fbpx

Тест Seat Leon FR: Движен од емоции

Секогаш кога Seat преставува нова генерација на својот најпопуларен модел возбудата е голема, познавајќи го шпанскиот темперамент, новата генерација на Leon доаѓа спакувана со мноштво напредна технологија од најновата генерација, возни карактеристики кои се задолжени да ги исполнат високите очекувања на ентузијастите и софистициран изглед што треба да го издвои од останатите преставници во класата

златно тркало

Во морето на сè поприсутните кросовери и SUV возила, класичните хечбек автомобили пополека го губат здивот. За воља на вистината повеќето производители сеуште веруваат дека за нив има место под сонцето. Во оваа група спаѓа и шпанскиот Seat кој со новата, четврта генерација на моделот Leon докажува дека времето на забавните хечбек автомобили е далеку од минато.

Истакнување на индивидуалноста

Ако надворешниот изглед се гледа низ дизајнерска перспектива, новата 4-та генерација е обликувана на начин кој се потпира на еволутивниот пристап во креирањето. Причина за ваквиот пристап највеќе лежи во тоа што предходната генерација на Leon поседуваше привлечен и спортски екстериер. За сите атрибути да се подигнат на повисоко ниво и направи овој модел поатрактивен од денешна гледна точка, работено е во правец за надополнување на индивидуалностa. Затоа велиме дека новиот Seat Leon е едно навистина уредно парче дизајн со слободен и забавен карактер што скрива многу мали детали низ целата надворешност споени во една целина која одлично го преставува неговиот темперамент.

Печатот на предниот дел кој заедно го создаваат дневните LED светла слични на големиот SUV Tarraco, обликот на поклопецот од моторот и горниот дел од решетката на ладилникот му даваат на моделот Leon визуелен идентитет што го дефинира како ултра модерен преставник на компанијата. Сликата продолжува Leonодзади каде дизајнерите од Seat додаваат светлосна лента по целата ширина на задниот дел од автомобилот со прилично возбудлива „фламенко” кореографија, потенцирајќи ја врелата шпанска крв.

Според спецификациите тестираниот примерок обоен во карактеристична црвена боја поседуваше FR пакет на опременост, што значи дека автомобилот е поставен на поголеми, 18 инчни Performance алуминимски тркала, поседува спортски додатоци на долниот дел од каросеријата и ретровизори со сатенски ефект. Во целост овој пакет го прави и онака привлечниот Leon дополнително впечатлив каде и да се појави.

Минималистички, модерно и уредно

Ако за надворешноста велиме дека е инспирирана од предходната генерација, кога ќе се отворат вратите и влезете во кабинскиот простор на новиот Leon ве дочекува комплетно нов пристап на градење и начин на размислување. Уредувањето го следи примерот на новата дигитална филозофија која ја наметнува принципалот што воедно подразбира минималистички пристап кон хардверските елементи и максимална употреба на напредна технологија за приказ на сите информации и командување со речиси сите секундарни функции. Со други зборови, пред возачот е поставен голем мултифункционален екран на кој освен стандардните мерачи на брзина и вртежи на моторот може да прикаже целосна карта на навигацискиот систем… Вториот екран, осетлив на допир има димензии од 10 инчи, наменет е за инфозабавниот систем и е поставен високо на централниот гребен, во неговото подножје се поставени т.н ,,слајдери” за подесување на температурата и командување со јачината на звукот од аудио уредот.

За жал, физички прекинувачи воопшто не постојат, но добро е што за привикнување и управувањето со командите не е потребен подолг период. Просторот на предниот дел од кабината е изворедно организиран, седишта иако се со спортски карактеристики и нудат добра потпора во сите правци поседуваат одлични пропорции во кои се седи многу удобно. Патниците на задната клупа го уживаат бенефитот на меѓуоскиното растојание од 2.684 мм и зголемената сèвкупна должина на автомобилот за повеќе од 85 мм бидејќи речиси целиот дополнителен простор е наменет за подобрување на комфорот за патниците на задниот дел. Иако со поголеми габарити багажниот дел е ист како и кај предходната генерација – 380 литри кои се изведени максимално рационално во однос на ширината и длабочината за транспорт. Целината создава многу напредна и допадлива внатрешност која ја краси спортска нота што воедно дозволува да се истакне и комфорната страна на Leon FR.

Seat Leon

Нова технологија за многу забава

Имајќи го во предвид времето во кoе живееме, новата генерација на Leon доаѓа со богата палета на двигатели, бензински, дизелски, PHEV и mild hybrid, практично да ги задоволи сите вкусови и потреби. Во нашиот тест примерок работеше 1,5 литарскиот еTSI турбо бензински агрегат кој покрај сите класични компоненти е збогатен со лесна 48-волтна електро хибридна технологија и мала литиум-јонска батерија. Оваа технологија овозможува функција за краткорочно засилување, можност за краткотраен „coasting” и деактивирање на два од четирите цилиндри, сè со цел да се намали потрошувачката на гориво и испуштањето на штетни издувни гасови, а за цело време да не го одвлече вниманието на возачот.

Новиот Seat Leon FR со оваа моторизација го одржува спортското ветување, неговите 150 КС и 250 Nm влечна сила одлично соработуваат со прецизно пресметаниот 7 степен автоматски DSG менувач кој реагира солидно и со висок степен на агилност. Во оваа конфигурација Leon FR нуди неколку предходно сетирани „модови“ на возање: Eco, Normal и Sport или пак Individual начин на работа преку кој може да се подесат повеќето функции по желба на возачот. За забрзување до 100 км/ч потребни се 8,5 секунди, додека стрелката на брзиномерот своето патување го завршува веднаш штом се доближи до ознаката од 220 км/ч.

Подготвен да одговори на предизвикот

Во зависност од возачките аспирации и модот на работа потрошувачката за време на тестот варираше од 6,7 до 8,4 литри на 100 изминати километри, за што сметаме дека е сосема коректна ако се земе во предвид спортскиот карактер на автомобилот. Подвозјето на Leon FR е за пофалба, иако е спортски сетирано делува доста рафинирано, дури и со тркала од 18 инчи ги впива нерамнините на патот на начин што не ја нарушува удобноста при возењето. На автопат, на отворен пат или во град, Leon е секогаш подготвен да одогвори на предизвикот во грациозен и импресивен стил.

Leon

Дизајнот го сместува Leon FR меѓу најспортските претставници во класата со што верно ја продолжува традицијата на брендот полн со емоции. Во ентериерот сè изгледа многу уредно и модерно, голем број на мали детали како во внатрешноста така и надворешноста ги будат сетилата. Агрегатот, менувачот и подвозјето играат во ист такт претварајќи го секојдневното возење во забава. Кратко кажано, Leon FR е еден од најдобрите и најатрактивните автомобили во С-сегментот.

Цена на тестираниот модел: 25.500 евра

Технички податоци за  Seat Leon FR 1.5 eTSI 150 DSG
мотор Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.498 см3
пречник и од 74,50 x 85,90 мм
степен на компресија 10,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото
максимална моќ 150 KС (110 kW) при 5.000-6.000 min/-1
макс. вртежен момент 250 Nm при 1.500-3.500 min-1
трансмисија на предни тркала преку 7 степен (DSG) автоматски менувач
потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 225/40 R18
каросерија хечбек со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина  4.368 x 1.800 x 1.442 мм
меѓуоскино растојание  2.684 мм
траги (напред/назад) 1.545./1.516 мм
тежина 1.360 кг
максимална тежина 1.890 кг
багажен капацитет 380 литри
резервоар 50 литри
максимална брзина 216 км/ч
забрзување 0-100 km/h 8,4 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,1/6,0/4,8 л/100 км
емисија на CO2  109 г/км
Seat Leon во Македонија:
Seat Leon Style 1.0 TSI 90 19.536 евра
Seat Leon Xcellence 1.0 TSI 110 21.769 евра
Seat Leon Xcellence 2.0 TDI 115 24.596 евра
Seat Leon FR 2.0 TDI 150 DSG 27.927 евра
Конкуренти:
Ford Focus oд 19.400 до 34.500 евра
Opel Astra oд 17.413 до 21.124 евра
Toyota Corolla од 18.209 до 36.290 евра
Honda Civic од 23.990 до 29.990 евра
Volkswagen Golf од 23.500 до 34.394 евра
Renault Megane од 19.440 до 26.640 евра

Повеќе информации во Porsche Македонија на тел. (02) 26 26 266 или на www.seat.mk

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button