fbpx

Тест Renault Rafale: Француска визија за премиум

Rafale е најновиот SUV со купе форма од францускиот производител Renault, позициониран како премиум модел во гамата на брендот. Со своите карактеристики, овој модел е во целост способен да се носи со германските конкуренти. Неговиот елегантен дизајн, иновативна технологија и спортски перформанси, се атрибути кои на Rafale му овозможуваат да понуди уникатна комбинација на стил и функционалност во атрактивно пакување.

Компанијата Renault во моментов е во значителен подем, а темпото со кое се претставуваат новите модели е како на филмска лента. Само оваа година, на списокот ги имаме обновениот Captur, електричниот Renault 5, неодамна претставениот Renault 4, новиот целосно електричен Scenic и новиот Symbioz. Меѓутоа, најамбициозниот модел во оваа серија е без сомнение Rafale.

Тест - Renault Rafale Esprit Alpine E-TECH Hybrid 200 Француска визија за премиум

Ново искуство

Rafale е првиот модел на францускиот бренд што го креира новиот главен дизајнер Жил Видал, кој со својот стилски израз внесува свежина и уникатност во палетата на производител. Моделот го следи се попопуларнот тренд за креирање купе-SUV возила. Секако, неизоставен дел од процесот е иновативниот пристап кон дизајнот што кај Rafale се рефлектира со динамични линии и елементи кои привлекуваат внимание. Како пример ќе ја земеме предната решетка која се истакнува со начинот на  изработка. Изведена е од аголни плочки во форма на амблемот на Renault, кои создаваат визуелен ефект на „движење“ кога ги гледате од различни агли.

Тест - Renault Rafale Esprit Alpine E-TECH Hybrid 200 Француска визија за премиум

Моделот Rafale се темели на продолжената верзија на платформата CMF-CD, која се користи и кај помалиот Austral, поседува сериозни димензии иако тоа на прва можеби и не изгледа така, должината изнесува 4.710 мм, 1.860 мм се издвоени за ширина, а висок е 1.610 мм.  Неговата спортска линија е нагласена со слегувачката линија на покрив во задниот дел кој го прави автомобилот да изгледа покомпактен, како и со ветробранското стакло кое е поставено под агол од 17 степени.

Иако Renault веќе има купе-SUV во својата понуда, како што е компактната Arkana, Rafale е нешто сосема различно. Тој е далеку поголем и со многу поелегантен изглед, нудејќи ново искуство за купувачите на големи SUV модели кои бараат стил и ексклузивност. Во категорија на купе-SUV вообичаено се сретнуваат премиум брендовите како BMW, Audi и Mercedes, но Rafale е тука да додаде свеж избор за сите кои сакаат комбинација на луксуз и спортски карактер во својот автомобил на малку поинаков начин.

Софистицирана практичност

Внатрешноста на Renault Rafale се базира на кабината на моделот Austral, но со бројни подобрувања кои создаваат амбиент со вистинско премиум чувство. Ова е постигнато благодарение на дополнителните меки материјали и употребата на висококвалитетни и иновативни решенија. Предните седишта се уникатни и дизајнирани со внимание, со вградени осветлени логоа на „Alpine“, што им дава посебен стил.

Секако, технологијата во денешно време се пресликува преку екрани, а тука, тоа е на највисоко ниво. Пред возачот е поставен 12,3-инчен дисплеј со можност за персонализација, а главната улога на конзолата ја игра 12-инчен централно поставен екран кој работи на софтвер дизајниран од Google. Во повисоките нивоа на опременост, како што е тестираниот модел, посебно впечатлив е големиот панорамски стаклен покрив. Истиот, не само што ја зголемува висината на кабината, туку користи „AmpliSky“ технологија со течни кристали за затемнување на стаклото во четири различни нивоа. Поставките може да се контролираат гласовно, а стаклото автоматски се затемнува кога ќе го напуштите автомобилот.

Просторот на задните седишта е дарежлив благодарение на долгото меѓуоскино растојание од 2,74 метри. Едноствено, не може да му се замери, колената нема да допираат до предните седишта, а повискоите патници ќе имаат доволно место за главата. Воедно, патниците на задните седишта добиваат и иновативен потпирач за раце со складиште, кој меѓу другото поседува држач за телефон или таблет кој може да се прилагодува, дополнување што ја прави кабината уште попрактична и комфорна. Просторот за багаж нуди капацитет од 535 литри кога сите пет седишта се во функција, но тоа не го вклучува дополнителниот простор под прилагодливиот под на багажникот, кој го зголемува вкупниот капацитет над 640 литри. Кога задните седишта ќе се спуштат, што може да се направи поединечно по принципот 40:20:40, добивате зафатнина од 1.709 литри, овозможувајќи повеќе флексибилност за транспорт.

Хибридна динамика

Моторизацијата кај Rafale се истакнува со иновативен хибриден погон, кој е практичен и ефикасен. Системот е базиран на 1.2-литарски, трицилиндричен турбо бензински мотор, кој работи во комбинација со два електрични мотори и 2kWh батерија. За испорака на моќноста од 200 коњски сили, кон предните тркала е задолжен сложен менувач со шест брзини, кој во пракса нуди осум степени, затоа што два се предвидени за електромоторот кој е вграден во самата менувачка кутија. Системот нуди одличен сооднос на перформанси, со време од на пристигнување до 100 км/ч од 8.9 секунди и максимална брзина од 180 км/ч.

Една од главните предности на Rafale во оваа агрегатска понуда е економичноста,  што на нашето неколкудневно дружење се изразува како просечна потрошувачка од 6.2 литри на 100 километри. Сите кои бараат повеќе моќ наскоро ќе можат да го изберат новиот приклучен хибриден агрегат со 300 КС и погон на сите тркала. Овој систем нуди радиус на движење од речиси 100 километри исклучиво на електричен погон.

Целосна контрола

Тест - Renault Rafale Esprit Alpine E-TECH Hybrid 200 Француска визија за премиум

Цврстата и агилна шасија на моделот Rafale нуди изненадувачки добра управливост на патиштата, особено во спортски режим, што му додава динамична нота и го зголемува возачкото задоволство. Тестираната верзија „Esprit Alpine“ ја поседува оваа способност благодарение на технологијата „4Control“, која е дизајнирана да го направи возилото поагилно и постабилно при повисоки брзини. Задните тркала можат да се завртат до пет степени во истата насока како предните, што ја зголемува стабилноста при возење со повисоки брзини. Во услови на пониски брзини, системот им овозможува на задните тркала да се завртат во спротивна насока од предните, што резултира со подобар круг на вртење и го олеснува маневрирање во урбани ситуации.

Сите предходно наведени карактеристики го прават Rafale одличен избор за современи возачи, кои бараат SUV со уникатен дизајн, врвна технологија и одлични перформанси. Со Rafale, Renault не само што влегува во премиум сегментот на купе-SUV возила, туку создава модел кој е подготвен да се натпреварува со најдобрите во индустријата. Успешно ја комбинира елеганција и агилност, што го прави идеално за урбано возење, но и за подолги патувања. Модел не само што ја задоволува естетски, туку и практичната страна што го истакнува како слина опција, нудејќи баланс помеѓу стил и функционалност.

Технички податоци за Renault Rafale Esprit Alpine E-TECH Hybrid 200

Цена на тестираниот модел: 59.740 евра

мотор Euro VId TEMP, дизел, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 см3
пречник и од 75,5 x 89,3 мм
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 130 KС (96 kW) при 4.500 min/-1
макс. вртежен момент 205 Нм при 1.750 min-1
максимална моќ на прв електромотор 68 KС (50 kW) при 0 min/-1
максимална моќ на втор електромотор 34 KС (25 kW) при 0 min/-1
максимална системска моќ 200 KС (147 kW)
макс. системски вртежен момент 205 + 205 Нм
вртежен момент на прв електромотор
вртежен момент на втор електромотор
205 Нм при 0 min-1
50 Нм при 0 min-1
капацитет на батерија 2 kWh бруто, 1,75 kWh нето (Li-Ion)
трансмисија на предни тркала преку 6-степен автоматски менува
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/45 R20 (напред) 235/45 R20 (позади)
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.710 x 1.860 x 1.610 мм
меѓуоскино растојание 2.740 мм
траги (напред/назад ) ///// мм
тежина 1.660 кг
максимална тежина 2.175 кг
багажник 535/647/1.709 литри
резервоар 55 литри
максимална брзина 180 км/ч
забрзување 0-100 km/h 8.9 секунди
декларирана потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,1/5,6/4,7 л/100 км
емисија на CO2 106 г/км

Renault Rafale во Македонија

Renault Rafale Techno E-Tech full hybrid 200 53.740 евра
Renault Rafale Esprit Alpine E-TECH Hybrid 200 59.740 евра

Повеќе информации во Аутомотив Груп на тел. (02) 27 27 200 или на www.renault.mk

Конкуренти:

Audi Q3 Sportback /
BMW X2 /
Mercedes-Benz GLC Coupe /
Lexus NX
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button