Тест Toyota Land Cruiser: Легендата продолжува

Компанијата Toyota со моделот Land Cruiser создаде синоним за робусност, сигурност и издржливост кој трае повеќе од седум децении. Од своето деби во 1951 година како серија BJ, па сè до денес, Land Cruiser е возило што останува неприкосновен симбол на теренска супериорност, способен да ги совлада најекстремните предизвици, од безмилосни пустини до непроодни планински терени.
Со најновата генерација, Toyota ја продолжува оваа славна традиција, претставувајќи го Land Cruiser 250, наследникот кој ја враќа филозофијата на оригиналниот модел, но со модерен пристап. За разлика од претходно, новата „250 серија“ се нуди во една каросериска изведба, верзија со две врати и кратко меѓуоскино растојание е испратена во привремена пензија. Но, без разлика на формата во кој доаѓа, Land Cruiser е подготвен да ја продолжи мисијата и легендарната репутација на возило кое има способност да се справи со најтешките услови, каде и да се наоѓа, зад оваа изјав стојат факти потврдени на сите континенти.
Спој на наследството и современото
Дизајнот на новиот Land Cruiser е истовремено модерен и препознатлив. Toyota го опишува како „спој на наследството и современото“ – возило кое со својата силуета и карактеристични линии потсетува на легендарните 40 и 70 серии, но со свеж, современ израз. Долгиот капак, исправеното ветробранско стакло, краткиот преден превес ја дефинираат неговата препознатлива појава.
Визуелно, носи поаголни и посилно исцртани линии во однос на претходникот, со посебен акцент на вертикални и хоризонтални површини кои ја нагласуваат неговата робусност. Предната маска е широка, а на неа доминираат впечатливи квадратни светлосни групи со LED технологија, кои се инспирирани од стилот на оригиналната серија 40, а за потсетување од која куќа доаѓа, тука е и големиот логотип на марката.
Гледајќи го одстрана, доминира долгата и рамна линија на покривот, поддржана од квадратни прозорци кои го задржуваат класичниот идентитет. Трапезоидните заштитни лакови на тркалата, обложени со мат црна пластика, му даваат робусен изглед и ја истакнуваат неговата подготвеност за терен. Под нив се наоѓаат 18 инчни алуминиумски фелни и гуми со димензии 265/65, кои совршено го комплетираат изгледот.
Задниот дел е минималистички, со едноставни светлосни групи и голем напис на компаниското име по средината на багажникот, што е уште еден омаж на минатото. Под браникот, заштитата на подвозјето потсетува дека не е само за градска употреба, туку дека станува збор за теренец создаден да издржи и тоа не само визуелно, туку во реални услови.
Функционалност со модерен допир
Кабината на новиот Land Cruiser ја задржува својата утилитарна суштина, но со значајни подобрувања во квалитетот на материјалите и ергономијата. Марката избира материјали кои се наменети да издржат години макотрпно користење, но истовремено овозможуваат пријатно чувство на допир. Завршната обработка е на доста виско ниво што се забележува по споевите низ кабината.
Пространоста е еден од клучните адути во конкретиниов случај. Предните седишта нудат изобилство на простор и поддршка, со широка зона на подесувања. Задната клупа овозможува комотно сместување за тројца возрасни, со доволно простор за колената и главата, дури и за повисоки патници. Багажниот простор е конфигурабилен во зависност кои се вашите моментални потреби, варијацијата се движи од огромен-комбиевски до нормален-хечбек волумен. Лесно пристапен, со рамна товарна површина и можност од него да се извлечат дополнителни две седишата кои се на преклопување, а кога не се користат неприметно „потонуваат“ во багажникот со што се зголемува неговиот капацитетот.
Дизајнот на инструмент таблата е фокусиран на практичност, копчињата и командите се големи и лесни за ракување дури и со ракавици, а централната конзола е логично организирана. Електронските контроли за теренските режими се сместени блиску до менувачот, што е особено добредојдено за лесен пристап при возење на тежок терен. Посебно внимание е посветено на видливоста, со тенки А столбови на ветробранското стакло и големи странични огледала кои овозможуваат подобар преглед на околината, што се смета како клучен елемент при возење надвор од патот.
Во срцето на ентериерот се наоѓа новиот 12.3-инчен мултимедијален екран, кој го користи најновиот инфотејнмент систем на Toyota. Системот е интуитивен, со брз одзив на команди, лесно мени и поддршка за безжични Apple CarPlay и Android Auto. Системот е прилагоден и за потребите на off-road ентузијастите, каде камерите со поглед од 360 степени креираат слика која покажува што се наоѓа под возилото, функција која на возачот во голема мерка му помага при совладување на пречки вон асфалтната подлога.
Во секое време, на секоја подлога
Нашата средба со новиот Land Cruiser вклучуваше тестирање на асфалт и надвор од патот, токму таму каде што неговата суштина најмногу доаѓа до израз. Иако неговата надворешност визуелно остава силен впечаток, вистинската трансформација се случува таму каде што не се гледа, а тоа е под каросеријата. Новата генерација ја користи платформата GA-F, развиена за поголемиот брат од „серијата 300“, која останува верна на традиционалната конструкција.
Она што е ново е начинот на кој е изработена, марката имплементира напредни техники за зајакнување околу критичните делови на каросеријата. Како резултат е добиена 50% поголема торзиона крутост на рамата и 30% поцврста структура на целото возило, што директно се одразува во подобра стабилност, прецизност и рафинираност при возење. На асфалтен пат, новиот Land Cruiser веднаш се чувствува многу пософистициран и полесен за контролирање.
Под хаубата работи унапредена верзија на добро познатиот 2.8-литарскиот турбодизел агрегат, кој користи нов, поефикасен турбополнач со што е добиена подобра реакција и поголема еластичност. Со 500 Nm вртежен момент достапни уште од 1.600 вртежи, Land Cruiser повлекува моќно и сигурно, додека осумстепениот автоматски менувач вешто ги користи перформансите за удобно и предвидливо возење. И покрај својата масивност и теренска ориентација, Land Cruiser изненадува со економичноста. За време на тестот, просечната потрошувачка на гориво не премина 10,5 литри дизел на 100 километри, резултат што е навистина респектабилен за возило со вакви димензии, тежина од преку 2.300 килограми и сериозни погонски карактеристики. Забрзувањето до 100 км/ч за помалку од 10 секунди и крајната брзина од 175 км/ч се податоци се солидни постигнувања, но никогаш не се во прв план кај овој тип на возила.
Возачот седи високо на командна позиција, што веднаш содава чувство на доминација над патот. Редизајнираната суспензија ја подобрува стабилноста и комфорот на асфалт, но без компромис за теренските способности. Во моментот кога Land Cruiser ја напушта асфалтната патека, тогаш до израз доаѓа неговата вистинска природа. Со перманентен погон на сите тркала, централен и заден блокирачки диференцијал, како и интелигентни системи за помош како, „Crawl Control“ и „Downhill Assist Control“, делува на начин што најпредизвикувачките терени да изгледаат како лесна прошетка. Дури и возачи без многу искуство во „off-road“ услови брзо ќе стекнат доверба, благодарение на интуитивните системи кои работат во позадина. Во целиот процес голема заслуга имаат и 215 мм одалеченост од тлото, како и аглите на пристапување и одстапување од 32 и 22 степени, лесно се справува со препреките, без непотребни контакти со подлогата.
Со серијата 250 марката ја задржа магијата на оригиналниот Land Cruiser, но летвичката ја подигна на повисоко ниво, со целосна почит кон минатото, но подготвен за предизвиците на иднината. Овa e модел што е многу повеќе од обичните SUV модели кои го сретнуваме секојдневно по градските улици, тој е вистинска алатка, сојузник и компањон за сите оние што бараат доверлив партнер без разлика на условите и теренот кој треба да се премине. Карактеристики кои му овозможуваа и по 70 години да остане на врвот во својата класа.
Цената на тестираниот примерок 95.290 евра
Технички податоци за Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D 8Aut Executive
Мотор | Euro VI, дизелски, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 2.755 cm3 |
пречник и од | 92,00 x 103,60 mm |
степен на компресија | 15,6 : 1 |
Напојување | четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, турбо полнач |
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување | 204 KС (150 kW) при 3.400 min/-1 |
макс. вртежен момент | 500 Nm при 1.600 – 2.400 min-1 |
Трансмисија | на сите четири тркала преку 8 степен автоматски менувач |
Потпирање | напред независен систем, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 265/65 R18 |
Каросерија | теренец со пет врати, седум седишта |
должина х ширина х висина | 4.925 x 1.980 x 1.935 mm |
меѓуоскино растојание | 2.850 mm |
траги (напред/назад) | 1.664/ 1.668 mm |
тежина | 2.325 kg |
максимална тежина | 2.795 kg |
багажен капацитет | 571 литри (со соборен трет ред на седишата) |
резервоар | 80 литри |
максимална брзина | 175 km/h |
забрзување 0-100 km/h | -.- секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | -,-/ -,-/ 9,1 л/ 100 km |
емисија на CO2 | 288 г/км |
Toyota Land Cruiser во Македонија:
Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D 8Aut Comfort | 85.990 евра |
Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D 8Aut Executive | 95.290 евра |
Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D 8Aut Luxury | 103.990 евра |
Повеќе информации во Toyota Авто Центар или на тел. (02) 3088 880
Конкуренти:
Jeep Wrangler | од –,– до –,– евра |
Land Rover Defender | од –,– до –,– евра |
Ineos Grenadier | од –,– до –,– евра |