fbpx

Тест Peugeot 408: Облик кој му пркоси на конвенционалното

Моделот 408 е одговорот на компанијата Peugeot на прашањето како треба да изгледа стилски семеен автомобил кој во исто време треба да биде преставителен како седан автомобил, поставен повисоко како SUV возило и практичен како хечбек модел.

Тест Peugeot 408

Идејата за поместување на границите меѓу класите не е ништо ново во автомобилскиот свет, во последните декада и половина го паметиме овој феномен по некои модели на BMW што создадоа своевидна револуција и ја променија перцепцијата. Потег, што потикна голем број брендови да го следат трендот наметнат од германците. Во процесот од сега се вклучува и Peugeot, кој создаде нов семеен автомобил означен со бројот 408, позициониран на средината помеѓу класичниот семеен SUV 3008 и хечбек моделот 308. Тоа што го издвојува од сите слични преставници е пристапот во дизајнот на кој што е додадена препознатлива лавовска линија на поимот „Fastback“.

Уникатен од секој агол

Марката Peugeot на својот визуелен идентитет работи напорно речиси цела декада, во тој период изгради солидна репутација кога станува збор за стилот на автомобилите кои излегуваат од нивната производна лента. Усовршувањето на дизајнерскиот јазик е видлив и кај новиот Peugeot 408, за кого е креиран посебно впечатлива надворешност. Комплетно стилизиран со екстровертни, остри аголни линии и набори обезбедува максимално присуство на улица.

Обликот на „намрштените“ предни светла и светлосниот потпис на дневните светла оддават впечаток кој сака да покаже дека ова е лавот што господари со асфалтот. Покрај тоа што поседува „фенси“ изглед, го задржува и практичниот дел што се забележува преку традиционалната пета врата за пристап до багажниот простор. Одзади, каде што C-столбот се среќава со подигнатиот појас се истакнува атлетскиот дел од ставата. Маркантниот заден дел го заокружуваат светлосните групи со три леќи, реинтерпретирани во стилот на лавовски канџи. Профилната слика во суштина ги открива вистинските пропорции и должината на возилото, а самите страни откриваат голем број комплексни линии кои создаваат исклучителна добро компонирана целина.

Импресивна завршна обработка

Она што најмногу импресионира во кабината на 408 е квалитетот и начинот на завршната обработка. Во Peugeot се погрижиле сите материјали вградени да се чувствуваат барем за една скала повисок и максимално робусно. На предниот дел комоцијата е максимална, за што заслуга имаат AGR седиштата чија дополнителна одлика е и одличната потпора. Самата должина на моделот 408 (подолг од актуелниот  5008 со 7 седишта) значи дека има многу простор за нозете на задниот дел, слегувачката силуета на покривот делумно го компромитира просторот за главата на патниците од задната клупа, но во пракса тоа важи само за патниците со натпросечна висина. Багажниот дел е импресивен, со огромен капацитет од речиси 540 литри, правилен облик и лесен пристап преку 5-та врата, транспортниот дел не остава место за замерка ниту од практичната, ниту од страна на сопругата :).

Дизајнот на кабината и распоредот на инструментите во 408 не е многу различен од оној на моделот 308, доминантна улога играат острите линии и прекршувањата на фронталниот дел. Контролната табла е повеќе или помалку идентична. Интеграцијата на i-Cockpit со 3D технологија овозможува детален графички приказ  и на возачот му дозволува своевиден избор на информации. Во продолжение е сместен 10 инчен дисплеј задолжен за инфозабава што изгледа одлично и е поддржан од секундарен i-Toggles панел (екран) чувствителен на допир под него. Тој е поставен под агол за полесна употреба со кратенките за функциите кои ги конфигурирате по сопствена желба. Сепак, управувањето со климатизација се одвива само на допир, за среќа големиот екран ја олеснува нивната контрола.

Тест Peugeot 408

Моменталните трендови во индустријата налагаат целосна дигитализација, иако во намален број, во компанијата се уште не ги заборавиле хардверските прекинувачи, а меѓу нив е и оној за контрола на звукот од мултимедијата. Поврзувањето игра голема улога во секојдневната употреба на едно модерно возило, а Peugeot се погрижи технологијата за интеграција на паметните телефони со Android Auto и Apple CarPlay да доаѓа како стандарден дел од опремата.

Мал агрегат способен за големи нешта

Моторзацијата кај моделот 408 е составена од еден класичен трицилиндричен турбо бензинец и две „плаг-ин“ хибридни опции со 180 КС и 225 КС. Во нашиот случај функцијата на двигател му беше одстапена на трицилиндерскиот бензинец со турбо полнач кој од 1.2 литарска зафатнина развива 130 КС при 5.500 врт/мин и преставува основа во моторната понуда.  Максималениот вртежен момент од 230 Нм го става на располагање од ниски 1.750 врт/мин, за целиот процес да се одвива безпрекорно помага и мазниот Е АТ8 осумстепен менувач кој обезбедува сосема солидни перформанси без при тоа да крева многу врева.

Тест Peugeot 408

За забрзување до 100 км/ч потребни се 10,5 секунди, може да го однесе моделот 408 до максимлани 210 км/ч, а за цело време потрошувачката да не преминува повеќе од 8,5 литри на секои 100 изминати километри. Да, многумина ќе приговорат дека самиот облик и големината на автомобилот бараат нешто помоќно под предниот поклопец, но и во оваа конфигурација постигнувањата се повеќе од доволни за 80% од купувачите. Секој што смета поинаку на располагање му стојат моќните приклучни погонски единици.

Баланс меѓу спорското и удобното

Во секојдневна употреба забележливо е малку потврдото сетирање на суспензијата, но сепак во возењето покажа солидно ниво на удобност, иако 408 „стои“ на големи 19 инчни тркала. Компромисот помеѓу комфорот и спортското управување секогаш бара некакви одстапки, во случајов се делува многу ветувачки. Постигнатата рамнотежа само покажува колку труд е вложено од страна на инжињерскиот тим кој работел на палтформата. Снадлив во секоја ситуација, одговара агилно на предизвиците полни со свијоци, делувајќи повеќе како автомобил отколку како SUV, а на долгите делници се истакнува со комфорот и одличната стабилност при поголеми брзини.

Тест Peugeot 408

Овој модел на Peugeot не е за секого, „хечбекот“ 308 е далеку покомпактен и попрактичен за секојдневна употреба во урбани средини, додека пак SUV преставникот 3008 е идеална опција за цело семејство. Затоа сметаме дека целната група на новиот 408 се смели индивидуалци што го одобруваат неговиот силен и маркантен стилски израз кој воедно ќе им овозможи да се истакнат во секојдневното опкружување.

Технички податоци за Peugeot 408 GT 1.2 PureTech 130HP

Цена на тестираниот модел: 44.800 евра

Мотор Euro VI, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 см3
пречник и од 75,0 x 90,5 мм
степен на компресија 10,5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 130 KС (96 kW) при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 230 Нм при 1.750 min/-1
Трансмисија на предни тркала преку 8-степен автоматски менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 205/55 R19 (напред) 205/55 R19 (позади)
Каросерија Crossover со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.687 x 1.848 x 1.487 мм
меѓуоскино растојание 2.787 мм
траги (напред/назад ) 1.589/1.604 мм
Тежина 1.393 кг
максимална тежина 1.950 кг
Багажник 536/1611 литри
Резервоар 53 литри
максимална брзина 210 км/ч
забрзување 0-100 km/h 10.4 секунди
потрошувачка (просек) 6,1 л/100 км
емисија на CO2 136 г/км

Peugeot 408 во Македонија:

Peugeot 408 Allure PureTech 130 EAT8 35.190 евра
Peugeot 408 Allure Plug-in Hybrid 180 51.600 евра
Peugeot 408 Allure Pack PureTech 130 EAT8 37.250 евра
Peugeot 408 Allure Pack Plug-in Hybrid 180 52.860 евра
Peugeot 408 Allure Pack Plug-in Hybrid 225 55.790 ерра
Peugeot 408 GT PureTech 130 EAT8 40.450 евра
Peugeot 408 GT Plug-in Hybrid 180 56.680 евра
Peugeot 408 GT Plug-in Hybrid 225 59.360 евра

Повеќе информации во Еуроимпекс на тел. (02) 311 20 000 или на www.peugeot.mk 

Конкуренти:

Renault Megane Conquest од 38.600 до 45.400 евра
Citroen C5X од 35.990 до 54.990 еврa
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button