Тест Škoda Octavia: Полна со самодоверба
Суптилните промени кај обновената Octavia докажуваат дека компанијата Škoda со овој модел во целост ги исполнила повеќето барања кои се на мета на купувачите уште со самото преставување на оваа генерација. Мекото освежување на екстериерот, имплементацијата на новите технологии и подобрите материјали во кабината се дел од фејслифтот на Octavia. Под предниот поклопец се е како и предходно, изведени се фини дотерувања на погонските агрегати кои сеуште црпат енергија од фосилните горива, вест што за повеќето купувачи на нашиот пазар е повеќе од добредојдена.
Минимални естетски корекции
Моделот Octavia од секогаш бил дизајнерски одмерен автомобил кој не секогаш се расфла со својот надворешен дизајн. Затоа, водени пo теркот што го диктира изгледот од 2020 година тимот прави благи измени на постоечката формула која искрено кажано сеуште делува доста модерно Но, како што налагаат стандардите на средината од животниот век секој модел неизбежно добива козметички третман кој треба да обезбеди атрактивна силуета уште најмалку 2-3 години или пак до појавување на новата генерација.
Со овогодинешното дотерување на предниот дел се изведени нови „матрикс“ светлосни склопови со обновен потпис на дневните светла кои се поставени помеѓу пошироката маска на ладилникот. Секако, промени има и на предниот браник по чија цела должина сега се протега хромирана лајсна која пак дополнително содава посериозна слика на возилото. На профилот не се забележуваат речиси никакви измени, Octavia поседува дизајн на класична троволуменска лимузина, но која поседува врата на багажниот дел како кај „хечбек“ моделите што е особено корисно за пристап до него и транспорт на погабаритни предмети. На задниот дел веднаш вниманието ви го привлекува обликот на поклопецот од багажниот дел, каде по неговата средина гордо стои испишано името на компанијата. Дводелните светлосните склопови со LED технологија се врамени во „кристални“ куќишта кои длабоко се врежани во страните на каросеријата.
Измени во изгледот постојат, иако тие не се драстични како кога некоја од конкурентските компании прави фејслифт на постоечки модел. На моделот Octavia тоа е изведено многу суптилно и паметно, со што автомобилот добива нова доза на стилски настап кој делува цврсто и атрактивно.
Фино дотерување во сите правци
Кабината е местото каде Octavia ќе го изненади секој што прв пат ќе влезе во нејзината внатрешност, пред се мислиме на организацијата на просторот, неговото обликување и висококвалитетните материјали користени за изработка. На предниот дел е сместена модерно организираната предна арматура, каде екраните и минималната употреба на физички команди градат имиџ на високо софистициран автомобил. Хардверсикте елементи се сведени на минимум и речиси со се се командува преку новиот систем за инфотејмент со големина од 13 инчи што во себе има имплеметирано дигитален асистент.
Материјалите кои се користени за пресвлекување на внатрешноста, посебно кај возениот примерок конкурираат на примероците од премиум сегментот. Во случајов, тоа се должи на „Suite Cognac“ дизајн пакетот кој ги заменува сите платнени површини со фина кафена/коњак кожа. Едноставно се делува исклучително квалитетно и меко во допир, завршната обработка создава удобно чувство и се наликува како од класата погоре. На предниот дел доаѓаат и AGR седиштата со одлични пропорции кои овозможуваат максимално подесување во сите правци. Адутот со кој Octavia настапува е несекојдневна количина на простор со која располага задната клупа. На неа комотно може да се сместат лица чија што висина е над 185 см, а со колената да не удират на предните седишта или да допираат со главата на горниот дел од кабината.
Иако обликот е како кај класичен седан пристапот до багажниот простор е изведен преку петта врата. Со нејзиното отворање се доаѓа до волумен од 600 литри, а доколку има потреба за превоз на нешто што е уште погабаритно, соборувањето на задната клупа волуменот расте до сериозни 1.550 литри.
Дизелскиот агрегат останува во игра
Кај новата генерација на Octavia моторната понуда е составена од истите агрегати како и пред „подмалдаувањето“, со тоа што сега се направени фини дотерувања со цел да се зголеми нивната ефикасност. Тестираниот примерок го движи на далеку познатиот TDI двигател со зафатнина од 2 литри кој испорачува 150 КС и 360 Нм влечна сила што е на располагање во распон од 1.750 до 2.750 вртежи во минута, а произведената моќ кон подлогата ја пренесува преку предните тркала. За се да биде на соодветно ниво се грижи трансмисијата која е изведена преку 7 степен DSG автоматски менувач со двојна спојка, кој се одликува со извонредна прецизност во работењето, брзо реагира и не се двоуми во која брзина да префрли без разлика дали е оставен во автоматски режим на работа или возачот сам ги избира степените на пренос.
Силата на моторот се испорачува линеарно, а турбо дупката речиси и не постои. Смиреноста во работењето во потполност одговараат со природата на ова возило, а резерва на моќност секогаш е достапна доколку има потреба дополнително да повлече. Постигнувањата на повеќе од 1.500 кг тешката Octavia се класична дизелска приказна, која ретко кој може да ја побие кога станува збор за потрошувачката. Просечно трошевме 7,7 литри во градски услови на користење, додека за движење на отворен пат ни беа потребни 5,6 литри на 100 изминати километри, при тоа забрзувањето до 100 км/ч трае 8,7 секунди, а максималната брзина е нешто помалку од 230 км/ч.
Се забележува дека платформата на која е поставена Octavia има претпрено минимални измени кои се однесуваат на потпирањето со цел да добие на комфор, но во исто време да биде попрецизна за управување во свијоци. Според прикажаното, задачите ги извршува на високо ниво што секако ќе наиде на одобрување посебно кај лицата кои подолго време поминуваат на отворен пат.
Во време кога класичните автомобили со троволуменска форма се се помалку на број, конкурентите во сегментот може да се избројата на прстите од една рака, а СУВ возилата владеат со пазарот, Octavia со последните ажурирања се концентрира на подигање на стилот, функционалноста и најмодерната технологија достапна во моментот што во суштина се клучните елементи кои се навистина важни кога еден автомобил секојдневно се употребува.
Технички карактеристики за Škoda Octavia Selection 2.0 TDI EVO DSG 150 HP
Цената на тестираниот модел изнесува 45.480 евра
Мотор | Euro VI DG, дизел, четиритактен, четири-цилиндарски, воденоладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1968 см3 |
пречник и од | 81 x 95.5 мм |
степен на компресија | 16.2:1 |
Напојување | четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, турбо полнач |
максимална моќ | 150 КС |
макс. вртежен момент | 360 Нм при 1.700-2.750 мин-1 |
Трансмисија | на предни тркала преку седум-степен автоматски менувач |
Потпирање | напред независен Макферсонов систем, линиска оска |
Сопирачки | напред вентилирачки дискови, позади дискови, ЕЅР, ABS |
Пневматици | 225/45 R18 |
Каросерија | Седан со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.689 x 1.994 x 1.470 мм |
меѓуоскино растојание | 2.686 мм |
траги (напред/назад) | 1.543 x 1.535 мм |
Тежина | 1.505 кг |
максимална тежина | 2.000 кг |
багажен капацитет | 600 литри |
Резервоар | 45 литри |
максимална брзина | 227 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 8,7 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,4/3,3/3,7 Л/100 км |
емисија на CO2 | 97 г/км |
Škoda Octavia во Македонија
Škoda Octavia 1.5 TSI DSG 150 HP Selection | 27.130 евра |
Škoda Octavia 2.0 TDI MT6 150 HP Selection | 26.940 евра |
Škoda Octavia 2.0 TDI DSG 150 HP Selection | 30.650 евра |
Повеќе информации во Porsche Македонија или на тел. (02) 26 26 266
Конкуренти:
Toyota Corolla Sedan од 21.990 евра до 34.990 евра