Тест Peugeot e-208: Мачка на струја
Одлуката електричните модели да не се разликуваат од остатокот на изведбите е правецот по кој одлучи да се движи Peugeot. Тивок и подготвен секогаш да реагира, со автономија која надминува 300 километри со едно полнење, е-208 се наметнува како идеален избор во класата на градски автомобили
Дизајнот кој победува не се менува
Првата прилика кога се сретнавме со Peugeot 208 истакнавме дека пред нас во моментов е најдобро дизајнираниот автомобил во класата(што го потврди и Европското Жири за Автомобил на Годината). Во случајов добрата страна е што за разлика од повеќето автопроизводители, францускиот бренд одбра различен пристап кога станува збор за дизајнот на елекрифицираните модели. Имено, наместо да создаде потполно нов производ кој нема допирна точка со гамата, Peugeot одлучи електричните модели да поседуваат идентични линии како и изведбите со бензински и дизел агрегати. Со овој потег тие сакаат да покажат дека овие изведби не треба да отскокнуваат и гласно да се истакнуваат во сообраќајот дека станува збор за автомобил кој е е погонуван од електрична енергија, напротив, тие треба да бидат сосема идентични на „мејнстрим“ изведбите.
За да се минимизираат шокот на потенцијалните купувачи разликите сè се сведуваат на сјајните обраби над отворите на тркалата, „е“ значките поставени во С столбовите, предната решетка е во бојата на каросеријата, а препознатливото лого со лав ја менува бојата во зависност од светлината што паѓа на него. Во пракса се покажа дека ретко кој на прв поглед би можел да каже дека станува збор за возило кое не користи фосилно гориво. Како и на надворешноста, Peugeot нема потреба да ги менува работите и во кабинскиот простор, впрочем тука дигитализацијата е присутна во сите моделски изведби. Просторот кој е на располагање во внатрешноста е идентичен, дури и транспортниот дел е со габарити од 311 литри што е еднаков како и кај „обичната“ 208-ца.
Одлично изведена платформа
Моделот е-208 уште од самиот почеток е дизајниран да биде електрифициран, па така како резултат се добива целосно пакување сместено на CMP (Compact Modular Platform) која е внимателно осмислена како во себе би можела да имплементира електричен мотор и голем сет од батерии без да има потреба од дополнителни инжињерски интервенции. Пакетот со литиум јонски акумулатори се сместени во подот на автомобилот во ‘H’ распоред, 18-те ќелии се лоцирани под предните и задните седишта и нудат бруто капацитет на складирање од 50 kWh. Севкупно, во просек батериите додаваат дополнителни 300 килограми на електричната верзија во споредба со класичните изведби, но инжињерскиот тим направил напори дополнителната маса да биде лоцирана што е можно пониско и да се задржи во рамките на меѓуоскиното растојание.
Во согласност со оригиналната филозофија на дизајнирање, механичките модификации се ограничени, при што најголема промена се однесува на задна оска која е поширика за 12 мм поради сместување на задните батериски ќелии. За погонот на предните тркала кај Peugeot е-208 е задолжен синхрон електричен мотор со постојан магнет од 100 kW (136 КС), што го прави овој модел најмоќен од сите верзии на 208 засега, со многу здрав вртежен момент од 260 Nm достапен од нула вртежи. Aвтомобилот има три режими на работа: Eco, Normal, Sport, а целиот погон може да биде префрлен и во „B“ мод на работа преку кој штом се отпушти педалот за гас веднаш го менува поларитетот на моторот и започнува регенеративен ефект, a енергијата која се ослободува во овој процес ги дополнува батериските ќелии. Овој начин на работа воедно овозможува практично и возење со една педала.
Минимални трошоци за максимално задовоство
Во градски услови на возење се истакнува стартноста која ја поседува и брзината на реакција, подвозјето е исклучително способно да се фати во коштец и со поспортските аспирации на возачите со врела крв, тоа најубаво го осетивме на локалните патишта во околината на Скопје, каде што свијоците ги нижевме како да седиме зад воланот на картинг со одлична управливост и подвозје спремно да реагира на брзите промени на правец.
Дестинациите на отворен пат го откриваат вториот дел од приказната, е-208 го покажува комфорот што е на ниво над очекувањата, леснотијата со која се движи и стабилноста при повисоки брзини нема да ве остави рамнодушни. Кога станува збор за електричен погон секогаш се наметнува прашањето за неговот полнење. Кај е-208 тоа може да се изведе преку брз полнач со моќ од 100 kWh, (нема кај нас) што ja полни батеријата од 0 до 80% за 30 минути.
Полнењето преку 22 kWh полначи кои се присутни во нашата земја се одвива (бесплатно) во период пократок од 3 часа. Во Скопје во централните гаражи на Градски Паркинг треба да побарате картичка за електрично возило на влез, по што имате 1 час гратис полнење и паркинг, а на ЕВН треба да аплицирате за персонална картичка, по што можете гратис да користите полнење и паркинг на повеќе нивни локации на полначи низ државата(отворени-затворени паркинзи, крај ресторани и трговски центри).
За полнење пак во домашни услови со проток од 1,8 kWh се потребни „дооолги“ 29 часа, a како имате можност во домот и се приклучите на 3,2 kWh тогаш времето на полнење се сведува на 12 часа. Постојат и опции за поставување на посебни полначи во домот( WallBox) кои овозможуваат полнење со 7,4 kWh и 11 kWh, на кои им е потребно 7 односно 5 часа да ја наполнат батеријата во целост.
Секако, дека покрај времето на полнење сама по себе доаѓа и цената на потрошената електрична енергија, па ако малку се внимава и се полни преку ноќ на ефтина тарифа, целосната автономија од 340 километри ќе ја добите по цена на чинење еднаква на 3 литри 95 октански бензин! На крајот ќе додадеме дека нема движечки делови, масло и филтри за гориво кои треба да се менуваат на одредено време… со што е-208 ветува дека трошоците за одржување се сведени на минимум за време на неговата долгорочна експлоатацијата.
Цена на тестираниот модел: 36.060 евра
Технички податоци за Peugeot е-208 Allure 50 kWh 136 HP
мотор | eлектричен |
капацитет на батерија | 50 kWh |
максимална моќ | 136 KС (100 kW) |
макс. вртежен момент | 260 Nm |
трансмисија | на предни тркала преку директен менувач |
потпирање | напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 195/55 R16 |
каросерија | хечбек со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.055 x 1.745 x 1.430 мм |
меѓуоскино растојание | 2.540 мм |
траги (напред/назад) | 1.500/1.500 мм |
тежина | 1.430 кг |
багажен капацитет | 311 литри |
максимална брзина | 150 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 8.1 секунди |
автономија | 340 км (WLTP) |
емисија на CO2 | 0 г/км |
Peugeot e-208 во Македонија
Peugeot e-208 Active Electric 50 kWh 136 HP | 32.520 евра |
Peugeot e-208 Allure Electric 50 kWh 136 HP | 33.550 евра |
Peugeot e- 208 GT-Line Electric 50 kWh 136 HP | 35.570 евра |
Peugeot e-208 GT Electric 50 kWh 136 HP | 37.340 евра |
Повеќе информации во Еуроимпекс или на тел. (02) 31 11 000
Други достапни ЕВ модели во МК:
Opel e-Corsa | од 29.990 до 34.990 евра |
Volkswagen e-UP | од 25.000 до 28.000 евра |