fbpx

Тест Mini Cooper SE: Mini освојува на струја

Првиот Mini излезе од производната линија во 1959 година и веднаш стана сензација. Сега, 60-тина години подоцна го имаме првиот електричен автомобил на Mini што ги отвара вратите кон едно ново поглавје на максимално еколошки прифатливи возила што ќе ја обликуваат иднината на марката

Оригиналниот Mini е роден во време на нафтената криза што започна во 1956 година, кога две третини од нафтата наменета за европските пазари пристигнувала преку Суецкиот канал, но од кога Египет ја презема контролата врз него, снабдувањето на стариот континент станува отежнато. Решението за овој предизвик од страна на автомобилскиот гениј, Алек Исигонис беше достапен компактен автомобил со место за четири патници и исклучителна економија. Првиот Mini излезе од производната линија во 1959 година и веднаш стана сензација. Сега, 60-тина години подоцна го имаме првиот електричен автомобил на Mini што ги отвара вратите кон едно ново поглавје на максимално еколошки прифатливи возила што ќе ја обликуваат иднината на марката.

Имиџ со висок напон

Модел на автомобил кој е препознатлив по својот надворешен дизајн со децении има многу малку опции кога треба да покаже дека иако е ист со останатите од гамата тој е изведба за себе. Во случајот со Cooper SE дизајнерскиот тим тоа го извел на суптилен но воедно и многу умешен начин. Разликите се минимални, решетката на ладилникот е целосно затворена поради изостанокот на мотор со внатрешно согорување, предниот поклопец користи отвор за воздух кој е препознатлив по најжестоките изведби на Mini, но и тука станува збор само за дизајнерски, не и функционален елемент.

На маската е знакот кој го обележува погонот, истите ознаки се поставени и на задниот дел, во двата случаи користена е боја слична на тениските топчиња, како контраст на екстериерот истата е додадена и на поклопците на надворешните ретровизори. Ако не се загледате подетално кога е паркиран Cooper SE многу е веројатно дека нема да знаете дека станува збор за електрична изведба, што сметаме дека е само доказ за сите авто компании дека електричните модели не треба да бидаат изведени со екстравагантни и футуристички облици и може да изгледаат сосема идентично со нивните фосилни опции.

Минимални разлики за дополнително уживање

Идентичен пристап е употребен и во внатрешниот простор, ако сте биле еднаш во кабината на Mini тогаш сè ви јасно. Разликите се минимални и се сведени на имплеметација на прекинувач за изборот на режим на работа и прекинувачот за регулирање на регенерација на енергија. Единствената голема промена е инструмент таблата пред возачот, таа сега е комплетно дигитална и со изглед кој асоцира на модерен смартфон. Покрај основните функции на неа се прикажуваат и силата со која се притиска педалот за забрзување, количината на енергијата на батеријата и режимот на работа. Материјалите низ внатрешноста се на високо ниво и влеваат впечаток дека се тука да траат.

Кај секој градски автомобил прашањето на простор е од исклучителна важност, Cooper SE не е исклучок по тоа прашање. Просторот на предните седишта е максимален во секој поглед, сликата се менува на задниот дел, пристапот на двете задни седишта бара малку гимнастика за да се стигне до нив. Кога ќе се сместите во нив очигледно е дека тие не се предвидени за возрасни лица кои би се возеле подолг период. Багажниот простор е со волумен од 211 литри што е сосема доволно за неколку ќеси од локалниот супер маркет или за багаж потребен за викенд патување.

Моќен и економичен

Моделот Mini Cooper SE го поседува проверениот електричен мотор што се вградува и во BMW i3, истиот развива моќност од 184 КС (135kW) и поседува 270 Nm влечна сила. Сепак, Cooper SE е типичен преставник на брендот и силата ја испорачува кон предната оска, наспроти баварскиот роднина кој е со погон на задните тркала. Технологијата на батерискиот систем е исто така модифициран и е изведен во Т форма. Информациите велат дека Cooper SE користи понова CATL батерија, а не батерија на Samsung, таа нуди приближно ист капацитет, но во покомпактно пакување, а од Mini укажуваат дека исто така е помалку склона кон намалување на опсегот кога надворешните температури се ниски. Што значи дека Cooper SE во себе носи пакет на батерии со капацитет од 32,6 kWh од кои 28,9 kWh се на располагање.

Mini SE

На достапните поланчи низ нашата земја со моќност да испорачаат 11 kWh, батеријата се полни во целост за нешто повеќе од 3 часа и тоа сосема „free of charge“ (барем засега) или за околу 12 часа на стандарден домашен приклучок. Производителот вели дека со полна батерија радиусот на движење е некаде помеѓу 225 и 235 километри, нашето искуство вели дека нејзиниот капацитет ни овозможи возење малку под 200 километри. Ако пресметате излегува дека за само 2 евра ќе се возите повеќе од 200 километри!

Забава во секој момент

Бидејќи Mini во името користи додавка од типот Cooper S станува јасно дека сака да асоцира на познатите спортски изведби. Постојат неколку елементи што го поврзуваат со моделот кој е погонуван од фосилно гориво, а некои од најважните се количината на моќ со која што располага и секако, начинот на кој се управува.

Овој електричен Mini вози токму онака како што го замислувате, управувачот е прилично директен, а суспензијата е подесена на потврдата страна, но не до степен да биде неудобна, токму онака како не би преставувало проблем за секојдневна употреба во градскиот сообраќај.

Карактерот на овој автомобил може да се менува во зависност од потребата, а за тоа се задолжени 4 режими на работа. Најекономичниот е Green+ кој овозможува најголема искористивост на батеријата во поглед на автономија. Следува Green можноста која малку попушта во однос на перформансите. Во Mid опцијата автомобилот балансира со испораката на сила и опсегот на движење, додека во Sport режимот на располагање е целиот арсенал на моќ, претворајќи се во тркачки картинг, белег кој е својствен за Mini. Во овој случај безмилосно ги добива и далеку помоќните автомобили во надмудрувањата од семафор до семафор. Фактот е поткрепен со перформанси кои велат дека забрзувањата до 100 км/ч треа 7,3 секунди, но поради моменталната испорака на моќ од ниски 100 врт/мин. делува далеку повозбудливо.

Mini SE

Прецизна потрошувачка

Поради погонот кој го користи максималната брзина е лимитирана на 150 км/ч. Тоа не преставува проблем, бидејќи повеќе од времето електричниот Mini ќе се движи во урбани средини, а во меѓу време не треба да заборавиме дека лимитот на нашите авто патишта е под неговата максимална брзина.
Особено не воодушеви прецизното и одмерено евидентирање на потрошувачката на батеријата, кое вообичаено кај други ЕВ модели флуктуира со секоја кратка промена на ритамот на возење. Овде тоа беше во целост со извозените километри и нашиот очекуван крај на батеријата.

Минатото ни покажа дека клиентите се подготвени да платат дополнително за имиџот кој во себе го носи Mini, а ако сега на тоа го додадеме и електричениот погон тогаш Cooper SE сигурно станува уште по посакувано превозно средство кај урбаните и еколошки настроени индивидуалци.

Цена на тестираниот модел: 33.360 евра

Технички податоци за Mini Cooper SE:
мотор електричен
капацитет на батерија 32.6 kWh
максимална моќ 184 KС (135 kW)
макс. вртежен момент 270 Nm
трансмисија на предни тркала преку директен менувач
потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад Multi link, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред дискови назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 195/55 R16 (напред) 195/55 R16 (позади)
каросерија хечбек со три врати, четири седишта
должина х ширина х висина 3.850 x 1.727 x 1.414 мм
меѓуоскино растојание 2.495 мм
траги (напред/назад) 1.485/1.485 мм
тежина 1.365 кг
максимална тежина 1.770 кг
багажен капацитет 211 литри
максимална брзина 150 км/ч
забрзување 0-100 km/h 7.3 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 225-235 км
емисија на CO2 0 г/км
Mini Cooper SE во Македонија:
Mini Cooper SE 33.360 евра
Конкуренти:
Opel e-Corsa од 29.990 до 34.990 евра
Peugeot e-208 од 32.520 до 37.340 евра
Volkswagen e-UP од 25.000 до 28.000 евра

 

Повеќе информации на официјалниот сајт на Mini во Македонија или на тел. (02) 30 96 600.

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button