fbpx

Тест Peugeot 3008 GT: Трансформација на формата и содржината

Претходната генерација на моделот 3008 беше лансирана во 2016 година и преставуваше брилијантен пример за успешно СУВ возило. Пратејќи ги новите трендови Peugeot за третата генерација одлучи во целост да го трансформира обликот, но и начинот на кој ќе биде придвижуван новиот 3008. Новата формула вели дека електрификацијата е во прв план, а надворешниот изглед треба да се води по се популарниот (кај СУВ возилата) купе дизајн.

Полн погодок

Големата промена за целосно новиот Peugeot 3008 е тоа што од сега тој настапува како купе-СУВ возило, менувајќи го комплетно концептот на  предходната генерација кој беше потрадиционален компактен кросовер со класичен завршеток на каросеријата и исправена врата на багажниот дел. Заоблената форма на покривот на 3008 не е избрана само поради естетската вредност, самиот профил сега промовира и подобра аеродинамика. Авангардната француска школа на креирање е високо ценета во светот, што значи дека ако ја изберете оваа генерација на 3008, тоа првенствено ќе биде засновано на тоа како возилото изгледа однадвор.

Многумина сметаат дека купе каросерија не треба да се меша во СУВ сегментот. Сепак, 3008 е тука и ги побива во самиот старт, бидејќи стилистите на Peugeot во тесна соработка со инжињерскиот тим прават одличен потег што да ја одржува практичноста без да се наштети на привлечноста. Сплетот на острите линии кои започнуваат на предниот дел преставени преку ултра тенките светлосни групи, продолжува во елегантно стилизирање на профилот во купе форма, линии кои што кон крајот на каросеријата се претопуваат во препознатливиот тенок 3D панел на задните светла и необичниот „лебдечки“ заден спојлер кој на надворешните точки наликува на „мачкини уши“.

Панорамска интерпретација

Со новиот 3008 францизите потврдуваат дека немаат намера да се откаже од својот необичен пристап за дизајнирање на контролната табла наречена „i-Cockpit“, според нас воопшто и не треба да размислува за такво нешто, бидејќи и онака поседуваа повеќе од солидна основа. На новоразвиената „панорамска“ интерпретација сега се изгледа далеку попривлечно, а воедно и делува многу функционално. Еволуцијата носи интеграција на заоблен екран од 21 инчи кој служи како конфигурабилен дисплеј за примарните функции пред возачот, а втората половина е екран задолжен за инфозабава. Монтиран е така што навидум излгеда како да лебди протегајќи се од централната конзола до А столбот од  возачката страна.

Како што Peugeot не навикна од предходно, под него е поставен уште еден екран кој има така наречени „i-Toggle“ виртуелни копчиња на кои може да се конфигурираат за брз пристап до десет омилени фунциии. Сето тоа оддава чувство на висока софистицираност во кабинскиот простор, особено кога предниот дел од кокпитот е обвиткан во фин сив текстил, а позадинското осветлување ја истакнува структурата на конкавно изведените панели кои личат како метални структури. Целата престава доаѓа до полн израз во вечерните часови кога едноставно делува спектакуларно.

Што се однесува до задните седишта, слегувачката линијата на покривот не треба воопшто да ве загрижува и кога превезувате повисоки патници. Простор има во сите правци, поради зголемувањето на должината на меѓуоскиното растојание за 64 мм нема да се пожалат и оние со подолги нозе. Дека станува збор за практично семејно возило дополнително не уверува багажниот простор кој со волумен од стандардни 520 литри е подготвен да го транспортира целиот багаж на семејството, доколку има потреба габаритот може да се прошири до 1.480 литри во случај кога е соборена задната клупа.

Тест Peugeot 3008

Хибрид како основа

Двигателите кај новата генерација на моделот 3008 се насочени кон електрификацијата, некои од нив се делумно, а дури три изведби се целосно електрично придвижувани. Во нашиот случај се дружиме со благата хибридна опција која преставува основа во моторната понуда и според нас ќе биде најчестиот избор на купувачите не само на нашиот туку и на повеќето европски пазари. За оние кои претпочитаат да не зависат во целост од електричната енергија, а во исто време посакуваат повисока моќност, наскоро опсегот ќе биде дополнет со „плаг-ин“ хибридни опции која ќе испорачува 195 КС, што би требало да ги долови најдобрите особини од двата света.

Примарната улога за задвижување кај тестираниот примерок му беше одстапена на трицилиндарскиот бензинец опремен со турбо полнач кој од 1.2 литарска зафатнина развива 136 КС при 5.500 врт/мин, а максималениот вртежен момент од 230 Нм го ослободува од ниски 1.750 врт/мин. Како дополнување на агрегатот со внатрешно согорување развиен е нов 6 степен автоматски менувач со двојна спојка во кој е интегриран мал електромотор што располага со моќ од 21 КС, а енергијата ја црпи од мала 0,89 kWh батерија. Иако е способен да ја го движи возилото самостојно на кратка дистанца, неговата примарна улога е да го помогне стартот на движењето, благодарение на инстантната испорака на влечната сила од 51 Нм веќе од 750 врт/мин. Во текот на возењето додава моќ кога e потребно подобро забрзување или едноставно да ја одржува (coasting) зададената патна брзина. Системот обезбедува сосема солидни перформанси за возило чија тежина преминува 1.600 килограми.

Забрзувањето до 100 км/ч трае нешто повеќе од 10 секунди, а воедно може да го однесе 3008 до максималани 201 км/ч. Кога станува збор за потрошувачката, таа во просек се движи во зоната од 8 до 8,5 л/100 км во зависност од начинот на возење. Можеби на прва изгледа дека оваа работна едниница делува мала или недоволно моќна за типот на возилото во кое е вградена, но во секојдневно користење е сосема спротивно. На скептичните возачи им препорачуваме прво да го испробаат возилото, па потоа да носат заклучоци.

За моделот 3008 може да кажеме дека е подготвен да ве однесе секаде, но претпочита тоа да биде со посмирено темпо што е логички наметнато од семејната ориентираност на возилото. Сетирање на суспензијата е повеќе наклонето кон удобноста, што не значи дека не може да се справи со поостар начин на возење. но сепак тоа не е неговото „форте“. Комфорот не е нарушен ниту од големите 19 инчни тркала. Управливоста во град е на завидно ниво, а рафинираноста која ја презентира на отворен пат го сместува високо во сегментот.

Возениот примерок на  3008 е вистинско олицетворение во кој правец се движи не само марката туку и целата автомобилската индустрија. Класичните мотори со внатрешно согорување полека, но сигурно се заменуваат со разни изведби што користат хибридни технологии се до нивното потполно исчезнување и стартувањето на целосната електрична ера. Од друга страна, напредокот преку технологијата користена во градењето на кабината прави удобноста да оди на сосема друго, далеку повисоко ниво кое до пред само 10-на години беше едноставно незамисливо.

Тест Peugeot 3008

Технички податоци за Peugeot 3008 GT 1.2 Mild Hybrid 136HP

Цена на тестираниот модел: 44.000 евра

мотор Euro VI, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 см3
пречник и од 75,0 x 90,5 мм
степен на компресија 10,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. моќ на електромотор
136 KС (100 kW) при 5.500 min/-1
21 КС (15,6 KW) при 4.264 min/-1
Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/
Mакс. вртежен момент на електромотор
230 Нм при 1.750 min/-1205 Nm/
51 НМ помеѓу 750 и 2.499 min/-1
трансмисија на предни тркала преку 6-степен автоматски менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад независна оска, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 225/55 R19 (напред) 225/55 R19 (позади)
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.542 x 1.895 x 1.641 мм
меѓуоскино растојание 2.739 мм
траги (напред/назад) 1.630/1.636 мм
тежина 1.573 кг
максимална тежина 2.080 кг
багажен капацитет 520/1.480 литри
резервоар 55 литри
максимална брзина 201 км/ч
забрзување 0-100 km/h 10.2 секунди
просечна потрошувачка на хибриден систем 5,6 л/100 км
емисија на CO2 124 г/км

Peugeot 3008 во Македонија

Peugeot 3008 Allure Mild Hybrid 136 EAT6 35.780 евра
Peugeot 3008 GT Mild Hybrid 136 EAT6 40.400 евра

Повеќе информации во Еуроимпекс на тел. (02) 311 20 000 или на www.peugeot.mk 

Конкуренти:

Renault Austral од 34.540 до 53.540 евра
Ford Kuga од 32.900 до 54.990 еврa
Hyundai Tucson од 32.200 до 50.500 еврa
Toyota Corolla Cross од 34.990 до 44.490 еврa

Поврзани вести

Back to top button