Тест Opel Insignia Grand Sport: Ненаметлив спортист
Компанијата Opel во својата долга историја има обемно портфолио на седани кои се карактеризираат со перформанси што го истакнуваа спортскиот карактерот на марката од Руселсхајм. Во последната интерпретација на моделот Insignia, Opel ја задржува традицијата, а перформансниот дериват ја носи ознаката GSi зад која работи дволитарски турбо бензински двигател и погон на сите тркала
Во време кога сите производители се движат кон некаков вид на електрифицирање на своите модели, особено оние кои се со повисоки перформанси, Opel оди во спротивен правец и својот најмоќен седан модел го нуди во изведба која се држи до стариот проверен рецепт.
Помалку е повеќе
Моделот Insignia започнува со тоа што изгледа одлично дури и во стандардната изведба. Оваа интерпретација на Insignia е навистина убав автомобил. Тоа особено се однесува на GSi изведбата каде на површина испливуваат сите естетски и технички унапредувања. Предниот дел се наоѓа блиску до патот. Спортски изведениот преден браник на крајните точки поседува големи отвори поставени во метални рамки кои како да го насочуваат фокусот кон блескавите тенки LED светлосни групи. Страничната силуета делува затегнато како стрела подготвена за лансирање. А, задниот крај без проблем го следи зададениот правец што го наметнува дизајнот. Тука погледот највеќе го привлекува акцентираниот дел од завршетоците на издувниот систем. Како дополнување, целиот автомобил е поставен за 10 мм пониско, а кон целината се приклучуваат и 20 инчните машински обработени бандажи зад кои демнат огромни сопирачки со дијаметар од 345 мм.
Затоа може слободно да потврдиме, Opel Insignia Grand Sport GSi е жив доказ дека и спортската лимузина може да изгледа софистицирано. Без притоа да се претера во (пре)нагласувањето на спортските аспирации што денес е чест случај во индустријата. Принципот „помалку е повеќе“ што е користен од страна на дизајнерите во Opel само покажува дека до посакуваниот ефект може да се стигне и по друг пат.
Спортски и практично
Дигитализцијата на кабинскиот простор е во својот зенит, производителите ги префрлаат сите можни функции на големи екрани кои се командуваат со допир или преку гласовни команди, приказите пред возачот се речиси редовно испишани на некаков вид на дисплеј, никој од нив не вели дека тоа е пофункционално, туку едноставно е трендовски-модерно и секако поефтино. Компанијата Opel во овој модел успеа да задржи дел од традиционалното и одлично да го вклопи со новите дигитални технологии.
Затоа сме исклучително благодарни за сите копчиња на централната конзола кои ја контролираат климата, се радуваме на инструментите пред возачот кои иако се делумно дигитални на половина се пресечени со класични мерни уреди со вистински стрелки! Длабоко веруваме дека ќе дојде време кога производителите дополнително ќе ни наплатуваат доколку сакаме да исчитуваме податоците од аналогни инструменти…
Удобност со спортски дух
Атрактивната надворешност на GSi се пренесува во внатрешноста преку истакнатите едноделни спортски седишта (Performance Seat) кои покрај доброто држење на телото со гордост го носат и ортопедскиот AGR сертификат. Искрено, ако не мораме никогаш повеќе не би седнале на други седишта. Покрај врвната удобност и изобилството на простор кабината е изведена со доста фини материјали кои се меки на допир онаму каде што најчесто се движи раката, забележливи се и дискретни спортски декорации кои го подигаат нивото на уживање при секојдневниот престој во амбиентот.
Делот предвиден за патниците на задната клупа е повеќе од доволен. Благодарејќи на меѓуоскиното растојание од 2.829 мм и покрупните лица ќе немаат никаков проблем и кога се патува на подолги релации. Бидејќи станува збор за автомобил со класичен изглед на седан, но со врата на багажникот која се отвора целосно заедно со задниот ветробран доаѓа до израз и практичниот елемент и лесната пристапност до волуменот од речиси 500 литри колку што изнесува неговата зафатнина во конфигурација кога задната клупа е во функција и габарит од 1.500 литри кога истата е соборена.
Совршена комбинација
Дволитарскиот турбо бензинец припадник на Euro 6d стандардот е задолжен за производство на насмевки. Тоа го прави преку 230 КС што се на располагање во целост при максимални 5.000 врт/мин., а во исто време ја распоредува силата праволиниски и линеарно. Забележаните перформанси велат дека за стигнување од 0-100 км/ч се потребни 7,4 секунди. Стрелката на брзиномерот, пак, своето патување го завршува во близина на ознаката каде што пишува 240 км/ч.
Автоматскиот менувач кој е единствена опција кај GSi располага со 9 степени на пренос и овозможува работа во неколку режими (tour, normal, sport), како и мануелно менување на степените преку лопатките поставени на задната страна од управувачот. Голема улога во целиот процес играат и 350 Nm кои се достапни при само 1.500 вртежи. Тоа му овозможува на овој преку 1,6 тони тежок автомобил силно да повлече во секој момент. За време на неколкудневното дружење трошевме во просек окулу 10 литри гориво, што и не би го сметале за голема количина ако се земе во предвид дека забавата инстантно започнува со придвижување на десното стопало.
Динамика во согласност со перформансите
Шасијата е исклучително динамична, одговара позитивно на остри реакции што прави овој голем автомобил да се чувствува многу полесен отколку што е. Векторската распределба на вртежниот момент на задната оска јасно прави чуда. Филтрирањето на нерамнините на патот е нереално добро изведено, благодарение на магнетните адаптивни амортизери „FlexRide“. Сето ова е особено важно ако се земе во предвид дека оваа Opel Insignia GSi стои на големи бандажи со нископрофилни пневматици и има спортско ориентирано подвозје. Дури и на влажен асфалт, GSi покажува чувство на исклучително мирна контрола. Несомнено, ефектот на погонот на сите четири тркала и дистрибуцијата на вртежниот момент помагаат автомобилот секогаш да се движи во правецот во кој е насочен.
Моделот Opel Insignia GSi има многу потенцијал и е навистина одличен автомобил. Инженерите задолжени за суспензија одлично ја завршиле својата работата. Нивото на практичност е исклучително високо, а во исто време автомобилот е забавен и предизвикувачки секој пат кога ќе се седне зад управувачот… Веројатно, најдобриот Opel што сме го возеле досега.
Цена на тестираниот модел: 48.700 евра
Технички спецификации за Opel Insignia Grand Sport GSi 4×4 Elegance AT9
Мотор | Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.998 cm3 |
пречник и од | 83,0 x 90,2 mm |
степен на компресија | 10.0:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 230 KС (169 kW) при 5.000 min/-1 |
макс. вртежен момент | 350 Nm при 1.500-4.000 min-1 |
Трансмисија | на сите тркала преку 9 степен автоматски менувач |
Потпирање | напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред самовентилирачки дискови назад вентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 245/35 R20 (напред) 245/35 R20 (позади) |
Каросерија | Седан со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.897 x 2.093 x 1.455 mm |
меѓуоскино растојание | 2.829 mm |
траги (напред/назад ) | 1.607/1.610 mm |
Тежина | 1.625 kg |
максимална тежина | 2.290 kg |
Багажник | 490/1.450 литри |
Резервоар | 62 литри |
максимална брзина | 237 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 7,4 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 5.8/9.1/8,6 l/100 km |
емисија на CO2 | 145 g/km |
Повеќе информации кај овластениот дилер Аутомакедонија или на официјалниот
сајт на Opel во Македонија
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.