fbpx

Тест SsangYong Musso: Мултиталентираниот член

Кога едно возило има задача да исполни повеќе услови за да ги задоволи желбите кои треба ги искомбинираат потребите за: адекватен работен партнер, одговорен семеен транспортер или пак соодветен водич за исполнување на активен животен стил вон асфалтната џунгла, тогаш единственото реално решение пристигнува во форма на „пикап“ пакување

Моделот Musso е преставникот со кој јужнокорејската марка настапува во сегментот на пикап возила. Самото име, „Мусо“ е корејски израз за носорог, претставувајќи ја неговата моќ и цврстина како основа на целиот концепт. Името Musso во минатото, поточно во раните 90-ти се користеше како обележје на теренски модел. Со тек на времето навиките и потребите на купувачите се менуваат, па така новата генерација на Musso треба да ги задоволи и естетските и барањата за повисок комфор што покрај работните способности се исклучително важни ставки кај новите возила од овој сегмент. Затоа како основа се користи најновата платформа на SsangYong, со типична „body on frame“ конструкција изведена од легура на челик со висока цврстина.

SsangYong Musso test

Чист и смирен дизајн

Надворешниот стајлинг го содржи речиси истиот стил што е употребен на теренецот Rexton, со една важна разлика која започнува по завршувањето на задните врати. Како и кај повеќето Ssangyong возила, целокупниот надворешен дизајн е чист и смирен. Несакајќи да се расфрла со екстравагантни елементи, компанијата со многу чувство користи извајани линии кои се нетипични за овој вид возила. Преку нив ја прикажува робусноста без тоа биде потенцирано или претерано мускулесто, што неретко може да се сретне кај некои од конкурентите. Тргнувајќи од предницата и движејќи се по страните окото ќе забележи дека станува збор за исклучително долго возило на кое тразицијата е изведена одлично. Со овие потези во суштина се надополнува целокупната форма на надворешноста вклучувајќи го тука и товарниот простор чиј горен раб е складно изведен движејќи се кон кабинскиот дел што создава нетипична хармонија за оваков вид на структура.

SsangYong Musso test

Со оглед дека првенствено станува збор за работно возило очекувањата секогаш одат во насока дека во кабината ќе не дочека спартанско уредување чии што основна работа е да биде што е можно поробусно уредено и долговечно. Тоа можеби важело во минатото, во денешно време пикап возилата освен работниот дел играат и улога преку која се преставува одреден, активен животен стил. Затоа во Musso штом ги отворите вратите веднаш ќе ве пречека добро спакувана, функционална и пространа кабина во која употребените материјали се на завидно ниво, особено за класата во која припаѓа. Чувството на врвен комфор се протега низ целата внатрешност, простор има во избилство на сите позиции, особено во задниот дел каде благодарение на ширината, комотно се сместуваат три патници.

SsangYong Musso test

Симпатичен дигач на тегови

Покрај сите позитивни изненадувања во внатрешното уредување Musso доаѓа со дарежлива количина на напредна технологија вклучувајќи го и современиот инфозабавен систем со екран на допир што овозможува конекција со системите на  Apple CarPlay, Android Auto. Главниот збор на секој пикап е одделот за транспорт и неговите влечни способности, а тоа е делот кој е секогаш на врвот и неретко одлучувачки при изборот кај овој тип возила. Во нашиов случај Musso може да понесе товар од речиси 1.100 кг, а во изведбата која ја возевме може да влече приколка со тежина од 3,2 тони, а доколку се одлучите за верзија со автоматски менувач влечните можности одат до максимални 3,5 тони.

На предниот дел, под долгиот поклопец е срцето што чука во Musso, а тоа e изведено во форма рафиниран 2,2-литарски турбодизел мотор изграден по строгите Еуро 6 нормативи, истиот произведува 181 КС и максимален вртежен момент од 420 Nm. Системот е споен со 6-степен мануелен менувач, кој во секојдневна употреба ја пренесува моќност на задната оска, а сила испраќа на предните тркала само кога смета дека е тоа неопходно. Но, како и секој што држи до вистинските вредности, SsangYong овде има поставено софистициран систем со погон на сите тркала кој дополнително има избор за режим на работа што вистинските познавачи и лица кои се често вон асфалтираните улици знаат да го ценат.

Доверлива комбинација

SsangYong Musso test

Во секојдневна употреба механичкиот склоп влева максимална доверба и остава впечаток дека колку и да го оптоварите во суштина тој може да ги поднесе товарот на задачата без никаков проблем. Во целината одлично се вклопуваат и сопирачки кои се изведени по принциот вентилирачки дискови на предните тркала и полни дискови на задниот дел. За време на неколкудневниот период на дружење се уверивме дека може да се искачи на места кои не се лесно достапни, патувавме со него на отворен пат каде што ни ја покажа својата комфорна страна, додека во град се обидувавме да бидеме максимално внимателни бидејќи севкупната должина едноставно бара поголема концентрација во секојдневните гужви.

Производителите постојано се обидуваат со своите пикап возила да понудат комфор сличен на теренец, но SsangYong со новата генерација на Musso по сè изгледа дека се доближи најблиску до таа граница. Воедно, неговите работни способности се на несомнено високо ниво, исто како и можноста да ве однесе и онаму каде што обичните возила не ни помислуваат да стапнат. Токму затоа моделот  Musso e сериозен претендент во изборот за оние кои ја ценат удобноста, практичноста и безгрижноста на терен.

SsangYong Musso test

Цена на тестираниот модел: 31.130 евра

Технички податоци за  SsangYong Musso Grand Comfort 2.2 e-XDi MT6 4WD
мотор Euro VI d TEMP, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 2.157 см3
пречник и од 86,2 x 92,4 мм
степен на компресија 15,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, турбо полнач
максимална моќ 181 KС (133 kW) при 4.000 min/-1
макс. вртежен момент 420 Nm при 1.600-2.600 min-1
трансмисија на сите четири тркала преку 6-степен мануелен менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад лиснати опруги, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/70 R17 (напред/ позади)
каросерија Пикап со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 5.405 x 1.950 x 1.855 мм
меѓуоскино растојание 3.210 мм
траги (напред/назад) 1.640/1.640 мм
тежина 2.155 кг
максимална тежина 3.250 кг
багажен капацитет 1.095 кг
резервоар 75 литри
максимална брзина 178 км/ч
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 7,3/10,1/8,0 л/100 км
емисија на CO2 218 г/км
SsangYong Musso Grand во Македонија
Base 2.2 e-XDi MT6 4WD 29.500 евра
Style 2.2 e-XDi MT6 4WD 33.500 евра
Elegance 2.2 e-XDi AT6 4WD 38.500 евра

Повеќе информации во Аутомакедонија Скопје или на тел: (02) 3103 265.

Конкуренти
Ford Ranger од 30.900 до 62.900 евра
Toyota Hilux од 35.990 до 49.990 евра
Isuzu D-Max од 26.231 до 37.490 евра
Mitsubishi L200 од 27.480 до 36.980 евра
Nissan Navara од 34.500 до 43.430 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

 

Поврзани вести

Back to top button