fbpx

Тест Peugeot 508: Редефинирање на поредокот

Втората генерација на француски знаменосец претставува сосема ново возило, кое всушност е олицетворение на една нова визија која го менува правецот на движење на брендот

Peugeot со моделот 508 излегува од стандардните рамки, не сакајќи повеќе да креира уште една обична и секојдневна лимузина, туку привлечен автомобил со купе форма кој е способно да обезбеди комфор како традиционален седан, атрибути кои му донесоа титула за дизајн во Европа, Автомобил на Годината во Србија и титула Автомобил на годината за Вистинскиот Маж во Македонија.

Автомобилите од средната класа на европскиот пазар во последните неколку години ја губат својата популарност, а нивното место го заземаат различни SUV и кросовер модели. Продажбата во D сегментот е во постојано опаѓање, од таа причина некои производители се откажуваат од своите претставници во оваа класа, а други се обидуваат да го направат тоа на свој начин.

Токму тоа е случај и со новиот Peugeot 508. Француските производители на автомобили се познати по нивните сеопфатни меѓугенерациски промени, затоа новиот 508 повеќе не е класичен седан, туку купе со 5 врати и ниска силуета.

Бескомпромисна естетика

Во споредба со претходнaта генерација која беше инспирирана од конзервативните претставници на германските брендови, сега Peugeot јасно покажува дека играат на картата која го преферира францускиот шарм.

Невозможно е да го одминете Peugeot 508 а да не го забележите неговиот облик кој се издвојува од секојдневноста што се почесто ја сретнуваме во автомобилската индустрија. Со својот елегантен, софистициран и атлетски стил на каросеријата веднаш дава на знаење дека фокусот е ставен на создавање автомобил со оптимални пропорции.

Peugeot 508

Новиот Peugeot 508 е инспириран од купе, но ги поседува сите карактеристики на лимузина. Предниот дел со нетипичната решетка на ладилникот и обликот на светлосните склопови е дизајниран со цел да биде маркантен и веднаш забележан. Вратите без рамка со својата елеганција ги надополнува совршено чистите линии што на силуетата и овозможува бескомпромисна естетика.

Компактниот заден дел е нагласен со крила со големи димензии, а на цврстата мускулатура на новиот 508 со доминантна улога се надоврзува хоризонтално поставената сјајна црна лента која го нагласува тродимензионалниот ефект на задните светла со тројна канџа. Светла со оригинален светлосен ефект кога се заклучува и отклучува автомобилот.

Неконвенционален изглед како заштитен знак

Како соодветно надополнување на екстериерот доаѓа кабинскиот простор низ кој се протегаат несекојдневни линии својствени за француската школа на градење. Малиот управувач со неконвенционален облик веќе станува заштитен знак за речиси сите возила на Peugeot, а тука е вкомпониран во својот можеби најспортски облик.

Присуство во внатрешноста на автомобилот забележуваат и познатите „типки на пијано“, прекинувачи кои гарантираат брз и лесен пристап до дел од секундарните подсистеми, како аудио системот, климатизацијата, навигацијата, мобилни апликации, а пред возачот е интегриран i-Cockpit од последната генерација, со 10-инчен HD екран со различни режими на работа.

Peugeot 508

Просторот на предните седишта е повеќе од доволен, но спортскиот изглед и намалената висина на каросеријата не влијаат врз внатрешната, тоа се забележува во пределот на задната клупа каде што данокот го плаќа ограничениот простор, сепак удобноста за двата патника на задниот дел суштински воопшто не е нарушена.

Иако, однадвор не делува така, просторот за одлагање на багаж е со пропорционален облик, пристапот е преку петта врата, а неговиот капацитет од 487 литри е повеќе од доволен за потребите на 4 члено семејство. Доколку е потребно да се пренесат подолги предменти, со соборување на задната клупа се добива волумен од 1.537 литри.

Пакет кој гарантира забава и економичност

Агрегатот кој го поседуваше тестниот примерок под предниот поклопец доаѓа од познатото HDi семејство на Peugeot. Неговата зафатнина од два литри и моќ од 160 КС се наметнува како идеалната мерка за моделот 508.

Агилноста на дизел моторот потпомогнат од автоматска 8 степена трансмисија гарантираат добитна комбинација. Коњските сили се занемарливи доколку моторот не може да испорача доволно влечна сила, затоа во Peugeot се погрижиле нивниот дволитарец да поседува респектабилни 400 Nm кои се на располагање веќе од 2.000 врт/мин.

Забрзувањата и меѓузабрзувањата во сите степени на пренос се одвиваат со соодветна брзина. Peugeot 508 2.0 HDi не е „тркач“ но со своите перформанси може да се пофали дека е еден од подинамичните примероци во класата.

Peugeot 508

Стрелката за мерење на брзината да стигне до 100 км/ч потребни и се 8,4 секунди, додека нејзиното патување по брзиномерот завршува на максималните 230 км/ч, наведените перформанси се повеќе од доволни за поголемиот број корисници.

Надалеку е познато дека моторите со HDi ознака не се од групата на „трошаџии“, тоа се докажа и во овој случај. За време на неколкудневното дружење со 508 забележавме просек од 7,8 литри на 100 изминати километри. Искрено, не бевме претерано нежни со педалот за забрзување, што од друга страна ветува дека во секојдневни услови автомобилот може да биде поекономичен за најмалку еден литар на секои 100 километри.

За Управувањето на Peugeot 508 се задолжени четири режими на возење: eco, sport, comfort и normal кои суштински го менуваат карактерот и однесувањето на автомобилот. Прецизен и со извонредно држење на патот, новиот 508 е префинета и изненадувачки спортска алтернатива која на возачот му овозможува поголема слобода на движење и ја враќа возбудата при патување.која неговиот предходник не беше во можност да ја понуди.

Со најновиот производ Peugeot сериозно атакува на конкурентите кои до појавувањето на втората генерација на 508 беа поставени на повисоко скалило. Несекојдневниот и атрактивен дизајн, квалитетната изработка, комфорот и атрибутите на докажаниот агрегат се доволен број причини што ќе им зададат главоболка на производителите кои сметаа дека нивните автомобили се над сите останати.

Технички податоци за Peugeot 508 Allure 2.0 Blue HDi S&S EAT8  
мотор Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1 .997 см3
пречник и од 84,0 x 90,0 мм
степен на компресија 16,0:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 160 KС (120 kW) при 3.750 min/-1
макс. вртежен момент 400 Nm при 2.000 min-1
трансмисија на предните тркала преку 8-степен автоматски менувач
потпирање напред Мекферсон систем за потпирање, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 215/55 R17 (напред) 215/55 R17 (позади)
каросерија седан со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.750 x 1.859 x 1.403 мм
меѓуоскино растојание 2.793 мм
траги (напред/назад) 1.601/1.597 мм
тежина 1.530 кг
максимална тежина 2.125 кг
багажник 487 литри
резервоар 55 литри
максимална брзина 230 км/ч
забрзување 0-100 km/h 8,4 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 3,8/5,5/4,5 л/100 км
емисија на CO2 118 г/км
Цена во евра 44.230 евра

Peugeot 508 во Македонија

Peugeot 508 Active 1.5 Blue HDi S&S 130 КС 33.620 евра
Peugeot 508 Active 1.6 Pure Tech S&S EAT8 180 КС 36.170 евра
Peugeot 508 Allure 1.5 BlueHDi S&S EAT8 130 КС 38.160 евра
Peugeot 508 Allure 2.0 BlueHDi S&S EAT8 177 КС 41.830 евра
Peugeot 508 GT Line 1.6 Pure Tech S&S EAT8 180 КС 42.240 евра
Peugeot 508 GT Line 2.0 BlueHDi S&S EAT8 160 КС 43.030 евра
Peugeot 508 GT 2.0 BlueHDi S&S EAT8 177 КС 48.250 евра
Peugeot 508 GT 1.6 Pure Tech S&S EAT8 225 КС 49.510 евра

Повеќе информации во Еуроимпекс или на тел. (02) 3111 000

Конкуренти:
Аudi A5 Sportback oд 46.668 до 74.472 евра
VW Arteon oд 38.343 до 59.030 евра

Поврзани вести

Back to top button