Тест Suzuki Swace: Братска игра
Компанијата Suzuki во својата понуда има цела лепеза на mild hybrid модели, но со изведбата Swace оди чекор понапред, дополнувајќи ја својата гама со автомобил кој досега воопшто не се нудел како опција. Опремен со целосно Self Charging Hybrid технологија, моделот Swace со караванскиот облик пред сé се обраќа кон семејните купувачи што ги ценат ниските оперативни трошоци и еколошката прифатливост на автомобилот кој го управуваат.
Се почестите навестувања за забрана на повеќето автомобили погонувани со класична моторизација во повеќето европски земји, тежиштето на пазарот го префрлаат кон електрифицираните автомобили. Во оваа ново создадена слика сака да се вклопи и јапонскиот Suzuki. Моделот Swace постои затоа што компанијата склучи договор со Toyota која патем поседува окулу 5% акции во Suzuki, за заедничко производство на верзијата на Corolla Touring Sports Hybrid. Овој модел заедно со Suzuki Across моделот кој се базира на RAV4 се изградени со цел да заштедат огромна сума на средства за развој и конструирање на нови, сопствени автомобили, а воедно во заемното искористување на ресурси – Suzuki обезбедува батерии од својата фабрика. Исто така, бидејќи и двата модели се исклучиво хибридни помагаат да се намали корпоративната емисија на издувни гасови во ЕУ за чие што надминување производителите се пенализираат со големи парични санкции.
Минимални разлики на познатата силуета
Моделот Swace е вистински новитет за Suzuki во Европа кој се нуди единствено во практична караванска изведба. Предниот дел на возилото е изведен во облик што зрачи со спортска и агресивна нота. Кај страничната силуета забележливо е продолжувањето на каросеријата во задниот дел, благо опаѓачката линија симулира впечаток дека автомобилот е понизок и многу подолг одколку што е во реалност, додека пак задниот дел го одбележуваат големите светлосни групи кои навлегуваат во вратата од багажниот простор и се доста длабоко врежани во страната на каросеријата. Обликот на возилот во суштина е подреден на функционалноста и поголемиот внатрешен капацитет. Дизајнерите имаа употребено елементи со кој би го направиле изгледот на екстериерот интересен и допадлив на поширок круг купувачи, а визуелните разлики со хибридниот караван на Corolla се видливи единствено на предниот браник кој е со редизајниран и посимпатичен облик.
Насочен кон комфорот
Во уредувањето на внатрешноста кај Swace нема поголема суштинска разлика со моделот од кој потекнува. Кокпитот е ориентиран кон возачот и сите материјали кои се употребени во изработката на кабинскиот простор се сo значително висок квалитет и се меки на допир. Возачката позиција се пронаѓа лесно, а примарните и секундарни команди се логички распоредени и на дофат, воедно истите се и едноставни за користење. Единствента замерка оди на сметка на мултимедијалниот уред кој иако ги има сите денес потребни поврзувања, користи малку постара технологија и графички решенија одколку конкурентските модели.
Габаритите на внатрешноста се во сооднос во класата во која припаѓа, а патниците на задната клупа нема да имаат на што да се пожалат. Но бидејќи станува збор за практична, караванска изведба бенефитот доаѓа со големината на багажниот простор кој во стандардната конфигурација поседува 596 литри што се искачува до 1.606 литри кога е соборена задната клупа, волумен на кој ретко кој може да остане рамнодушен.
Систем со долгогодишно искуство
Бидејќи станува збор за хибриден модел под предниот поклопец на автомобилот кој го управувавме се сместени 2 мотори. Бензинецот со зафатнина од 1.8 литри е со аткинсонов принцип на работа располага со моќ од 98 КС и има 142 Nm влечна сила. Вториот е електромоторот кој произведува 72 КС што може да генерира 163 Nm. Синергијата помеѓу овие два работни единици резултира со вкупна моќ која е еднаква на 122 КС и заеднички вртежен момент од 230 Nm.
Моделот Swace делува многу конкретно кога ќе се стапне на педалот за забрзување, сепак неговата првенствена намена е да се употребува на што е можно поекономичен начин. За таа цел понудени се 3 различни мода на употреба и дополнителен електричен (EV) начин на возење, во кој може да се премине растојание долго 2 км само со помош на електричниот мотор не преминувајќи ја максималната брзина од 50 км/ч. Режимот ECO е задолжен за автомобилот да се управува со најниска можна потрошувачка во секојдневна употреба. Режимот Normal е секогаш прв избор при стартување на автомобилот и овозможува компромис помеѓу економичноста и забрзувањето. Последен во низата е начинот Sport кој е одговорен да ги обедини силите на двата мотори со цел да се извлече максимумот од нив.
Перформансите кои ги поседува Swace се сосема задоволувачки, за забрзување до 100 км/ч потребни му се 11,1 секунда, а максималната брзина е електронски ограничена на 180 км/ч. Од друга страна потрошувачката се движи како кај дизел моделите со мала зафатнина, производителот декларира просечно 4,5 литри на 100 км кои ние не успеавме да ги постигнеме, но со измерен просек од 5,6 литри ги надмина нашите очекувања. Во оваа целина своја заслуга има и безстепена континуирана варијабилна трансмисија (CVT), во што се уверивме додека крстаревме на отворен пат со брзина од 120 км/ч., а таа умешно го држеше агрегатот на едвај 1.100 врт/мин. Специфичниот звук е секако присутен за забрзувањата, но во време на лесни промени и крстарење останува само неприметниот шум од подлогата.
Во реални услови на користење Swace се покажа во вистинско светло, иако е со должина на каросеријата од 4.650 мм подеднакво е снаодлив во градска гужва и уверливо стабилен на автопат. Неговата основна намена и начин на користење сугерира дека автомобилот не цели кон динамично возење и затоа во прв план избива комфорно подесената суспензија и леснотијата со која се управува, на ова се придодава и исклучителната економичност која е особено добредојдена во време кога цените на горивата се константно во пораст(најблаго кажано)!
Цена на тестираниот модел: 26.990 евра
Технички спецификации за Suzuki Swace 1.8 CVT Hybrid GL Plus
мотор | Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.798 cm3 |
пречник и од | 80,50 x 88,30 mm |
степен на компресија | 13,0:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото |
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување | 98 KС (72 kW) при 5.200 min/-1 |
максимална моќ на електро мотор | 72 КС (53 kW) |
максимална моќ на хибриден систем | 122 КС (90.5 kW) |
макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување | 142 Nm при 3.600 min-1 |
макс. вртежен момент на електро мотор | 163 Nm |
Макс. вртежен момент на хибриден систем | 230 Nm |
трансмисија | на предни тркала преку E-CVT безстепена автоматски менувач |
потпирање | напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад независно потпирање,, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 205/55 R16 (напред) 205/55 R16 (позади) |
каросерија | караван со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.650 x 1.790 x 1.460 mm |
меѓуоскино растојание | 2.700 mm |
траги (напред/назад ) | 1.530/1.530 mm |
тежина | 1.375 kg |
максимална тежина | 2.125 kg |
багажник | 596/1.606 литри |
резервоар | 43 литри |
максимална брзина | 180 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 11.1 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 8/7,2/7,7 l/100 km |
емисија на CO2 | 103 g/km |
Suzuki Swace во Македонија
Suzuki Swace 1.8 CVT Hybrid GL Plus | 26.990 евра |
Suzuki Swace 1.8 CVT Hybrid GLX | 29.990 евра |
Повеќе информации во Миркат или на тел. (02) 30 89 089
Конкуренти:
Toyota Corolla Touring Sports | од 28.090 до 34.690 евра |
Skoda Octavia Combi | од 23.460 до 38.110 евра |
Ford Focus Caravan | од 23.300 до 32.700 евра |
Kia Ceed SW | од 19.750 до 25.600 евра |