Тест Mini Cooper C: Духот на Mini во современо издание

Со рафиниран дизајн, футуристичка внатрешност и динамика карактеристична за моделите на Mini што и влијаеше да се воздигне до степен на легенда, Cooper уште еднаш ни покажува дека традицијата и технологијата можат да живеат во совршена хармонија. Тоа е автомобил што на својствен начин ја слави индивидуалноста, стилот и задоволството во возењето.

Постојат автомобили кои се создадени да бидат практични, економични или семејни, а постојат и оние што се предодредени да станат икони. Токму моделот Cooper припаѓа во тоа друштво. Неговиот дизајн, став и чувство зад воланот не се само автомобилско инженерство. Повеќе би рекле дека тоа е карактер, став и начин на живот. Со новата генерација на Cooper, Mini  ја задржува таа суштина, но ја носи во модерното време. Каде автомобилот станува понапреден, порафиниран и посериозен, но не ја губи онаа непогрешлива разиграност што го прави препознатлив каде и да се појави.

Класика со модерна форма

На првата средба со автомобилот е јасно дека станува збор за Mini, пред се затоа што останува верен на својата естетика која патем континуирано еволуира. Формата е веднаш препознатлива, со компактни пропорции, кратки препусти и широк став што му даваат стабилност и динамика дури и кога мирува. Сепак, во новата генерација, дизајнерите тргнале по патот на „експресивен минимализам“. Филозофија која комбинира чисти линии, визуелна едноставност и прецизно нагласени детали.

Предниот дел го дефинираат новите овални ЛЕД светлосни групи, кои добиваат потпис во форма на карактеристичен круг со три графички изрази кои даваат класична, модерна или спортска нота. Тие се опкружени со црна рамка, што визуелно го издолжува предниот дел. Решетката на ладилникот е со зголемени димензии и добива шестоаголен облик што наликува на голема уста. Страничниот профил е чист и елегантен, целосно се исфрлени хромираните елементи што во случајов создава монолитен изглед, а новите 18 инчни алуминиумски тркала со специфичен дизајн додаваат визуелен и модерен впечаток.

Тест Mini Cooper CНа задниот дел дизајнерите повторно си најдоа мотив да си поигруваат со препознатлив елемент, задните светла но овојпат во помодерна, поапстрактна форма. Вратата на багажникот е прочистен, крилестото лого стои гордо на средина, а браникот е визуелно поширок, што создава впечаток на стабилност. Целиот автомобил зрачи со компактна енергија, делува урбано, но и спортски и ретро, а воедно и напредно. На кратко, во нашите очи, марката успеала повторно да го пронајде совршениот баланс помеѓу традицијата и иновацијата, а воедно и да го подигне на повисоко ниво.

Минималистичка револуција

Ако екстериерот ја искажува својата почит кон духот на минатото, ентериерот ја отвора димензијата која го носи Cooper во иднината. Досега ова е најрадикална кабина во историјата на марката, каде фокус е ставен на едноставност, технологија и материјали со пријатен тактилен карактер.

Тест Mini Cooper CВо центарот на вниманието е „кругот“, своевидниот симбол на Mini, кој сега е претворен во 9,4 инчен дисплеј со висока резолуција. Овој екран комбинира инструмент табла, мултимедија, навигација и контроли за климатизација, со интуитивен интерфејс базиран на Mini Operating System 9. Графиката е исклучително чиста, со визуелни теми („Experiences“) кои ја менуваат атмосферата во кабината, преку боите на осветлувањето и звучните ефекти. На пример, во режимот Go Kart, екранот добива црвени акценти и спортски бројачи, додека во Balance преовладува топла амбиентална светлина со смирувачки тонови.

Материјалите се исклучително интересни, особено ова важи за текстилната ткаенина со 3D структура што го покрива горниот дел од вратите и конзолата пред возачот и совозачот. Не се изоставени ниту рециклираните материјали и софистицираните бои кои создаваат модерен, но топол амбиент. Управувачот е со нешто помал дијаметар од вообичаеното што дополнително го засилува спортскиот карактер. Во однос на просторот, Cooper и понатаму останува компактен автомобил, но благодарение на прецизната организација и чистиот дизајн зголемено е чувството на пространост, нешто што ретко се гледа во автомобил со вакви димензии. Просторот на задните седишта е ограничен од габаритете на возилото, но секогаш може да помогне за транспорт на кратка дистанца на 2 дополнителни патници.

Во соооднос на димензиите е и багажниот дел, оваа конфигурација испорачува солидни 210 литри што се сосема доволни за исполнување на секојдневни урбани потреби. Внатрешноста на Cooper е изведена на чист и интелигентен начин кој создава  емотивна врска со возачот и патниците. Нешто, што од секогаш го дефинирало Mini, но сега во рафинирана и дигитализирана форма.

Единица мерка за возачко задовоство

Под поклопецот на Cooper C работи добро познатиот, но усовршен 1.5 литарски трицилиндричен турбо бензинец, кој развива 156 КС и 230 Нм вртежен момент. Овој агрегат, кој патем се вградува и во голем број на модели со знакот на BMW со својата еластичност и непосреден одѕив, му дава на автомобилот карактер што потсетува на класичните модели.

Иако станува збор за основната моторизација, особините како жив, темпераментен и забавен одат под рака со одлично усоглсениот 7 брзински автоматски менувач со двојна спојка. А тоа е видливо преку постигнувањата, за забрзува од 0 до 100 км/ч потребни се 7,7 секунди, со тоа што крајната декларирана брзина изнесува 225 км/ч. Резултати кои за автомобил од оваа класа се и повеќе од респектабилни. На сето тоа ќе придодадеме и дека потрошувачката за време на нашето дружење на кое изминавме речиси 500 километри изнесуваше просечни 7,2 литри.

Автомобилите кои го носат беџот на Mini се познати по својата управливост, а новата генерација на Cooper го потврдува тоа чувство. Подвозјето, со MacPherson предна и мултилинк задна суспензија е подесено прецизно и спортски, но без при тоа да ја жртвува удобност. Во „нормалните“ режими, возењето е целосно опуштено, подвозјето флексибилно, а моторот работи тивко и смирено.  Во спротивно, кога е избран „спортскиот“ мод на работа, управувачот станува потежок, менувачот побрз, а звукот на моторот подлабок. Во тесни и остри свиоци реагира моментално, а управувањето е директно пред се благодарение на одличната комуникација со асфалтот, затоа и при динамично возење автомобилот останува стабилен и лесен за контролирање.

Тест Mini Cooper C

Моделот Cooper слободно може да го сметате како продолжение на возачот кое не е само превозно средство од точка А до точка Б, туку инструмент за возење кој е создаден да предизвика насмевка секогаш кога ќе седнете на возачкото место.

Технички податоци за Mini Cooper C

Цена на тестираниот модел: 43.721 евра

Мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.499 см3
пречник и од 82,0 x 94,6 мм
степен на компресија 11,1:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 156 KС (115 kW) при 4.900 – 6.500 min/-1
макс. вртежен момент 230 Нм при 1.500 – 4.400 min-1
Трансмисија на предните тркала преку 7-степен автоматски менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 215/40 R18 (напред) 215/40 R18 (позади)
Каросерија „хечбек“ со три врати, четири седишта
должина х ширина х висина 3.876 x 1.744 x 1.432 мм
меѓуоскино растојание 2.495 мм
траги (напред/назад) -.—/-.— мм
Тежина 1.260 кг
максимална тежина 1.715 кг
багажен капацитет 210 / 725 литри
Резервоар 44 литри
максимална брзина 225 км/ч
забрзување 0-100 km/h 7.7 секунди
декларирана потрошувачка (отворен пат/град/просек) –, –, 5,7  Л/100 км
емисија на CO2 131 г/км

Mini Cooper во Македонија

Mini Cooper C 33.190 евра
Mini Cooper S 38.540 евра
Mini Cooper JCW 45.490 евра

Повеќе информации во М Кар на тел. (02) 30 96 600 или на www.mini.com.mk

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button