Тест Renault Austral: Техно генерација
Дизајниран да изгледа марканто, полн со иновативни технолошки решенија, кабина со одлична завршна обработка, задвижуван единствено со електрифицирани двигатели… новиот Renault Austral е модел на кој речиси и да нема на што да му се приговори.
Компанијата Renault го лансира целосно новиот Austral со цел да го замени веќе уморниот модел Kadjar и заземе поголем дел од најпопуларниот и најбрзорастечкиот сегмент на пазарот. Каде што во директна борба ќе треба да ги вкрсти ракавиците со Nissan Qashqai, Hyundai Tucson, Volkswagen Tiguan…
Нагласени геометриски елементи
Во денешно време е доста тешко да се истакнете од толпата ако креирате нов СУВ што барем од некој агол потсетува на конкурентите. Затоа велиме дека дизајнерскиот тим на Renault заврши импресивна работа со Austral, користејќи потполно нов пристап на обликување кој создава доволно карактеристики за да се издвои од останатите модели во класата. Тоа особено важи за нивото на опременост „Esprit Alpine“ што воедно сугерира дека добивате одредено влијание од Alpine брендот на спортските автомобили и дизајнерски детали кои во потполност одговараат, а токму таков беше и тестираниот модел. Креаторите кај Austral ги комбинираат типичните пропорционални СУВ карактеристики со посебен акцент на новите дизајнерски принципи на Renault.
Слично како кај Megane E-Tech во комбинација се нагласени геометриски елементи. Дизајнот на предниот дел е навистина впечатлив, а елементот што додава на потенцијалот е специфичниот израз на светлосните групи и интеграцијата на предната маска во целината. Остриот пристап во обликувањето е особено забележливо на задниот дел на автомобилот, каде што уникатниот карактер ја комбинира графиката на задните светла со што се добива длабока и тродимензионална слика.
Моментално, најдоброто од Renault
Марката Renault создаде ентериер кој во фокусот ги става новите технологии. Главната атракција во кокпитот е централно лоцираниот, 12-инчен инфозабавен екран во портрет ориентација. Тој е во една целина поврзан со дигиталната инструмент табла и е благо наклонет кон возачот. Во неговото подножје има низа од „вистински“ копчиња што овозможуваат едноставна контрола на основните функции. Ова е можеби и најдобрата комбинација на екран на допир и копчиња која сме ја сретнале во поново време. Системот е базиран на оперативната програма (Android Automotive) на Google која е специјално развиена за автомобилската индустрија. Тоа значи дека има многу малку за учење, особено за корисниците на Android уреди, но најдобро од се, е дека функционира без и најмали „закашлувања“. Делува на импресивен начин, особено кога е во прашање сателитската „Google Maps“ навигација или давањето гласовни команди на секогаш активниот „Google Assistant“.
Покрај стандардно инсталираните, системот е дизајниран да овозможи и „даунлодирање“ на останати апликации. Како на пример „Spotify“, кој на екранот ќе содаде „виџет“ и ќе го постави под приказот на навигацијата, за брз и едноставен пристап до вашата музичка колекција. Доколку пак не сакате да го користите интегрираниот софтвер, на располагање се поврзувањата со Apple CarPlay и Android Auto кои ќе го пресликаат вашиот паметен уред на екранот. Знаејќи дека се се врти окoлу екранот, дизајнерите на Renault под него додадоа паметно решение за одмор на вашата рака на централната конзола кое можете да го подесите во зависност од потребата. Во непосредна близина има индуктивен полнач за паметен телефон и USB порти од последната генерација.
Остатокот од внатрешноста ја следи зададената маршута на надворешниот дизајн. Скроена е доста паметно, завршната изработка е на досега највиско ниво што сме го сретнале кај Renault. Со многу атрактивно дизајнирани површини, пријатни на допир создаваат прилично елегантeн амбиент за престој. Предните седишта се несекојдневно удобни со изразена странична потпора, а во потпирачот за глава е втиснато логото на Alpine. Спортската нота е дополнета со несекојдневно обликуваниот управувач, делумно обложен со Алкантара и поставката на (multisense) прекинувач за брз избор на модови за возење. Во задниот дел има три соодветни седишта со доволно простор за колената и главата, и на патници повискои од 190 см.
Багажникот е исто така како што би очекувале од СУВ наменет за семејства, проектиран да ги задоволи потребите на семејствата, со основна зафатнина од 525 литри кои се зголемуваат на 1.525 литри со спуштање на задните седишта. Вкупниот ефект што го испорачува кабинскиот простор е по премиум од повеќето актуелни модели во портфолиото на куќата… најдоброто од Renault, во моментов!
Моќен и штедлив
Новиот Austral пристигнува на пазарот единствено со бензински двигатели кои се електрифицирани на два начини, во „plug-in hybrid“ или „mild hybrid“ изведба. Моделот што ни беше отстапен на неколкудневно дружење поседуваше 1,3-литарски четири цилиндричен агрегат со турбополнач, поддржан од електричен систем од 12V, кој делува како стартер/алтернатор, спарен со автоматски Х-Tronic менувач. Во пракса, Austral со 160 КС се покажа како доста пргав, но исклучително економичен, целиот процес помага и влечната сила која изнесува 270 Нм, а на располагање е веќе од 1.800 врт/мин. Бидејќи станува збор за благ хибрид не може да се вози само на ел. погон, но електричното засилување ќе го почувствувате при тргнување од мести и при мали брзини. Со други зборови помошта е најизразена во урбани средини.
Самиот бензински моторот ја истакнува својата штедлива страна, во мешан циклус согорувавме 7,9 л/100 км без притоа да внимаваме премногу. Очигледно со поголема претпазливости и употреба на „Eco“ профилот (4 понудени) за возење со сигурност може дополнително да се намали и постигнат декларираните 6,2 л/100 км. Ако гледаме според стандардите за CVT менувачи, X-Tronic склопот во Austral е еден од најдобрите во индустријата. Исклучително брзо реагира за менувач од ваков вид, со минимални задоцнувања при промена на степените. Максималната брзина изнесува 175 км/ч, додека забрзувањето од место на мирување трае 9,7 секунди.
Моделот Austral е првиот автомобил на марката што ја користи напредната, трета генерација на платформата на алијансата наречена CMF-CD. Таа е дизајнирана да поддржува погон на четири тркала, но сепак, таква апликации не може да се сретне во новиот Austral. Иако во возењето е далеку по динамичен од повеќето конкуренти, неговата основна намена е да биде семеен транспортер. Поради тоа главниот акцент е ставен на удобноста, нерамнините на патот ги апсорбира одлично, а вибрациите речиси и да не се пренесуваат во кабинскиот простор.
Новиот Austral е несомнено еден од најкомплетните и најкомпетентните модели што француската компанија некогаш ги претставила. Како таков, нескриено ги истакнува своите амбиции претендирајќи на врвот во категоријата.
Цена на тестираниот модел: 49.340 евра
Технички спецификации за Renault Austral Techno Esprit Alpine Mild Hybrid 160 Auto
Мотор | Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.333 cm3. |
пречник и од | 72,2 x 81,3 mm |
степен на компресија | 16.4:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото |
максимална моќ | 160 KС (118,5 kW) при 5.250 – 5.500min/-1 |
макс. вртежен момент | 270 Nm при при 1.800 – 3.750 min/-1 |
капацитет на батерија | 0,15 kWh |
Трансмисија | на предни тркала преку 7 степен автоматски менувач |
Потпирање | напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред самовентилирачки дискови назад вентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 235/55 R18 (напред) 235/55 R18 (позади) |
Каросерија | СУВ со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4510х1825х1644 mm |
меѓуоскино растојание | 2.667 mm |
траги (напред/назад ) | 1.482/1.476 mm |
Тежина | 1.464 kg |
максимална тежина | 2.003 kg |
Багажник | 525/1.525 литри |
Резервоар | 55 литри |
максимална брзина | 175 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 9.7 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | –/–/6,2 l/100 km |
емисија на CO2 | 141 g/km |
Renault Austral во Македонија
Renault Austral Equilibre mild hybrid 140 |
35.340 евра |
Renault Austral Techno mild hybrid 140 | 38.040 евра |
Renault Austral Techno mild hybrid 160 aut | 43.290 евра |
Renault Austral Techno esprit Alpine mild hybrid 160 aut | 45.740 евра |
Renault Austral Techno esprit Alpine full hybrid 200 aut | 51.240 евра |
Renault Austral Iconic esprit Alpine full hybrid 200 | 54.540 евра |
Повеќе информации во Аутомотив Груп на (0) 2 27 27 200 или на www.renault.mk
Конкуренти
Nissan Qashqai | oд 36.100 до 57.050 евра |
Hyundai Tucson | oд 26.200 до 47.200 евра |
Volkswagen Tiguan | oд 44.917 до 60.232 евра |
Peugeot 3008 | oд 35.820 до 67.590 евра |
Toyota RAV4 | oд 32.890 до 63.990 евра |