Тест Toyota Corolla Cross Executive Plus: Игра на сигурни карти
Моделот Corolla Cross е последното делче од сложувалката во семејството на Corolla кој за прв пат е сместен во СУВ сегментот каде се соочува со бројни ривали што со години го градат својот имиџ. Поради тоа Jапонците одлучија да се потпират на својата репутација и докажана хибридна технологија за да ја пренасочат публиката на своја страна.
Toyota Corolla Cross пристигнува релативно касно во еден од најконкурентните сегменти на автомобилскиот пазар каде силната конкуренција од веќе етаблираните модели како што се Volkswagen Tiguan, Nissan Qashqai, Kia Sportage & Co, се во полн залет. Од тука се наметнува прашањето дали понудата само на хибриден погон и поконзервативен стил на обликување на моделот ќе бидат доволни за да ја продолжат успешната приказна на јапонската марка.
Класиката никогаш не излегува од мода
Постојат многу начини како да се обликува СУВ со пет седишта, а со оглед на тоа што Corolla Cross е глобален автомобил за Toyota, тоа автоматски значи дека мора да привлече широка публика. Од таа причина дизајнерите на Toyota го одиграа овој дел релативно безбедно, особено ако во предвид се земат помалите „браќа“, моделите С-HR и Yaris Cross кои се истакнуваат со далеку повпечатливи дизајнерски решенија. Од друга страна пак, иако е дел на Corolla „брендот“ изгледот на надворешноста не дели естетски решенија со остатокот од семејството Corolla. Но, да не заборавиме, јапонскиот бренд многу добро ги познава своите купувачи, а во овој сегмент има многу од нив кои не се залетуваат по трендовски линии туку преферираат малку покласичен пристап кон нештата.
Како модел кој е дел од популарната СУВ категорија, протеренските елементи од типот на пластични обвивки околу лаковите на тркалата и праговите се неизбежни детаљи. Браниците на двата краја се изведени поробусно со цел за да создадат поцврст изглед, иако растојанието од подлогата не е соодветно за справување со екстремни терени, што е случај и кај конкурентските модели. Големите LED фарови го подобруваат чувството за ширина и се карактеризираат со препознатлив светлосен потпис, а сличен дизајн се применува и на задните светла. Над страничните прозори се протега хромирана лајсна која оди до столбот Ц, а во неа е втиснато името Corolla Cross. Тестираниот примерок стоеше на 18 инчни алуминиумски тркала кои се „облечени“ со пневматици 225/50 R18 прават добар баланс помеѓу естетиката и удобноста при возењето.
Вистинска мерка
Со должина од 4.460 мм Corolla Cross, е за 65 мм поголема од моделот C-HR, a 140 мм помала од ултра популарниот RAV4. Благодарение на своите разумни пропорции убаво се вклопува во средина ветувајќи доволно простор во двата седечки реда.
Чувство за простор станува очигледно штом ќе седнете на возачкото седиште кое веднаш ја обезбедува толку посакуваната покачена положба на седење и максимална видливост нанадвор која во случајов е одлична во сите правци. Но, ова е првенствено семеен автомобил, така што просторот на задните седишта е подеднакво важен, а патниците на задниот дел во оваа прилика ќе немаат многу простор за жалби. Задните врати се отвораат под доста широк агол, простор над главата има и за повисоки од 185 см, а големите задни прозорци придонесуваат за доброто чувство во кабината. Багажниот простор не е водечки во класата, но со 433 литри би требало да е повеќе од доволен за повеќемина, а доколку има потреба може да се зголеми до 1.337 литри кога задните седишта се преклопени.
Ергономија и технологија
Во поглед на новата технологија и се поприсутните екрани, пред возачот кај Corolla Cross е поставен 12,3 инчен дисплеј кој ги нуди сите потребни информации, но за разлика од конкурентите нуди мал степен на конфигурација. Со ваквиот пристап Toyota се обиде да создаде што е можно помалку комплицирано решение кое нема да го одвлекува вниманието на лицето кое управува со возилото. Истото важи и за 10,5 инчниот екран на инфозабавниот систем кој е максимално функционален, извонредно брз и без непотребни префрлување на одредени функции на екранот. Достапно е безжично поврзување со Apple CarPlay системот, додека за корисниците на Android Auto е предвидено поврзување со кабел. Физичките контроли се задржани за секојдневните функции како што е прилагодувањето на контролата на климата, што прави нејзиното користење да биде крајно едноставно, како во времињата кога се ни беше на дофаат.
Егрономски, целокупниот распоред во кабината е исклучително добар, акцентот е ставен на практичноста, а материјалите кои се користени се на исто ниво како кај повеќето модели од сегментот.
Единствено со хибридна моторизација
Срцето на новата Corolla Cross е исто така новиот хибриден систем на Toyota од петтата генерација. Со искуство подолго од 25 години јапонскиот бренд многу добро ја познава хибридната технологија, а во оваа, нова верзија направи бројни подобрувања. Најзабележителна е употребата на нова литиум-јонска батерија со капацитет од 4.08 Ah која е покомпактна и полесна, со што заштедува 14% во тежина во однос на претходната верзија, а истовремено ја зголемува нејзината моќност за 14%. Тоа во пракса значи дека возењето на струја ќе трае малку подолго, а моќта која ја испорачува делува поуверливо.
Базата на хибридниот систем ја сочинува 2 литарскиот бензинец кој произведува 152 КС и работи во константна спрега со електромотор поставен на предната оска што дополнително создава 111 КС за вкупна системска моќност од 197 КС и 202 Нм влечна сила. За оние кои сакаат погон на сите тркала во понуда е и верзијата со дополнителен ел. мотор на задната оска која располага со иста комбинирана сила.
Во тестираниот примерок, електро-механичкиот склоп својата сила ја пренесува кон предната оска преку (Е-CVT) континуирана варијабилна трансмисија која на Corolla Cross и обезбедува забрзување до 100 км/ч за 7,6 секунди. Иако постигнувањата се над очекуваното и во рангот на „хотхеч“ моделите од минатата генерација во реалноста, малкумина ќе се одлучат за овој модел поради перформанисте, наместо тоа, Corolla Cross се истакнува кога се вози со посмирено темпо. Со само мала промена во вашиот стил на возење многу е едноставно да се извлече поголема ефикасност од хибридниот погон, исклучувајќи го бензинскиот мотор и дозволувајќи му на системот да ја искористи складираната енергија од батеријата преку електричниот мотор. При нормално крстарење Corolla Cross може да се движи дури и со поголеми брзини на автопатот без да го користи моторот со внатрешно согорување.
Префинетост на патот
Настрана погонската единица, но оваа Toyota навистина вози со соодветен степен на удобност и префинетост. Поседува пристојна контрола во свиоците, можеби и недостига дел од ангажманот кој што сме го сретнале кај некои поспортски кросовери, но во нејзина одбрана, Corolla Cross не се ни труди да биде таков тип на автомобил. Ефикасноста и удобноста е местото каде што овој автомобил изгледа најсреќно. Како факт кој го потврдува сето ова доаѓа и податокот дека во текот на неколкудневното дружење, покривајќи различни услови на возење патниот компјутер покажа комбинирана потрошувачка од 6,3 литри/100 км, што за автомобил со оваа големина е целосно за почит.
Покрај тоа што Toyota во голема мера игра безбедно со Corolla Cross, сметаме дека успеа да ги погоди сите главни точки што купувачите ги бараат од еден СУВ автомобил со средна големина. Комбинацијата на практични карактеристики, пристојниот внатрешен простор и понудата на хибриден двигател треба да гарантира дека во блиска иднина Cross изведбата лесно може да се претвори во најпопуларен модели на брендот, продолжувајќи го повеќе деценискиот успех на веќе легендарното име Corolla.
Цена на тестираниот модел: 40.790 евра
Технички спецификации за Toyota Corolla Cross Executive Plus 2.0 HEV 2 WD
Мотор | Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.987 cm3 |
пречник и од | 80,5 x 97,5 mm |
степен на компресија | 14.0:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото |
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување | 152 KС ( 112 kW) при 6.000 min/-1 |
максимална моќ на електро мотор | 111 КС ( 82.7kW) |
максимална моќ на хибриден систем | 197 КС (182 kW) при 3.500 min/-1 |
макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување | 190 Nm при 4.400-5.200 min/-1 |
макс. вртежен момент на преден електро мотор | 206 Nm |
макс. вртежен момент на хибриден систем | 202 Nm при 3.600-5.200 min/-1 |
Трансмисија | на предни тркала преку E-CVT безстепена автоматски менувач |
Потпирање | напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 225/50 R18 (напред) 225/50 R18 (позади) |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.460 x 1.825 x 1.620 mm |
меѓуоскино растојание | 2.640 mm |
траги (напред/назад ) | 1.567/1.579 mm |
Тежина | 1.445 kg |
максимална тежина | 1.855kg |
Багажник | 433/1.337литри |
Резервоар | 43 литри |
максимална брзина | 180 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 7.5 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | //5 l/100 km |
емисија на CO2 | 113 g/km |
Toyota Corolla Cross во Македонија
Corolla Cross Executive 2.0 HEV 2 WD 38.490 евра
Сorolla Cross Executive Plus 2.0 HEV 2 WD 40.790 евра
Corolla Cross Luxury 2.0 HEV 2 WD 44.290 евра
Сorolla Cross Executive 2.0 HEV 4WD 40.390 евра
Corolla Cross Executive Plus 2.0 HEV 4WD 42.590 евра
Сorolla Cross Luxury 2.0 HEV 4WD 45.990 евра
Повеќе информации во Toyota Авто Центар или на тел. (02) 30 88 880
Конкуренти:
Skoda Karoq |
oд 34.710 до 39.380 евра |
Seat Ateca |
oд 23.821 до 39.376 евра |
Kia Sportage |
oд 25.900 до 42.900 евра |
Hyundai Tucson |
oд 25.500 до 42.700 евра |
Nissan Qashqai |
oд 31.400 до 45.150 евра |
Ford Kuga |
oд 32.900 до 46.900 евра |
Peugeot 3008 |
oд 31.420 до 65.110 евра |
Citroen C5 Aircross |
oд 29.990 до 39.190 евра |