука започнува да се надградува со луксуз, спортска динамика и внатрешност што е инспирирана од традицијата кој отвора простор за нови технологии. Ништо не би бил поразличен од конкурентските модели доколку во целиот процес не е додадена силна италијанска емоција која е клучна состојка за создавање на моќниот карактер што го прави навистина посебен на секој начин.

Тест Maserati Grecale GT

Цена на тестираниот модел: 108.600 евра

Технички податоци за Maserati Grecale GT
Мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.995 см3
пречник и од 84,0 x 90,0 мм
степен на компресија 9,5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 300 KС (220,6 kW) при 5.750 min/-1
макс. вртежен момент 450 Нм при 2.000-4.000 min-1
Трансмисија на сите 4 тркала преку 8-степен автоматски менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 255/45 R20 (напред) 295/40 R20 (позади)
Каросерија СУВ со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.846 x 1.948 x 1.670 мм
меѓуоскино растојание 2.901 мм
траги (напред/назад ) 1.621/1.694 мм
Тежина 1.870 кг
максимална тежина /.// кг
Багажник 535 литри
Резервоар 64 литри
максимална брзина 240 км/ч
забрзување 0-100 km/h 5.6 секунди
потрошувачка (просек) 9,2 л/100 км
емисија на CO2 198-209 г/км

Maserati Grecale во Македонија

Maserati Grecale GT 88.000 евра
Maserati Grecale Modena //./// евра
Maserati Grecale Trofeo //./// евра

Повеќе информации во Redrive на тел. 075 244 145 или на www.redrive.mk

Конкуренти:

Mercedes GLC од ? до ? евра
Audi Q5 од 62.577 до 76.724 евра
Jaguar F-Pace од ? до ? евра
BMW X3 од 60.760 до 139.370 евра
Alfa Romeo Stelvio од ? до ? евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button