Тест Toyota Corolla GR Sport: Елеганција со спортски шмек
Јапонскиот производител Toyota веќе извесно време во својата гама ги има GR Sport изведбите за своите модели, дизајн инспириран од Gazoo Raсing одделот на компанијата, задолжен за мотоспортот. Кога станува збор за поставата на Corolla, GR Sport најпрво се појави кај хечбек и караван изведбата. Сега, последен во низата е и седанот, кој го добива овој спортски шмек, кој одлично се вклопува и го комплементира елегантниот дизајн на оваа каросериска изведба која и понатаму е атрактивна за купувачите, особено во овие предели. Со изглед инспириран од моделите GR на Toyota кои јасно обезбедуваат перформанси и ги носат боите на Toyota Gazoo Racing, опремата GR Sport носи младешки и подинамичен изглед на елегантниот и препознатлив дизајн на седан.
Одлуката на Toyota да ја направи седанската верзија на Corolla попривлечна за младите купувачи со новата GR Sport изведба делува сосема логична и е во согласност со визијата на Акидо Тојода, првиот човек на јапонскиот гигант кој вети дека Toyota повеќе никогаш нема да прави досадни автомобили. Оваа фраза е повторена неколкупати во изминатиот период, но кај Corolla Sedan GR Sport, таа навистина излегува на виделина уште при првиот поглед. Она што вреди да се напомене е дека GR Sport изведбата не е класична GR верзија, односно промените се исклучиво козметички, но тоа не значи дека возбудата кога ќе го погледнете автомобилот одблиску, или кога ќе седнете зад управувачот, не е подеднакво иста како да имате средба со чистокрвен спортски автомобил.
Спортски стајлинг
Кога станува збор за самиот стајлинг, Toyota Corolla GR Sport добива неколку додатоци кои го привлекуваат вниманието и оставаат силен впечаток при првата средба. Хромираните детали околу целиот автомобил се заменети со сјајно-црни елементи, а црни се и страничните ретровизори, столбовите на вратите и страничните прагови. Предниот браник добива црни додатоци, а купувачите ќе можат да добијат 17 или 18-инчни десеткраки тркала со специјални GR ознаки и детали. Изгледот се заокружува со дискретен спојлер, црн декоративен елемент над регистерската табличка, како и GR Sport значки. Динамичниот карактер се рефлектира и во дискретно интегрираниот спојлер на капакот на багажникот, во боја на каросеријата, црната задна лента над регистарската табличка и значката GR SPORT одзади. Севкупно, со овие измени конзервативната изведба на новата Corolla веќе добива сосема нова природа и изглед.
Со самото влегување во кабината, веќе имаме сосема различна приказна во однос на „обичната“ Corolla. Оваа GR Sport добива црн тапацир на кровот и детали изработени од избрусен алуминиум. Ексклузивната суспензија GR Sport и значките додаваат карактер, додека перфорираниот кожен волан суптилно подобрен со црвени шевови создава непогрешливо спортско чувство, заедно со спортските предни седишта кои го држат телото подеднакво добро, благодарение на одличните странични потпирачи и интегрираните потпирачи за глава. Навлаките на седиштата се комбинација од црна ткаенина и висококвалитетна вештачка кожа, со контрастни вертикални шевови во бела и црна боја, во согласност со боите на Toyota Gazoo Racing. Истиот третман и комбинација на бои се применува на задната клупа. Секој модел е опремен со двојна автоматска климатизација, стакло за приватност, LED светла и сеопфатни безбедносни спецификации – инспирирајќи доверба и удобност зад воланот.
Спортски, а сепак елегантен
Внатрешноста е иста како и остатокот од семејството Corolla, што значи пријатна за око, функционална и добра. Corolla Sedan доаѓа со два дигитални екрани, 7-инчен TFT екран во боја сместен во центарот на таблата со инструменти и 8-инчен мултимедијален екран сместен на врвот на централната конзола. Екранот на инструмент таблата може да се прилагоди, но некако ни се чини дека е малку пренатрупан со информации. Од една страна, тоа е добро затоа што ги имате сите информации на прв поглед, но од друга страна, понекогаш изгледа премногу гужва. Мултимедијалниот екран ја носи најновата генерација на софтвер, кој сега е помодерен, поубав и многу побрз во работењето.
Секако треба да се нагласи дека меѓуоскиното растојание е за 6 сантиметри поголемо од Corolla во хечбек издание, што обезбедува повеќе простор за колената на задната клупа. Вкупната должина е за 26 cm подолга во компактната верзија и носи 158 литри поголем багажник, односно вкупно 471 литри, со отвор доволно голем за седан.
Сorolla Sedan со хибриден погон
Кога станува збор за погонскиот систем, тука под хаубата конечно дочекавме Сorolla Sedan со хибриден погон. Впрочем, GR Sport изданието е достапно како пакет на опременост само кај хибридната верзија на Сorolla Sedan. Станува збор за комбинација од 1,8-литарски бензински мотор со 98 КС и електромотор со 72 КС, кои во комбинација даваат комбинирана моќност од 122 КС при 5.200 вртежи, а се спарени со автоматски CVT менувач, кои делуваат сосема прикладно на природата на Corolla Sedan. Имено, иако вкупната моќност од 122 КС не изгледа многу, Corolla Sedan GR Sport е доста жив автомобил. Забрзувањата се добри за секојдневно возење во сите сообраќајни услови, па дури и забрзувањето до 100 км/ч за 11 секунди не е премногу бавно. Впрочем, на крајот на краиштата, сепак станува збор за седан кој добива спортски шмек, а не чистокрвен спортски модел.
Кога се зборува за економичност, вреди да се напомене дека овој модел е еден од најекономичните со кои сме имаше прилика да се дружиме. Просекот на потрошувачка изнесува некаде околу 4,9 литри на 100 км, а ги опфаќа сите видови на возење, а најмногу градско возење, но ниту таквите услови не беше „штедено“. При повисоки брзини, СVT менувачот делува уште порафинирано, благодарение на што чувството е уште „помазно“, за уште поголем кофмор при возењето.
Одличен на патот
Но, бројките за ефикасност не се главната причина зошто постои оваа верзија со спортски стил и ознака во однос на поконзервативниот модел во гамата – повеќе е за тоа како се вози. И тука Сorolla Sedan GR Sport постигнува добри резултати. Иако нема никакви механички измени, фер е да се каже дека овој автомобил воопшто и не му се потребни, бидејќи стандардниот автомобил самиот по себе е мошне добар. Без разлика дали ќе ја изберете базичната Corolla Sedan или на овој врвен модел GR Sport, сите Corolla одлично се справуваат со управливоста. Шасијата се чувствува агилно и одлично влегува во кривините, а управувањето е добро измерено. Единствената вистинска разлика што се чувствува во GR Sport е поцврстото возење благодарение на поголемите тркала, а тоа и дава на Corolla поголема рамнотежа при свиоци.
Иако без механички подобрувања, Toyota Сorolla Sedan GR Sport дефинитивно изгледа како дел од вистинското GR семејство, а спортските седишта се добредојден допир во кабината. Остатокот од распоредот е исто така повеќе од прифатлив, светли и јасни дигитални инструменти и едноставен дизајн на контролната табла украсен со голем екран на допир. Управувањето се чувствува добро тежино, моторот брзо се подига, а при лесни активирања барем сопирачките лесно се модулираат. Возењето е исто така еластично и со типично тесната конструкција на Toyota и цврстата структура, има вистинско чувство на интегритет во автомобилот. Се на се, впечатокот е дека Corolla Sedan GR Sport го задржува нивото на елеганија кое се очекува од еден ваков автомобил, а сепак успева да разбуди спортско чувство благодарение на елементите, додека економичноста и разумноста и понатаму остануваат во прв план.
Цена на тестираниот модел: 30.090 евра
Технички податоци за Toyota Corolla Sedan GR Sport 1.8 Hybrid E-СVT:
мотор | Euro VI AG, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.798 cm3 |
пречник и од | 80,50 x 88,30 mm |
степен на компресија | 13,0:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа |
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување | 98 KС (72 kW) при 5.200 min/-1 |
максимална моќ на електромотор | 72 КС |
максимална моќ на хибриден систем | 122 КС (90 kW) |
макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување | 142 Nm при 3.600 min-1 |
макс. вртежен момент на електромотор | 163 Nm |
трансмисија | на предните тркала преку E-CVT безстепен автоматски менувач |
потпирање | напред независен Мекферсонов систем со стабилизатор, назад двојни рамена |
сопирачки | напред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 225/45 R17 |
каросерија | седан со четири врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.630 x 1.780 x 1.435 mm |
меѓуоскино растојание | 2.700 mm |
предно надвиснување | 935 mm |
задно надвиснување | 995 mm |
траги (напред/назад ) | 1.531/1.544 mm |
тежина | 1.340-1.385 kg |
коефициент на отпор | 0.282 |
багажник | 471 литри |
резервоар | 43 литри |
максимална брзина | 180 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 11 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,5-5,0/100 km |
емисија на CO2 | 103-116 g/km |
Toyota Corolla Sedan во Македонија:
Toyota Corolla Sedan Business 1.5 Valvematiс 6 MT | 21.990 |
Toyota Corolla Sedan Business 1.8 Hybrid E-СVT | 24.890 |
Toyota Corolla Sedan Exeсutive 1.5 Valvematiс 6 MT | 22.990 |
Toyota Corolla Sedan Exeсutive 1.5 Valvematiс СVT | 24.990 |
Toyota Corolla Sedan Exeсutive 1.8 Hybrid E-СVT | 26.890 |
Toyota Corolla Sedan GR Sport 1.8 Hybrid E-СVT | 30.090 |
Конкуренти:
Mazda 3 | од 19.606 до 33.034 евра |
Hyundai Elantra | од 15.200 до 17.900 евра |
Honda Сiviс | од 23.990 до 29.990 евра |